Достапни линкови

Системот за попишување и веб страната на Државниот завод за статистика биле цел на хакерски напади


Од МВР за РСЕ потврдија дека до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика има пристигнато пријави за ДДоС напади на веб страната и системот за попишување на Државниот завод за статистика. Според МВР, нападите се успешно одбиени.

Веб страната на Државниот завод за статистика и системот за попишување биле цел на хакерски напади и е отворена истрага, потврдија за Радио Слободна Европа од Министерството за внатрешни работи. Пописот во изминатата недела беше прекинат, а попишувачите два дена не беа на терен, а во одреден момент, како што тогаш сведочеа извори за РСЕ „целосно паднал“ системот за попишување. Од МВР тврдат дека нападите не предизвикале штета.

„До Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика има пристигнато пријави за ДДоС напади на веб страната и системот за попишување на Државниот завод за статистика, истите успешно се одбиени и не е предизвикана никаква штета и застој во работата како резултат на соодветната подготовка. Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика има отворена истрага за овие случаи“, велат од МВР за РСЕ.

Цел на ДДоС напад беше и веб страницата на Државната изборна комисија за време на објавувањето на резултатите од предвремените парламентарни избори во минатата година по што исто така беше започната истрага.

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски на денешната прес-конференција во Владата како и претходно и сега тврдеше дека се работи за мали технички проблеми, а не конкретно за хакерски напади.

„Точно е и јавноста беше информирана дека на самиот почеток имавме мали технички застој кој се надминати и три дена по ред без никакви проблеми се спроведува попишувањето и интензитетот е исклучително задоволувачки. Така што очекувам дека и наредниот период нема повеќе да имаме вакви случаи, но и да се случат постои цел тим позади нас кој што постојано е спремен, дежура, имаме еден голем пописен штаб така го нарекуваме каде што за секој дел и техничките решенија, меѓутоа и методолошките се присутни лица тие веднаш да се отстрануваат ако настанат. Така што не очекуваме никакви проблеми и се мислиме дека некаде на крајот на месецот ќе објавиме конечно дека сме завршиле со овој попис успешно и дека операцијата е целосно готова“, вели Симовски.

По прес-конференцијата веб страна на Државниот завод за статистика денеска повторно не беше во функција.

Веб страната на Државниот завод за статистика не е во функција
Веб страната на Државниот завод за статистика не е во функција

Симовски на 7 септември изјави дека паѓањето на електронската апликација за попис на населението била поради интервенцијата за апдејтирање, по што целиот систем бил рестартиран и биле отстранети сите т.н. „багови“.

По три дена од изјавата од Државниот завод за статистика на 10 септември по информациите во јавноста дека пописот е во прекин тврдеа дека тоа се должи на техничките интервенции кои се вршат во софтверот за пописната апликација поради што се диктира и прилагодува темпото на попишување заради санирање на пречките кои доведуваа до успорување на пописната апликација.

За разлика од системот за попишување тогаш за веб страните од Државниот завод за статистика информираа дека се под постојани напади и затоа во одредени периоди не се достапни поради, како што наведоа во соопштението, заштитите што се користат за спречување на овие напади.

„Странците се со највисоко ниво на безбедност, а податоците се заштитени на повеќе нивоа по највисоките ИТ стандарди,“ посочија тогаш од ДЗС и апелираа до јавноста да има разбирање за овие технички проблеми кои се вообичаени кога станува збор за масовни операции со користење на напредни технологии.

До денеска попишани се 512.457 лица, 158.519 домаќинства и 212.464 станови. Пописот започна на 5 септември и е во план да трае до крајот на месецот.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG