Достапни линкови

Балкански самит за балкански проблеми


Спорот меѓу Македонија и Бугарија, како и Србија и Косово и генерално проблемите со кои се соочуваат земјите од регионот беа во фокусот на отворањето на Самитот на Западен Балкан во Скопје.

За педесет отсто ќе се зголемат шансите за после изборите во Македонија и во Бугарија да се дојде до решение за отворените прашања меѓу двете земји, порача премиерот Зоран Заев за време на Самитот за Западен Балкан во Скопје насловен „Промовирање на инклузивноста и солидарноста на Европа“ на панел на кој учествуваа и косовскиот премиер Албин Курти и заменик премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ. Според Заев, ЕУ била јасна и прецизна во врска со македонскиот идентитет и македонскиот јазик, дека тоа е право на самоиндентификување.

„Во последно време видов многу позитивни сигнали од Бугарија и тие го разбираат тоа. Дури и кога зборуваме меѓу себе, дури и на прес конференции тие велат македонски јазик и македонски народ, но официјално не го признаваат. Се надевам дека тоа ќе биде решено многу наскоро. Но, прво прашањето на блокадата мислам дека 50 отсто шансите ќе се зголемат после изборите во Бугарија и во Северна Македонија. Нема потреба ни да се формира Влада, туку да има потврда дека нема брзо да има избори. Ги продолживме дискусиите и ги имавме прашањата пред нас од двете страни и има решение, но јас разбирам зошто политичари не можат да ветат решенија на пример до крајот на годината бидејќи во меѓувреме има избори, но, продолжуваме да работиме. Тоа е нашиот начин“, рече Заев.

Тој додаде дека верува оти решението меѓу двете земји ќе биде огромна порака за охрабрување на цел Западен Балкан.

„Во моментов сите чекаат позитвен сигнал за Северна Македонија и Албанија. Верувам дека ќе има решение. Имам искуство во пронаоѓање на решенија во изминатите 4 години. Верувам дека до крајот на годината можно е решение, а после да ги решаваме останатите работи кои ќе останат, ако останат некои работи меѓу нас“, додаде Заев.

Заменик помошникот државен секретар за европски прашања на САД, Габриел Ескобар ја повика ЕУ да го интегрира Западен Балкан.

“Ние и европските партнери имаме договор што треба да се направи за Западен Балкан, а тоа е евроинтеграцијата. Ние ги поддржуваме балканските земји во аспирацијата да се приклучат на Унијата. Тоа би создало огромно количество на стабилност во регионот, а искуството со другите земји што влегоа во ЕУ го покажа тоа. Ова е крајниот стадиум што го предвидуваме за Западниот Балкан”, рече Ескобар.

Според него, нема друга перспектива за регионот. Ескобар посочи и дека искуство на САД досега е дека земјите од Западен Балкан се солидни партнери кои можат да бидат конструктивна сила во ЕУ, посочувајќи го примерот со прифаќањето на Авганистанци по преземањето на власта од страна на талибанците.

Косовскиот премиер Курти во однос на прашањето за проблемот со Србија околу регистарските таблици и инцидентот во Митровица дали чувствува одговорност за нестабилноста рече дека се борат и со корупцијата и криминалот, кој според него, е мултиетнички.

„Српски криминалци и албански криминалци, тие соработуваат лесно и ние ќе се бориме со тоа без разлика на се и на пример вчера наутро имаше акција во четири различни општини во Косово. Пеќ, Приштина, Северна и Јужна Митровица каде различни криминалци, Албанци и Срби соработувале и судијата на претходна постапка и обвинителот кој ја нареди ова полициска акција беше Србин и многу од полицајците беа Срби. Некои од полицајците кои беа повредени се Албанци, а некои Срби и мислам дека е погрешно да се става етнички знак или да се политизира борбата против криминал. Ние треба да соработуваме како различни земји од Западен Балкан потив организираниот криминал кој исто така, можеби е повеќе интегриран, отколку што сме ние“, рече Курти.

Инциденти на Косово, има повредени и упасени
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:42 0:00

Во однос на спорот со регистарските таблици, тоа рече Курти, било завршено на успешен начин со посредство на ЕУ и сега имаат одреден реципроцитет.

„Не би сакал да ги имаме овие стикери на државните симболи, но ако Србија ги користи тогаш и ние ќе мора да ги користиме. Со нетрпение го очекувам денот кога кога реципроцитетот нема да биде реципрочни бариери, туку попрво ќе ги отстраниме сите“, рече Курти.

Вицепремиерот на Црна Гора, Абазовиќ рече дека после ковид пандемијата балканските земји имаат нова шанса и треба подобро да соработуваат и да имаат подобро партнерство, солидарност и фокусот да се премести од негативните на позитивните работи.

„Кои се негативните работи во регионот. Негативните работи се дека се уште имаме национализам со некои аспекти на фашизам. Имаме различни видови на негативно влијание. Немаме слободна на медиуми или доволно слобода на медиуми. Имаме проблем со нашите институции, незавршена демократија со елементи на автократија и немаме дистрибуција на правда. Знам дека многу луѓе од Западен Балкан знаат дека за краток период нема да имаме подобар животен стандард. Но, од она што луѓето очекуваат на среден рок да имаат подобра дистрибуција на правда“, порача Абазовиќ.

Сите учесници на панелот се согласија дека корупцијата и владеење на правото
е еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан, но, порачаа и дека работат на нивното сузбивање.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG