Белград и Приштина постигнаа договор за решавање на кризата во северно Косово, објави на 30 септември европскиот специјален претставник за дијалог Мирослав Лајчак. Тој на Твитер напиша дека има договор.
„По дводневни интензивни преговори штотуку е постигнат договор за деескалација и патот напред е постигнат“, напиша Лајчак, објавувајќи фотографија од документ со три точки кој ден претходно беше најавен од главниот преговарач на Косово Беким Бислими.
Тој им се заблагодари на преговарачите од Србија и Косово, Петар Петковиќ и Беким Бислими, за нивната подготвеност за договор.
Што е договорено?
Договорено е косовските власти да не ги симнуваат српските регистарски таблички, туку врз нив да ставаат налепници, а косовските специјалци да се тргнат од граничните премини Брњак и Јариње, а таму да остане КФОР. Треба да се формира работна група која ќе најде конечно решение за регистарските таблички.
Вучиќ - Задоволен сум со постигнатиот компромис
Српската страна го прифати компромисниот предлог за деескалација на ситуацијата, изјави претседателот на Србија Александар Вучиќ во Ниш, откако беше објавена веста дека е постигнат договор во Брисел.
„Мислам дека постигнавме еден вид компромисно решение со кое сум лично многу задоволен“, рече Вучиќ, а потоа ги прочита точките од договорот.
Оценувајќи дека договорот има „добри и лоши страни“, Вучиќ посочи дека „за Србија е важно РОСУ (Специјалната полиција на Косово) да се повлече (од северот) за „да го зачуваме мирот“, рече тој.
Премиерот на Косово Албин Курти по постигнувањето на договорот за регистарските таблички меѓу Белград и Приштина во Брисел изјави дека почнува „ерата на привикнување на Србија на реципроцитет“. Тој рече дека специјалната единица на косовската полиција (РОСУ) отишла на граничните премини Јариње и Брњак за да ги заштитат тие премини и полицијата од блокадите на патиштата.
„Со оглед на тоа што заминуваат, нашата специјална единица не мора да остане таму и секогаш останува спремна во иднина да интервенира во која било иста или слична прилика. КФОР ќе остане таму околу две недели за да се увери дека се е безбедно“, напиша Курти на Фејсбук.
Меѓународните претставници го поздравија договорот
Претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен и шефот за заедничка надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел го поздрави договорот за регистарските таблички постигнат меѓу Косово и Србија со посредство на европскиот специјален претставник Мирослав Лајчак во Брисел.
„Ова е многу позитивен развој по моите средби со претседателот Александар Вучиќ и премиерот Албин Курти. Тоа е добро за целион регион, дијалогот сега треба да продолжи“, напиша Фон дер Лајен на Твитер.
И Борел на Твитер напиша дека Косово и Србија треба конструктивно да се вклучат во дијалогот за да постигнат брз напредок во нормализирањето на меѓусебните односи.
Американскиот заменик помошниот државен секретар задолжен за Западниот Балкан, Габриел Ескобар оцени дека косовската Влада има право да применува реципроцитет, но дека таа одлука ги изненадила американските власти.
„Косовската Влада има право да применува реципроцитет. За тоа однапред бевме договорени. Меѓутоа, кога се работи за спроведување на тој реципроцитет, сметам дека таа одлука изненади многумина од нас“, изјави Ескобар на прес-конференција во Брисел.
Тој вели дека тоа сепак се случило, но дека му е драго што успеале да ги намалат тензиите.
„Гледано долгорочно, бараме трајно и европско решение за проблемот со регистарските таблички“, рече американскиот висок претставник.
Ескобар им порача на властите во Србија и во Косово дека администрацијата во Вашингтон во потполност ги поддржува и ќе продолжи со поддршката на напорите на европскиот специјален претставник за дијалог Мирослав Лајчак да се постигне нормализирање на односите меѓу двете земји.
Ескобар не исклучува можност САД да именуваат претставник во дијалогот, но додава дека за тоа дополнително ќе се одлучува.
И албанските политичари го поздравија договореното.
Тензиите меѓу Косово и Србија се зголемија пред една недела по одлуката на косовската влада за воведување на пробни косовски таблички за возилата со српски регистарски ознаки. Србите од северно Косово поради тоа ги блокираа патиштата кон граничните премини Брњак и Јариње кон Србија.
Србија, која не ја признава својата поранешна покраина како посебна нација и ја смета својата граница со Косово како „административна“ и привремена граница, со години симнува регистарски таблички од автомобили регистрирани од Косово, кои влегуваат во Србија. Возачите треба да платат пет евра за привремена регистарска табличка од 60 дена.