Достапни линкови

Попис - бројките неочекувани?


Пописот заврши, а бројките покaжаа помал број на население од последниот во 2002 година. Разлика има и во бројката на гласачи и попишани. Конечните резултати се очекуваат до крај на март наредната година.

По 20 години во земјава се спроведе попис, кој беше оценет како успешен, а на резултатите ќе треба да се почека до крајот на март наредната година. Попишани се 1.832.696 лица, 568.175 домаќинства и 837.255 станови. Пописот го бојкотирале околу 10 илјади граѓани. Преку апликацијата за самопопишување на дијаспората попишани се 204.805 државјани.

Поранешниот директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски вели дека пописот е на задоволително ниво ги дал потребните податоци за државата. Според него, занемарливи се бројките на населението, кое не е попишано и тие бројки ќе се надополнат со достапните бази на податоци на институциите.

Герасимовски: За бројките од пописот ќе се говори по конечните резултати
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:46 0:00
Директен линк

„Голем придонес е што пописот започна и се заврши и на дијаспората за попишаните. Бројките се за анализа и затоа после ова ќе се предмет на проверки, после ова ќе следи извештај на состојбите што е направено. Да не говорам влијанието на сите партии. Влијанието на хакерските упади. Влијанието на технички проблеми кои што сето тоа еве да речам успешно се надмина благодарение во најголем дел во овие две, три години од 2017-18 година што го направи исчекорот Владата на Р.С. Македонија за овој попис да се спроведе и заврши“, вели Герасимовски кој учествувал во пет пописи.

Директорот на Државниот завод за статистика (ДСЗ), Апостол Симовски изјави дека пописот успешно завршил.

„Немавме точна претстава со што ќе се соочиме на терен, со оглед на тоа што речиси 20 години немало попис во земјата, но после 20 години имаме успешен попис“, рече Симовски.

Според него, најголемиот дел од попишаните во дијаспората се од западноевропските држави, а многу помалку во прекуокеанските земји. Во однос на оние кои го бојкотирале пописот, Симовски рече се работи за минимална, занемарувачка борјка.

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека целата дијаспора не е попишана и поради тоа има разлика на попишаните со вкупниот број на гласачи.

„Од вкупната бројка кога ги гледате ја сфаќате логиката зошто сме околу милиони и осумсто илјади гласачи, а еве милион и осумсто и читириест илјади колку што точно објави Државниот завод за статистика сме жители, кои што живеат овде во државата. Заедно со дијаспората веројатно некаде околу два милиони и четириесет илјади се попишани. Но, тоа што останува на самоопределба за попишување е кај дијаспората и тука го гледаме делот на разликата на попишаните со вкупниот број на гласачи и е логично, изјави Заев.

На пописот во 2002 биле попишани 2.022.547 лица. Што значи дека за 20 години Македонија загубила околу 190 илјади луѓе.

Според Герасимовски, иако нема систем на следење на иселување надвор од земјата, но извештаите на ОН, Светска банка и Евростат укажуваат дека поголем број на население е иселен. Не е тајна, вели тој, дека Македонија е земја која во последните години има негативен природен прираст. Тој додава дека е важно оти земјата ја исполнила обврската која ја наметнуваат ОН за спроведување на попис на секои 10 години, а значаен е и за ЕУ.

„Да не говорам колку е значајно за ЕУ од потребите на податоци, од проекти и од средства финансиски, изградби и инфраструктури“, вели Герасимовски.

Поради технички проблеми, пописот во првите денови на кратко беше прекинат. Пописот се спроведе под строги здравствени протоколи и во услови на пандемија на ковид-19, согласно нова методологија на Евростат и за првпат со комбиниран модел – освен прибирање на податоци директно од населението на терен, се користеа и податоци од таканаречената Претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваа сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.

Во земјава последен пат се одржа попис во 2002, а обидот во 2011 беше неуспешен. Кога почна пописот Симовски рече дека очекува обработката да се изврши и порано и податоците за бидат објавени во јануари следната година. Статистичка операција, чини 8,5 милиони евра.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG