Босна и Херцеговина сама си ископа ковид-19 дупка. Земјата која политички и административно, беше до колена во неволји и пред пандемијата на коронавирусот - има трета највисока стапка на смртност по глава на жител во светот по Перу и Унгарија.
Но, сега се лизна уште подлабоко во дупката во борбата против ковид-19, со ниту една своја доза на вакцини надвор од малата количина донирана од меѓународниот систем КОВАКС и без сигурен начин да се знае каде стои на патот кон имунитетот на стадо.
Петнаесет месеци откако СЗО прогласи пандемија и шест месеци откако некои глобални лидери воведоа програми за масовна вакцинација, босанските власти признаваат дека немаат претстава колку од нивните граѓани се вакцинирани.
Со околу 3,8 милиони жители, Босна досега има увезено нешто повеќе од 530.000 дози. Тоа не е доволно ниту за целосно вакцинирање на приоритетните групи. И официјалните лица можат да потврдат дека околу 180.000 луѓе ја добија првата, а само 50.000 и втората доза.
„Само сакам да се вратам во нормален живот, а моментот кога се вакцинирав беше моментот кога го оставив коронавирусот зад мене“, вели Ирфан Годињак жител на Сараево за РСЕ. Годињак е еден од Босанците кои патувале во Србија за да примат руска и кинеска вакцина.
„За жал, властите во Босна не направија апсолутно ништо за да им овозможат на своите граѓани да се вакцинираат против коронавирусот. Веќе подолго време немам доверба во оваа земја и нејзиниот здравствен систем“, додава Годињак.
БиХ е втора во светот по смртни случаи од коронавирусот на милион жители
Босна - историски и етнички поделена со истиот Дејтонски договор со кој се формализира нејзиното постоење по Југославија по Босанската војна во 1995 година - имаше големи пречки во нејзиниот систем пред да се појави пандемијата.
Административната структура на земјата регулирана со тој договор создаде слаба централна влада, а повеќето овластувања се пренесени на двата автономни ентитета: муслиманско хрватската федерација и Република Српска, заедно со самостојниот округ Брчко. Здравствената заштита е меѓу овластувањата што ги надгледуваат ентитетите.
Значи, додека во рамките на федерацијата повеќето здравствени должности се делегирани на кантоните, Република Српска управува со високо централизиран систем на здравствена заштита кој понекогаш се потпира врз ресурси од соседна Србија.
Долго пред сегашната криза со јавното здравство, експерти на ОН предупредуваа дека системот „обезбедува само номинално покритие“ за многу Босанци. Во поново време, босанската држава нема законска моќ да преговара директно со производителите на вакцини, а пропадна и парламентарната иницијатива во мај за брза измена на законот на земјата за јавни набавки за да се овозможи побрзо купување на вакцини.
Србија како спас (за некои)
„Отидовме во Србија затоа што видовме дека тука оди многу бавно и не сум сигурна кога ќе дојде нашиот ред да ја примиме вакцината“, вели Милица Плавшиќ, жителка на Република Српска, која патуваше со сопругот во Србија за да се вакцинира.
Додека Босна во голема мерка луташе, српскиот претседател Александар Вучиќ се гордееше со одлуката на неговата администрација тесно да соработува со Кина за маски, медицинска опрема и вакцини.
Еден од резултатите на таа соработка се милиони дози на две вакцини развиени од кинеските компании Синофарм и Синовак, иако ниту една не е одобрена од европските или американските регулатори.
До март, Србија беше лидер на вакцинација по глава на жител и нудеше да вакцинира странци од каде било во светот. Околу 30.000 луѓе ја минаа босанско-српската граница во период од околу три дена по таа објава.
Важноста на податоците
Во одговор до РСЕ, српската влада вели дека има податоци за вкупниот број на странци што ги вакцинирала, но оти тие бројки не се поделени по земја.
Српските власти исто така велат дека немаат обврска да ги предаваат ваквите информации на земјите што ги бараат.
Експертите велат дека податоците за стапките на вакцинација и дисперзијата е клучна од неколку причини. Тоа е во срцето на сите напори за контрола на ковид-19 и им овозможува на надлежните подобро да ги насочуваат своите ресурси.
Балканот на вакцинација во Србија
Исто така, ја демонстрира безбедноста и ефикасноста на вакцините наспроти имунитетот на стадото преку природна инфекција, што е особено важно на Балканот, кој ја има една од највисоките стапки на „колебливост на вакцинацијата“ во Европа и светот.
Ефикасното следење на вакцинациите, исто така, ги штити најранливите сегменти на општеството - вклучително и новороденчињата и други кои не можат да се вакцинираат - и ги предупредува официјалните лица за ризикот од нови епидемии со повторното отворање на земјите. Ниту соодветните институции на ентитетите ниту на округот Брчко немаат сигурни податоци за вкупниот број на вакцинирани Босанци.
Здравствените власти на Република Српска се надеваат дека наскоро ќе започнат соработка со Српскиот институт за јавно здравје што ќе вклучува барање податоци за бројот на Босанците кои се вакцинирале таму. Но, портпаролката на здравствениот институт на Република Српска во Бања Лука, Милка Мрѓа, вели дека е „тотално непознато колку граѓани од Република Српска биле вакцинирани во Србија“
Податоците за двојните босански и српски државјани „можат да бидат проблем“, признава институтот. Многу од вакцинираните во Србија не кажуваат од каде потекнуваат. Имено, двојните државјани можат едноставно да покажат српски пасош.
Граѓани на БиХ даваат и до 2500 евра за лекови за спас од корона
„Затоа нашата препорака до сите граѓани е да ги повикаат своите матични лекари по вакцинирањето во Србија и да донесат потврда за вакцинацијата, затоа што тогаш можеме да ја повлечеме базата на податоци од здравствените домови“, вели Мрѓа, додавајќи: „Тоа е единствениот начин да се открие бројот на босански граѓани вакцинирани надвор од Босна и Херцеговина“.
Официјалните лица на 16 јуни јавно апелираа луѓето да го сторат токму тоа. Плавшиќ вели дека ја видела поканата и планира да се регистрира.
„И покрај тоа што не е задолжително, секако дека ќе одам и ќе пријавам дека се вакцинирав во Србија. Имам многу пријатели во моето соседство кои го сторија истото, и мислам дека е важно да се регистрираме некаде, така што во одреден момент ќе имаме евиденција за точно колку луѓе во Босна се вакцинирани“, вели Плавшиќ.
„Не може да се соберат“
Но, во моментов нема таква покана во рамките на федерацијата и нема податоци за тоа колку нејзини жители биле вакцинирани во странство. Шефицата на медицинските сестри во центарот за јавно здравје на областа Брчко, Зорка Мијатовиќ, вели дека ќе биде тешко да се утврди колку Босанци се вакцинирани против ковид-19.
Таквите информации „не можат да се собираат врз доброволна основа“, вели таа, додавајќи дека ниту една здравствена установа во земјата не е обврзана да внесува информации за вакцинација на нечија здравствена книшка.
„За жал, не се прават сериозни статистички податоци на тој начин, ниту Босна ќе добие некогаш релевантни податоци за тоа колку нејзини граѓани биле вакцинирани против коронавирусот“, вели Мијатовиќ.
Во април, органот за јавно здравје во Сараево, направи портал за граѓаните да се регистрираат дека биле целосно вакцинирани. Информациите од таа апликација преку интернет може на крајот да се искористат за издавање на сертификати за вакцинација, нешто како „ковид-пасош“. Досега тоа го сториле околу 5.000 граѓани, но официјалните лица сметаат дека реалната бројка е поголема.
„Се разбира, ова не е релевантен податок и тој број е секако поголем“, вели Амир Љубовиќ од Институтот за здравствено осигурување на кантонот Сараево. Тој цитира проценка од 10.000 Босанци вакцинирани само во март. „Но, никаде нема официјални податоци за тоа“, вели Љубовиќ.
Како до повеќе вакцини против ковид-19?
Брисел има отпор за ефикасноста на вакцините кои не се овластени како безбедни и ефективни од Европската агенција за лекови. Тука спаѓаат руската Спутник V и двете кинески вакцини кои се широко користени во Србија.
„Знам за апликацијата и се пријавив како вакциниран граѓанин. Но, верувајте ми, мислам дека ниту една земја нема да прифати податоци за вакцинација на нејзината граница што се издаваат на кантонална основа, туку ќе ги побара тие податоци на национално ниво“, вели Годињак.
За граѓани како Годињак со два пасоша има заобиколен пат. Но, тоа нема да биде случај за милиони Босанци без двојно државјанство. „Што се однесува до мене, сертификатот за вакцинација што го добив од Србија е единственото нешто што ќе го покажам“, вели тој.
Заклучно со 23 јуни, Босна забележа скоро 205.000 случаи на коронавирус и 9.650 починати.