Достапни линкови

„Бев анти-ваксер“: во Србија се вакцинираат и поради недоверба во здравството


недовербата е идентификувана како значаен фактор за отпор кон вакцинирањето против ковид-19
недовербата е идентификувана како значаен фактор за отпор кон вакцинирањето против ковид-19

Додека Србија се приближува до милион заразени и 8.500 смртни случаи, недовербата останува клучен фактор за забавената вакцинацијата против ковид-19. Енди Хејл

Пред шеснаесет месеци, веднаш по парламентарните избори и пред да се зголеми бројот на случаи на ковид-19, во југозападна Србија веќе имаше голем проблем. Градот Нови Пазар беше погоден од голем број инфекции на коронавирус.

Посетата на премиерката Ана Брнабиќ и нејзиниот министер за здравство имаше за цел да ја покаже националната решителност во борбата против пандемијата, но лекарите буквално им го свртеа грбот за да протестираат поради тоа што немаат заштитна опрема и други основни материјали.

Дваесет и четири отсто од заразените со ковид во изминатите два месеци биле вакцинирани

Но, тоа беше и строг потсетник за дефицитот на доверба во јавноста и српските власти кои ги потценија бројките на загинати од ковид-19 во Нови Пазар, претежно бошњачки град, но и на други места.

„Бев анти-ваксер поради недовербата во здравствениот систем“, вели Един Ризвановиќ, 48-годишен жител на Нови Пазар, за РСЕ, додавајќи: „Но, решив да се вакцинирам од слична причина – заради несоодветниот третман во нашата земја, барем што се однесува до Нови Пазар“.

Тој го наведува скандалот околу потценетиот број на смртни случаи како фактор во неговото двоумење за вакцината. Но, во средината на септември, околу 10 недели од сегашниот бран на ковид-19, Един се нареди со неколку негови пријатели за да се вакцинира.

„Од општо до специфично“

Низ целиот свет, недовербата е идентификувана како значаен фактор за отпор кон вакцинирањето против ковид-19. Можеби никаде повеќе отколку на Балканот, каде што дезинформациите преку интернет и поддршката на лажните вести и теориите на заговор придонесуваат за ниски стапки на вакцинација многу повеќе во споредба со остатокот од Европа.

Податоците од американскиот универзитет Џонс Хопкинс покажуваат дека ниту една земја од Западен Балкан нема целосно вакцинирано повеќе од 45 проценти од своето население, и покрај распространетата достапност на вакцини.

Во Србија, чиј претседател Александар Вучиќ со гордост го истакнуваше својот првичен успех во обезбедувањето кинески и руски вакцини, се вакцинирани само околу 42 проценти од своите 7 милиони жители.

Заштитата од вакцината на Фајзер/Бионтек се намалува со текот на времето

Северна Македонија и Црна Гора имаат по околу 35 проценти, Косово 30 проценти, а Босна и Херцеговина само 15 проценти.

„Во случајот со Србија, постои општа недоверба кон државата и политичките партии и институции“, вели Јасна Милошевиќ Ѓорѓевиќ, професор по социјална психологија на Универзитетот „Сингидунум“ во Белград, која е автор на истражување за антиваксерското чувство во тековната пандемија.

„Во истражувањето што го спроведовме, испитаниците ни рекоа, на пример, дека не веруваат во владејачката Српска напредна партија, но и дека не веруваат во владиниот кризен штаб, медицинскиот персонал и лекарите. Значи, недовербата се протега од онаа општата до онаа специфичната - во медицинскиот систем“, вели таа.

Една неодамнешна студија покажа дека во Данска, на пример, која целосно вакцинираше околу 75 проценти од граѓаните и која неодамна целосно се отвори, повеќе од 90 проценти од Данците им веруваат на своите здравствени власти.

Бранко Рихтман, микробиолог на Универзитетот Ворвик во Британија вели дека транспарентноста и навремените информации се вообичаена појава во земјите со високи стапки на вакцинација.

„Кога живеете во земја каде што се стекнуваат академски дипломи за неколку месеци, каде што се купуваат дипломи, каде што студентите купуваат дипломски тези, каде што болниците работат врз основа на „коверти“, не е чудно што луѓето не им веруваат на здравствените власти“, изјави за РСЕ Рихтман, кој беше волонтер во програмата за развој на вакцини против ковид-19.

Избор на вакцина

На првите приматели на вакцини во Србија често не им беше даден избор за тоа што сакаат да добијат, а главно стануваше збор за кинески и руски вакцини.

Сега српските власти имаат одобрено пет вакцини: кинеската „Синофарм“, руската „Спутник“, и вакцините на „Фајзер/БиоНТех“ и „Оксфорд/АстраЗенека“, заедно со вакцината на „Модерна“, која е овластена, но не е набавена.

Експертите се поделени околу корисноста на изборот меѓу вакцините во вакви национални кампањи за вакцинација.

Ризвановиќ сака да ја избегне кинеската вакцина, иако некои негови пријатели ја добија.

Бројот на месечната вакцинација во Нови Пазар се зголеми за трипати во септември, на повеќе од 3.600 дози, во население од речиси 79.000 жители, се наведува на веб-страницата на српската влада.

Сефадил Спахиќ, директор на Институтот за јавно здравје во Нови Пазар, изјави за РСЕ дека постојат неколку фактори кои стојат зад зголемувањето на бројот на вакцинации, а меѓу нив е и зголемената свесност на јавноста.

„Требаше напорно да работиме за да го подигнеме нивото на здравствена едукација во врска со вакцината“, вели Спахиќ, додавајќи дека сѐ уште постои силно лоби против вакцинација.

EУ: Русија и Кина сејат дезинформации за поткопување на довербата во западните вакцини

„Друг фактор е влошувањето на состојбата со епидемијата, кога имавме голем број луѓе кои се разболеа за кратко време, кога видовме дека тоа се претежно млади луѓе кои не се вакцинирани и кога имавме многу смртни случаи на невакцинирани луѓе“, наведува Спахиќ.

Ризвановиќ се вакцинирал, како што вели, делумно затоа што милиони негови сонародници и милијарди луѓе ширум светот минале без несакани ефекти. „Затоа се вакцинираат. Ако некој има придружна болест и овој коронавирус го погоди, тој не излегува од болница“, вели тој.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG