Пописот успешно заврши, рече вечерва директорот на Државниот завод за статистика (ДСЗ), Апостол Симовски. Најголемата статистичка операција во земјава траеше 26 дена, од 5 септември до денеска.
За време на Пописот 2021 попишани се 1.832.696 лица, 568.175 домаќинства и 837.255 станови.
„Немавме точна претстава со што ќе се соочиме на терен, со оглед на тоа што речиси 20 години немало попис во земјата, но после 20 години имаме успешен попис“, рече Симовски.
Во земјава последен пат се одржа попис во 2002, а обидот во 2011 беше неуспешен. На пописот во 2002 биле попишани 2.022.547 лица. За 20 години Македонија загубила 190 илјади луѓе.
Апликациите за попишување во земјата и за самопопишување на дијаспората се затворени вечерва во 20 часот.
Преку апликацијата за самопопишување на дијаспората попишани се 204.805 државјани од дијаспора, најмногу од нив се од западна европските земји, многу помал број од прекуокеанските земји, рече Симовски.
Во однос на оние кои го бојкотирале пописот, Симовски рече дека нивниот број е мал и станува збор за помалку од 10 илјади луѓе.
„Минимална, занемарувачка е таа бројка се изразува во промили, не во проценти. Нашата цел од почетокот беше да не казнуваме, но оние кои јасно одбија да бидат дел од пописот и има изјава за нив од попишувачите и ќе бидат покренати постапки, како тоа ќе заврши не зависи од нас понатаму, не сме таа институција која тоа ќе го споведува“, рече Симовски.
И оние кои не се попишале ќе се најдат во пописот, оти податоците за нив ќе бидат преземени од некоја од постоечките бази, рече Симовски.
Резултатите, според Законот за попис, се очекуваат во рок од шест месеци, до крајот на март следната година.
Кога почна пописот Симовски рече дека очекува обработката да се изврши и порано и податоците за бидат објавени во јануари следната година. Оваа статистичка операција, чини 8,5 милиони евра.
Државниот завод за статистика во следните неколку дена треба да ги направи последните проверки и сумирање на податоците, како и технички активности на раздолжување на попишувачите.
Пописот 2021 се спроведе под строги здравствени протоколи и во услови на пандемија на ковид-19, согласно нова методологија на Евростат и за првпат со комбиниран модел – освен прибирање на податоци директно од населението на терен, се користеа и податоци од таканаречената Претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваа сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.
Поради технички проблеми, пописот во првите денови на кратко беше прекинат.