Достапни линкови

Илузорно е да се очекува 80 отсто од населението да се вакцинира


Медицински тимови започнаа теренска вакцинација во рурални средини во Македонија
Медицински тимови започнаа теренска вакцинација во рурални средини во Македонија

Процентите за вакцинирани граѓани не треба да се земаат „здраво за готово“ оти попис нема речиси 20 години па не се знае колку луѓе живеат тука, вели професорот Никола Пановски. Според него илузорно е да се очекува да се вакцинира 80 отсто од населението, процент кој го спомена министерот Филипче.

Уште две третини вакцинирани фалат за да се постигне колективен имунитет на Ковид 19 кој го најави министерот за здравство Венко Филипче. Тој кажа дека за да се смета дека има колективен имунитет потребно е да се вакцинира 80 отсто од населението, а според сегашната статистика на Министерството за здравство барем една доза вакцина примиле 27,5 отсто од населението.

Но, микробилогот професорот Никола Пановски вели дека овие проценти не треба да се земаат „здраво за готово“ во земја која нема направено попис 19 години па не се знае колку реално луѓе живеат тука. Дополнително, додава тој, во бројката вакцинирани не се и оние што заминаа и се уште одат да примат вакцини во Србија, а кои според некои проценки се околу 50 000 луѓе.

Министерството, пак, излезе и со анализа по градови, па на пример рекордери во вакцинацијата се Кавадарци 43,5 отсто, а потоа следат Охрид со 42,9 отсто и Гевгелија со 41 отсто. Најмал процент на вакцинирани граѓани пак има во Дебар со 17,3 отсто, Тетово со 17,1 отсто и Кичево 15,8 отсто.

„И процентите по градови треба да се земат со резерва. Значи во Кичево и Тетово, ако на избори гласаат околу 40 отсто бидејќи повеќе од 50 отсто не се во државата не може да се сметаат за реални процентите. Таму каде што има поголема миграција испаѓаат и помали проценти“, вели Пановски.

Според Пановски, процентот што го спомена министерот како неопходен за колективен имунитет е недостижен. Споредувајќи со Израел каде што вакцинација почна во декември, a сега има околу 63 отсто вакцинирани барем со една доза, Пановски вели дека е илузорно да се очекува 80 отсто од населението да се вакцинира.

Министерот за здравство Филипче, пак, вели дека досегашниот процент на вакцинирани не е оној кој може да го заштити населението и предупреди дека граѓаните треба да бидат свесни дека ако не се вакцинираат имаат сериозни шанси да заболат и дека многу веројатно ќе бидат во болница.

„Вакцинацијата не е задолжителна, меѓутоа, да, размислуваме за некакви ограничувања од септември или октомври доколку се соочиме со нов бран. Сепак, не може сите да страдаме затоа што некој не се вакцинира“, рече Филипче.

Во меѓувреме делта сојот е регистриран и во Македонија, а според досегашните анализи минатата недела имало пет случаи од овој сој. Дневните бројки ново заболени тука, пак, се движат околу дваесетина , но во некои земји од регионот на пример во соседна Грција се драстично зголемени па е надмината бројката од 3500 нови регистрирани за 24 часа. Според Пановски во септември нема да се случи голем бран новозаболени како минатата есен, а неговите очекувања се дека ќе има по стотина дневни случаи.

„Ако е Грција пет пати поголема тоа значи дека на 100 000 жители има 30 пати повеќе случаи....Дали таму е поладно? Не, е потопло е. Дали ние сме подисциплинирани од нив? Не сме. Значи единствено образложение зошто таму има поголем број случаи е дека ние сепак имаме природен колективен имунитет. Ако имаме пет пати поголема смртност на милион жители од Грција нормално е дека имаме и пет пати повеќе луѓе што го поминале вирусот“, рече Пановски.

Инаку, во меѓувреме почна и кампања за вакцинација. Во видео порака неколку јавни личности порачаа „Вакцинирај се! Безбедно е, сигурно е!“. Во видеото, секој со своја порака и сведоштва раскажуваат како ја поминале пандемијата. Пораки до населението испраќаат доктор Никола Пановски, тренерот на фудбалската репрезентација Игор Ангеловски- Мрме, актерките Лабина Митевска и Амернис Нокшиќи, дел од актерите од Преспав, свештени лица од христијанска и муслиманска вероисповед, амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG