Достапни линкови

Закочените евроинтеграции се „чист пенал“ за влијание од други страни


Илустрација: Изградба на автопатот Кичево - Охрид од страна на кинеската компанија Синохидро со кредит од кинеската Ексим банка
Илустрација: Изградба на автопатот Кичево - Охрид од страна на кинеската компанија Синохидро со кредит од кинеската Ексим банка

Toa се големи геополитички играчи кои не би промашиле ваква златна шанса што се нуди со застојот на евроинтеграциите, смета професор Ненад Марковиќ. Според Марко Трошановски од Институтот за демократиј пак поддршката за ЕУ во земјава е веќе преполовена.

Застојот во евроинтеграциите го отвора патот за зголемување на економското, но и политичко влијание во земјава од трети страни надвор од западната алијанса. Премиерот Зоран Заев, но и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, се оптимисти дека Македонија може да го надмине проблемот со Бугарија за кусо време и да ги почне преговорите за членство со ЕУ до крајот на годинава.

Сепак, имајќи ги предвид досегашните искуства, аналитичарите се сомневаат дека тоа е можно.

Вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров во специјалното обраќање на есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур вчера рече дека неисполнување на ветувањата кон регионот го урива кредибилитетот на Унијата, а довербата на граѓаните опаѓа.

„Живееме во време кога темелите на светскиот поредок се разнишани и непредвидливи, регионот е место на судир на различни геополитички сили. Европа треба да размисли дали повеќе ќе ја чини инвестицијата во интеграција на Западниот Балкан или цената што ќе се плати со изоставување на регионот“, рече вицепремиерот Димитров.

Доколку евроинтеграциите почнат да се одложуваат до недоглед тоа сигурно ќе биде порака до други земји дека може да го зголемуваат своето влијание во Македонија, вели професор Ненад Марковиќ во интервју за Радио Слободна Европа кое во целост ќе го емитуваме в недела.

„Кога веќе некој ми дава таков пенал со својата импотентност да заузда или на некој начин исконтролира една своја членка, тогај јас не знам зошто не би го шутнал тој пенал и не би ја искористил дадената прилика. Сепак, тоа се големи геополитички играчи кои не би промашиле ваква златна шанса. Тоа е празен гол, малтене. Така што, потоа не треба да се бара вината исклучиво во внатрешните политички фактори, кои би биле некаков прокси или, да не искористиме глупави термини, би соработувале со овие центри на моќ, зашто и некој друг се потрудил таа атмосфера да биде создадена. Тогаш вината ќе биде на повеќе страни“, вели Марковиќ.

Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетас цивилис Скопје вели дека поддршката за ЕУ во земјава е преполовена. Половина од популацијата смета дека постојат подобри или подеднакво добри системи на владеење како демократијата.

„Тоа остава простор за други влијанија коишто произлегуваат од држави со не толку демократски или либерални демократски системи да наметнат свое влијание во регионот. Тоа влијание може да се врши преку културни центри, религиски институции, па сè до бизнис секторот. Се разбира дека оддалечување од Европа, или оддалечување на ЕУ од нас, уште подобро кажано, ја намалува отпорноста на општеството кон вакви влијанија“, вели Трошановски.

Македонија стана земја-кандидат за членство во ЕУ во 2005 година, а од 2009 добива препорака за почеток на преговорите. Како главен проблем се посочуваше спорот за името со Грција. Во 2018, Македонија го смени името во Северна Македонија и Грција ја прекина блокадата на македонските евроинтеграции. Премиерот Зоран Заев потоа се пофали дека земјава добила датум за преговори, а тоа е јуни 2019, но во јуни таа година Германија побара одложување на одлуката за октомври поради тоа што Бундестагот немаше донесено одлука. Во октомври, пак, Франција го блокираше почетокот на преговори за да се промени методологијата. Методологијата се промени, но минатата година Бугарија го блокира стартот на преговорите, со тврдење дека Македонија ја краде бугарската историја, а македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Блокадата остана и годинава.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG