Најмалку шест полицајци се здобиле со телесни повреди, десетина граѓани на Северна Митровица побарале лекарска помош и осумина се приведени. Ова е епилогот од инцидентите кои избија денеска во Северна Митровица и Звечан при полициската акција за која косовската полиција тврди дека имала за цел спречување на шверц.
Косовската полиција употреби солзавец против демонстрантите кои денеска се упатиле кон полициската станица во Северна Митровица, револтирани од акцијата против криумчарење стока.
Десет лица од српска националност побарале лекарска помош во болницата во Северна Митровица, од кои осумина се пуштени дома, а двајца се задржани на лекување во болницата, изјави за Радио Слободна Европа директорот на здравствениот дом Златан Елек.
„Еден е повреден во пределот на десното рамо и грбот, има скршеница на едно ребро, ранет е со куршум кој му поминал и излегол во пределот на вратот. Веднаш е направена итна операција, сопрено е крварењето и сега се наоѓа на интезивна нега. Вториот пациент е хоспитализиран и сега е во стабилна состојба со повреди во делот на градниот кош“ изјави Елек.
Тој додаде дека другите пациенти кои се пуштени на домашно лекување се стекнале со повреди од гумени куршуми, солзавец и шок бомби.
Како течеше полициската акција во Северна Митровица?
Во раните утрински часови во Северна Митровица се слушнале сирени на противпожани возила и возила на брза помош, јавија новинарите на терен на Радио Слободна Европа. Очевидци тврдат дека косовската полиција фрлила солзавец за да ги растераат демонстрантите кои тргнале кон полицијата, по што насобраните луѓе речиси се разотишле. Полициската акција продолжила во Звечан. И во оваа општина полицијата реагираше со солзавец откако граѓаните во Звечан фрлија тврди предмети кон полицијата.
Во меѓувреме група на локални жители од српска националност го блокирале магистралниот пат Приштина - Рашка во општина Звечан во знак на протест против полициската акција. На патот биле собрани околу 200 граѓани и поставени десетици камиони. Полициската акција била спроведена и во западниот дел на Косово во Пеќ.
"Додека во другите региони полициската кација помина без проблеми, во Северна Митровица се организираа криминални групи, направија блокади на патиштата со разни превозни средства. Тие употребија плински боци и шок бомби за да ги спречат во работата царинските и полициските службеници“ се вели во соопштението од косовската полиција.
Барикада направена од камиони беше поставена во Северна Митровица, во близина на населбата Бошњак.
Премиерот на Косово, Албин Курти, рече дека акцијата на косовската полиција, поради која населението на северот на Косово протестираше денеска, била насочена против шверцот на стоки во Приштина, Пеќ и Северна Митровица.
Претходно косовската полиција соопшти дека запленила разни стоки и одредени материјални докази за кои постоело сомневање дека се шверцувани.
Косовските власти соопштија дека полициските активности биле спроведени во координација со надлежните обвинителства и судови, по чија наредба се проверувале разни локации како станбени куќи, деловни простории, магацини итн.
„Криминалот и криминалните групи нема да бидат толерирани. Ќе има борба против нив. Ќе се бориме и ќе спречиме шверц“, напиша Курти на својот официјален фејсбук профил.
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, денеска ги повика НАТО и КФОР итно да реагираат на Косово и како што додаде „да го скротат премиерот на Косовo Албин Курти“.
„Ситуацијата е повеќе од драматична и ова е последен момент во кој е неопходна јасна реакција за да се запре лудата политика што ја води Приштина. Ваквото однесување ја надмина секоја мерка и не носи на работ на хаос“, се наведува во соопштението од кабинетот на српската премиерка.
Насилните инциденти на северот на Косово треба веднаш да се прекинат, изјави високиот претставник на Европската унија за надворешни работи, Жoзеп Борел, во врска со немирите во тој дел од земјата поради акцијата на косовската полиција против шверцот на стока.
"Едностраните и некоординирани дејствија што ја загрозуваат стабилноста се неприфатливи. Сите отворени прашања мора да се решат преку дијалог со посредство на ЕУ. Ние сме во контакт со Белград и Приштина", објави Борел на својот Твитер профил.
Здружението на новинари во Косово изрази загриженост поради небезбедните работи услови за медимите кои известуваа за случувањата во Северно Косово. Во нивното соопштение е наведено дека наводно неколку новинари биле нападнати во Северна Митровица.