Достапни линкови

Вести

Портокалов аларм, температурата над 40 степени

Скопје, разладување на плоштадот Македонија
Скопје, разладување на плоштадот Македонија

Сончевото и многу топло време со температури над 40 степени продолжуваат и денеска, поради што во сила е портокаловиот метео аларм, а се издадени и препораки за заштита на населението. УХМР предупредува дека и во наредните денови во земјава ќе има натпросечни температури за овој период од годината. Максималните температурни вредности долж Повардарието за 2 до 3 степени ќе го надминуваат 40-иот степен.

Денеска максималната температура ќе достигне до 42 степена, а вредноста на УВ индекост до 9. Во Скопје ќе биде сончево и многу топло со слаб северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне 41 степен.

Надлежните апелираат да се почитуваат препораките за заштита од топлотниот бран. Без потреба да не се престојува на отворено, ранливите категории граѓани да се ослободат од работните обврски, да се внимава при консумација и чување на храната, да се внесуваат повеќе течност, а поради рикот за избувнување пожари да не се фрлаат отпушоци од цигари, да се ибегнува палење оган на отворено, како и други активности што можат да предизвикаат пожари.

види ги сите денешни вести

По 12 неуспешни обиди, Либан близу до избор на претседател

Генерал Џозеф Аун, врховен командант на либанската армија
Генерал Џозеф Аун, врховен командант на либанската армија

Либанскиот парламент се очекува денеска (9 јануари) да го избере генералот Џозеф Аун за нов претседател на државата, по повеќе од две години политички застој.

Аун (60), кој е врховен командант на либанската армија, е фаворит за функцијата.

Неговото именување би помогнало во надгледувањето на примирјето на југот на Либан, каде конфликтите со Израел оставија голема штета.

Либан нема претседател од октомври 2022 година, кога истече мандатот на Мишел Аун.

Дванаесет претходни обиди за избор на претседател пропаднаа поради политичките поделби.

Меѓународниот притисок за избор на претседател се зголемува, а дипломатите од САД, Франција и Саудиска Арабија бараат итно решавање на кризата.

САД најавија нов пакет воена помош за Украина од 500 милиони долари

Украинскиот претседател Володомир Зеленски и американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, 9 јануари 2025 година
Украинскиот претседател Володомир Зеленски и американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, 9 јануари 2025 година

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин на состанокот на земјите кои го поддржуваат Киев во Германија најави нов пакет воена помош за Украина од 500 милиони долари.

„Пакетот вклучува „дополнителни ракети за украинската воздушна одбрана, повеќе муниција, повеќе муниција воздух-земја и друга опрема за поддршка на украинските Ф-16“, рече Остин.

Украинските сојузници и претседателот Володимир Зеленски се состанаа во американската воена воздухопловна база Рамштајн во Германија за да разговараат за континуираната поддршка за Киев во војната со Русија.

На почетокот на состанокот во Рамштајн, Остин рече дека војната на Украина против инвазијата на руските сили „ е важна за сите нас“.

„Сите ние имаме удел во осигурувањето дека автократите не можат да ги стават своите империјални амбиции пред основните права на слободните и суверени народи“, рече Остин.

На состанокот Зеленски се залагаше за распоредување на западни трупи во Украина како еден од „најдобрите инструменти“ за „присилување на Русија на мир“.

„Нашата цел е да најдеме што е можно повеќе инструменти за да ја принудиме Русија да склучи мир. Верувам дека таквото распоредување на партнерски контингенти е еден од најдобрите инструменти“, рече Зеленски, осврнувајќи се на дискусиите за можното распоредување на западните трупи.

Зеленски рече дека сојузниците на Украина ќе мора повеќе да соработуваат кога новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе ја преземе функцијата, додавајќи дека новата администрација ќе донесе „нови можности“ за САД.

„Јасно е дека започнува ново поглавје за Европа и за целиот свет - за само 11 дена, време кога мораме уште повеќе да соработуваме, уште повеќе да се потпираме еден на друг и заедно да постигнеме уште поголеми резултати. Јас на тоа гледам како време на можности“, рече Зеленски.

Рамштајн е најголемата воздухопловна база надвор од Соединетите Држави и беше домаќин на слични состаноци откако Русија ја нападна Украина пред речиси три години.

На конференцијата Остин ги покани министрите за одбрана и високите воени лидери од земјите-членки на украинската Контакт група.

Британскиот шеф на дипломатијата предупредува на дестабилизирачка реторика на Трамп

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами
Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами денеска (9 јануари) изјави дека е уверен дека повторно избраниот претседател на САД, Доналд Трамп, го признава Гренланд како дел од Кралството Данска, но сепак предупреди дека неговата реторика може да биде дестабилизирачка.

„Знаеме од првиот мандат на Доналд Трамп дека длабочината на неговата реторика и понекогаш непредвидливоста на тоа што го изјавува можат да бидат дестабилизирачки“, рече Лами во интервју за Би-Би-Си радио, одговарајќи на прашањето за намерите на Трамп да го направи Гренланд дел од САД.

„Што се однесува до Гренланд, мислам дека неговата загриженост е насочена кон активностите на Русија и Кина во Арктикот, како и кон националната економска безбедност. Сепак, уверен сум дека тој признава дека Гренланд денес е дел од Кралството Данска“, нагласи министерот Лами.

Уште во својот прв мандат, новоизбраниот претседател Доналд Трамп го изрази својот интерес за купување на Гренланд, кој е полуавтономна територија на Данска, американски сојузник и една од земјите што го основаа НАТО.

Исто така, таму има и голема американска воена база.

Предложениот претставник на САД во Украина вели дека Трамп сака рамноправен крај на војната

Претставникот за Украина и Русија, номиниран од Доналд Трамп изјави дека новоизбраниот американски претседател ќе ги земе предвид интересите на Киев кога ќе почне да работи на ставање крај на војната во Украина и дека ќе се обиде да обезбеди фер решение за двете страни, објави украинскиот сервис на РСЕ.

„Луѓето треба да разберат дека тој не се обидува да му даде нешто на рускиот претседател Владимир Путин или на Русите“, рече Кит Келог, пензиониран генерал-полковник кого Трамп го именуваше како свој пратеник да ги води преговорите за завршување на војната.

„Тој всушност се обидува да ја спаси Украина и да го зачува нејзиниот суверенитет. Тој ќе се погрижи тоа да биде фер и чесно, и тоа го кажа неколку пати“, вклучително и на украинскиот претседател Володимир Зеленски“, рече Келог во интервју за Фокс њуз.

Трамп за време на минатогодишната предизборна кампања рече дека би можел да стави крај на конфликтот во Украина во рок од 24 часа по преземањето на функцијата. Сега тој вели дека се надева дека ќе ги прекине борбите во рок од шест месеци.

„Се надевам на помалку од шест месеци“, рече Трамп на прес-конференција на прашањето дали може да ја реши војната во рок од половина година.

Келог рече дека би сакал уште пократка временска рамка од 100 дена од инаугурацијата на Трамп на 20 јануари.

„Работам на тоа. Тој исто така работи на тоа бидејќи сака да заврши (војната) што е можно поскоро. Знае дека е тешко, но тој е посветен на тоа“, вели Келог.

Келог одби да ја открие содржината на неговите разговори со Трамп за војната, велејќи дека повеќе информации ќе бидат објавени по инаугурацијата.

Тој посочи дека се поставуваат основите за разговорот меѓу Трамп и Путин.

„Ние ќе ги поставиме условите и тој ќе заврши во позиција каде што ќе разговара со Путин, а исто така и со претседателот Зеленски и мислам дека тие ќе дојдат до решение во блиска иднина“, рече Келог.

Келог не одговори на прашањето за одложување на патувањето што се очекуваше овој месец во Киев и во другите европски метрополи. Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха во средата најави дека посетата ќе биде одложена.

Претставникот номиниран од Трамп го критикуваше претседателот Џо Бајден дека не разговарал со Путин, велејќи дека поминале повеќе од две години откако разговарале. Трамп, од друга страна, подеднакво разговара со американските противници и сојузници, вели меѓудругото во интервјуто, Келог.

Шведска ќе купи германски тенкови во вредност од речиси две милијарди долари

илустрација
илустрација

Шведската армија ќе купи тенкови од германскиот производител на оружје „KNDS“ за 22 милијарди шведски круни (1,97 милијарди долари), изјави денеска министерот за одбрана Пал Јонсон за шведската јавна телевизија СВТ (SVT).

Договорот, потпишан кон крајот на декември, предвидува купување на 44 нови тенкови „Леопард“ 2 А8 и модернизација на 66 постоечки тенкови.

„Ова е апсолутно неопходна инвестиција“, рече Џонсон, додавајќи дека тенковите ќе и помогнат на Шведска да ја исполни својата цел за удвојување на капацитетот на својата војска.

Новите тенкови се планирани за испорака почнувајќи од 2028 година и се очекува да продолжат до 2031 година.

Шведска, која беше воено неврзана долги години, аплицираше за членство во НАТО заедно со нејзиниот сосед Финска по руската инвазија на Украина пред речиси три години.

Таа се приклучи на западната одбранбена алијанса во март минатата година.

Пожарите во Лос Анџелес се проширија и во Холивуд

илустрација
илустрација

Големите шумски пожари кои го опкружуваат Лос Анџелес, Калифорнија, се проширија на Холивуд Хилс, откако во другите пожари во областа загинаа најмалку пет лица, беа уништени стотици домови и исцрпени ресурсите за гасење пожари и залихите на вода.

Повеќе од 137 000 луѓе се евакуирани бидејќи сувите ветрови ги отежнуваат операциите за гаснење на пожарите и шумските пожари кои беснеат речиси непречено од вторникот во областите погодени од суша, пренесува Ројтерс.

Нов пожар избувна во Холивуд Хилс во средата вечерта (8 јануари), изјави началникот на пожарникарите Кристин Кроули, принудувајќи повеќе евакуации.

Бројот на пожари во округот Лос Анџелес се искачи на шест.Четири од нив се надвор од контрола, вклучително и два големи пожари на источната и западната страна на градот, кои продолжија да се шират во средата вечерта.

Шумски пожар во Холивуд Хилс изгоре 20 хектари во средата, соопшти пожарникарската служба на Калифорнија. Противпожарната служба во Лос Анџелес издаде наредба за евакуација на луѓе во област во Холивуд, каде што живеат познати имиња поврзани со филмската и забавната индустрија.

Внатре во тој простор е театарот Долби, каде што се одржуваат Оскарите. Објавувањето на номинациите за Оскар е одложено поради пожарот, соопштија организаторите.

Иако е релативно мал во споредба со другите, тој оган гори токму над булеварот Холивуд и Булеварот на славните. Преминувањето преку автопатот би го загрозило холивудскиот знак на ридот како и опсерваторијата Грифит, потсетува Ројтерс.

Пожар над Лос Анџелес, 8 јануари 2025
Пожар над Лос Анџелес, 8 јануари 2025

На западната страна на Лос Анџелес, пожарот на Пацифик Палисадес проголта 6406 хектари и стотици градби во ридовите меѓу Санта Моника и Малибу во вторникот, а го зафарти и кањонот Топанга додека не стигна до Тихиот Океан.

На исток, во подножјето на планините Сан Габриел, вториот пожар уништи уште 4289 хектари, 1000 објекти и уби најмалку пет лица, соопштија локалните власти.

Метеоролошката служба AccuWeather ја процени првичната штета и економската загуба на повеќе од 50 милијарди долари.

„Имаме работа со историска природна катастрофа“, рече Кевин Мекгован, началник за управување со итни случаи за округот Лос Анџелес.

Размерите и ширењето на пожарот ги исцрпиле противпожарните бригади.

Пожарникарите од шест други држави беа итно пренесени во Јужна Калифорнија, изјави началникот на пожарникарите во округот Лос Анџелес, Ентони Мароне.

Недостигот на вода предизвика пресушување на некои хидранти во луксузните Пацифички Палисади, изјавија официјални лица.

„Го доведовме системот до крај. Се бориме со пожарите со градските водни системи“, рече извршниот директор на Одделот за вода и електрична енергија во Лос Анџелес, Џенис Кинонес.

Пожарите избувнаа во особено чувствително време за Јужна Калифорнија, каде што нема значителни врнежи дожд со месеци.

Потоа следуваа силни ветрови, носејќи сув пустински воздух од исток кон крајбрежните планини и разгорувајќи шумски пожари, пренесува Ројтерс.

Научниците истакнуваат дека пожарите, кои избувнуваат надвор од традиционалната сезона на шумски пожари, го означуваат најновото екстремно време кое најверојатно дополнително ќе ескалира бидејќи глобалните температури продолжуваат да растат во наредните децении.

Американскиот претседател Џо Бајден, кој ги прогласи пожарите за голема катастрофа, му се придружи на гувернерот на Калифорнија Гевин Њусом во противпожарната станица во Санта Моника за да биде информиран за напорите за гаснење на пожарите.

Во последните денови на функцијата, Бајден го откажа претстојното патување во Италија за да се фокусира на координирање на федералниот одговор на шумските пожари, соопшти Белата куќа.

ЕУ реагира на учеството на српски официјални претставници на неуставниот Ден на Република Српска

Одбележување на Денот на Република Српска, 9 јануари 2025
Одбележување на Денот на Република Српска, 9 јануари 2025

Европската Унија и порачува на Србија дека очекува од оваа земја да биде подеднакво посветена на европската перспектива на Босна и Херцеговина, како единствена, обединета и суверена земја како и сите други меѓународни партнери.

По повод учеството на претставници на државните институции на Србија на одбележувањето на неуставниот ден на босанско-херцеговскиот ентитет Република Српска (РС), од Брисел велат дека регионалната соработка и добрососедските односи се суштински дел од напредокот на патот кон европската интеграција.

„Треба да се избегнуваат дејствија и изјави кои негативно влијаат на добрососедските односи и придонесуваат за политички поделби“, се вели во реакцијата на прес-службата на ЕУ за Радио Слободна Европа.

Во Република Српска, 9 јануари се слави како Ден на РС.

Во одбележувањето на овој ден редовно учествуваат и претставници од Србија.

Годинава, меѓу другите, во име на Србија учествуваа премиерот на земјата Милош Вучевиќ, како и претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ.

Во 2015 година, Судот на Босна и Херцеговина го прогласи овој датум за неуставен. Уставниот суд на БиХ не го оспори правото на Ден на РС, но утврди дека Денот на РС не може да биде 9 јануари.

И Европската Унија посочува дека одбележувањето на овој ден е противуставно.

„ЕУ нагласува дека мора да се почитуваат суверенитетот, територијалниот интегритет, уставниот поредок, вклучително и одлуките на Уставниот суд и меѓународниот идентитет на Босна и Херцеговина. ЕУ го повикува политичкото раководство на ентитетот Република Српска да се воздржи од провокативни реторика и акции за поделба, вклучително и поставување на прашањето за суверенитетот, единството и територијалниот интегритет на земјата“, се вели во одговорот на прес-службата на ЕУ.

ЕУ апелира до сите политички актери во Босна и Херцеговина да преземат решителна акција со цел да се спроведат потребните реформи на патот на ЕУ кон отворање на пристапните преговори со ЕУ.

Европската Унија ја повторува својата целосна посветеност за Босна и Херцеговина да се приклучи на Унијата како единствена, обединета и суверена земја.

По повод одбележувањето на тој ден, претходно говореше и високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, кој оцени дека одбележувањето на 9 јануари како Ден на РС е јасно и директно непочитување на обврзувачките одлуки на Уставниот суд на БиХ, како и на одлуката на високиот претставник од 1 јули 2023 година

Исто така, Амбасадата на Соединетите Држави во Сараево изјави дека САД очекуваат органите за спроведување на законот и судските власти во БиХ да преземат брзи и решителни мерки за да го истражат секое прекршување на законот во врска со прославата на неуставниот Ден на РС.

Тројца израелски војници загинале, а тројца биле ранети во Појасот Газа

Појас Газа, илустрација
Појас Газа, илустрација

Израелската војска соопшти дека тројца израелски војници загинале, а тројца се ранети во борбите во северниот дел на Појасот Газа.

Според првичната истрага на Израелските одбранбени сили (ИДФ), војниците биле погодени од голема експлозивна направа која експлодирала во тенк за време на операциите во Беит Ханун.

Според официјални извори, уште тројца израелски војници загинале, а неколку биле ранети во одвоени борби во изминатите два дена, а Израел загубил 401 војник во досегашната копнена офанзива против Хамас во Појасот Газа.

Хамас е прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ.

Најмалку 45936 Палестинци се убиени, а 109 274 се ранети во израелските напади од 7 октомври 2023 година, според Министерството за здравство во Газа, кое е под контрола на Хамас.

Палестинските лекари, исто така, соопштија дека 30 луѓе биле убиени низ енклавата во изминатите 24 часа.

Бугарската Агенција за патишта делумно виновна за автобуската несреќа на „Беса транс“

илустрација
илустрација

Агенцијата за патна инфраструктура на Бугарија (АПИ) има делумна вина за трагичната несреќа на автобусот на „Беса транс“ на автопатот Струма во 2021 година, во која загинаа 45 македонски државјани, пресуди Окружниот суд во Перник.

Според судот, АПИ е одговорна за 10% од настанатата штета и треба да и се наложи на секој од тужителите да им плати по 20 000 лева како надомест за нематеријална штета. Исто така, се признаваат околностите дека за предметната делница не е донесен акт 16 за автопат и затоа има статус на експресен пат, бидејќи делницата беше пуштена за сообраќај во 2007 година во фаза на акт 15, се вели во судската одлука.

Се наведува и дека возачот го возел автобусот со 106 километри на час, што е максималната брзина на делницата од 120 километри.

„При проектирањето на експресниот пат не биле испочитувани геометриските карактеристики. Проектираниот попречен наклон на кривината одговара на брзина од 90 километри на час, но нема поставено патна ознака Б26/90 километри на потребните места за ограничување на брзината“, додаваат од судот.

Несреќата на автопатот Струма се случи рано утрото на 23 ноември 2021 година, кај селото Боснек. Туристичкиот автобус во кој се наоѓаа 52 лица, удри во заштитната ограда на патот, се запали и целосно изгоре.

Автобусот, сопственост на компанијата „Беса транс“ од Северна Македонија, се враќал од Истанбул кон Скопје. Истрагата за несреќата ја водеше Националната истражна служба. Првичните заклучоци беа дека виновен е возачот на автобусот кој возел со голема брзина.

На 20 јануари 2022 година пред Окружниот суд Перник беше покрената граѓанска постапка за обезбедување докази во врска со инцидентот. Во август 2022 година роднините на настраданите поднеле барање за обештетување од 750 илјади евра против АПИ и Бугарската асоцијација на осигурување возила. Тезата на адвокатите на роднините на жртвите е дека во моментот на несреќата имало голем број технички неисправности на коловозот, погрешни ознаки и знаци, неквалитетни заштитни огради и асфалт, што влијаело на несреќата.

Во автобуската несреќа загинаа 45 лица, а седуммина беа повредени.

За случајот, кој се однесуваше на продолжено кривично дело „фалсификување на исправа“, Кривичниот суд во март годинава изрече една година и осум месеци казна затвор за сопственикот на „Беса Транс“, Беким Хаџиу, и парична казна од 800 000 денари, како и четиригодишна забрана за вршење на меѓународен превоз на правното лице.

Претходниот месец, Апелациониот суд ја укина првостепената пресуда за случајот „Беса Транс“ и предметот го врати на повторно судење.

Остин: Американската војска треба да остане во Сирија за да се спротистави на Исламска држава

Aмериканскиот секретар за одбрана, Лојд Остин
Aмериканскиот секретар за одбрана, Лојд Остин

САД мора да одржат воено присуство во Сирија за да ја спречат групата Исламска држава ИД повторно да се појави како закана по падот на владата на Башар ал Асад, изјави американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин.

Таму се уште се потребни американски сили, првенствено за безбедност на камповите за десетици илјади поранешни борци на ИД и нивни семејства, рече шефот на Пентагон во едно од неговите последни интервјуа за американски медиуми.

Според различни проценки, меѓу 8000 и 10000 борци на групата се во камповите, а најмалку 2000 од нив се верува дека се многу опасни.

„Мојот став е дека ако Сирија е незаштитена, борците на ИСИС повторно ќе станат една од главните струи“, рече Остин во воздухопловната база Рамштајн во Германија, каде што пристигна да разговара за воената помош за Украина со околу 50 други партнерски земји.

Тој употребил друг акроним за групата Исламска држава („Исламска држава во Ирак и Левант“, ИДИЛ).

Во 2018 година, за време на неговиот прв мандат, новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп се обиде да ги повлече сите американски сили од Сирија, што предизвика оставка на поранешниот секретар за одбрана Џим Матис.

Минатиот месец, за време на офанзивата на групата Хајат Тахрир ал-Шам против Асад, која е прогласена за терористичка организација од САД, Трамп објави дека војската на Вашингтон треба да остане настрана од конфликтот.

САД одржуваат контингент од околу 2000 војници во Сирија, чија задача е да се борат против Исламската држава.

Тоа е многу повеќе од тврдењата на официјални претставници, според кои бројката е 900 лица. Тие беа испратени во Сирија во 2015 година, откако радикалната група зазеде големи делови од оваа блискоисточна земја.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG