Достапни линкови

Вести

Заврши Самитот Бајден - Путин

Белата куќа соопшти дека состанокот меѓу американскиот претседател Џо Бајден и неговиот руски колега Владимир Путин завршил по четиричасовни разговори.

Видео снимките по состанокот го прикажаа Бајден како излегува од вилата крај Женевското Езеро каде што се одржа состанокот.

Се очекува двајцата претседатели да одржат одвоени прес-конференции.
Претседателите се сретнаа прво на еден помал состанок, а потоа им се приклучија и други претставници од двете земји.

Самитот доаѓа во време кога односите меѓу Русија и САД се на најниско ниво од Студената војна и само неколку месеци откако Бајден рече оти верува дека неговиот руски колега е убиец.

Првата рунда разговори меѓу Бајден и Путин во Вила де ла Гранж во Женева траеше 90 минути и присуствуваа само претседателите, двајцата министри за надворешни работи Ентони Блинкен и Сергеј Лавров и двајца преведувачи. Средбата потоа продолжи во поширок формат со делегации од двете земји.

Бајден пред состанокот рече дека станува збор за дискусија меѓу „две големи сили“ и оти секогаш е подобро да се сретнат во живо. Путин изрази надеж дека разговорите ќе бидат продуктивни.

Бајден и Путин се состанаа во Женева
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:15 0:00

Самитот доаѓа во време кога Путин продолжува да ја консолидира својата доминација на руската политичка сцена, вршејќи притисок врз опозициските активисти, како затворениот Алексеј навални и задушувајќи ги независните медиуми и невладини организации во пресрет на парламентарните избори во земјата во септември.

Портпаролката на Бајден, петтиот американски претседател кој се среќава со Путин, изјави дека Белата куќа „ниту сака да ги ресетира односите со Русија, ниту сака да ги заостри“.

Сепак, Бајден зазема поостар став отколку неговиот претходник Доналд Трамп. Од преземањето на функцијата во јануари, Бајден воведе две рунди економски санкции против Русија, но се согласи на продолжување на новиот договор СТАРТ за контрола на оружјето.

види ги сите денешни вести

За 14 отсто намалени откупот и продажбата на земјоделски производи

Илустрација
Илустрација

Во третото тримесечје од 2024 година, откупот и продажбата на земјоделски производи во Северна Македонија е 4 703 216 илјади денари, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС). Ова е намалување за 14, 4 отсто во однос на истиот период лани.

Откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители е намален за 19.5 %, а продажбата на земјоделски производи од сопствено производство e намалена за 8.2 %.

Од вкупната вредност на откуп и продажба на земјоделски производи по групи, забелeжано е намалување на вредноста кај млечните производи, а зголемување кај рибата, лозарството и кај полјоделските производи.

Намалување на откупот и продажбата на сите земјоделски производи во земјава ДЗС забележа и лани во ноември. Тогаш податоците покажаа пад за 8, 2 %.

Од друга страна пак, и покрај добрите услови и плодната почва, статистиките покажуваат дека Северна Македонија полека станува земја зависна од увоз.

Земјотрес во Дојран со јачина од 3 степени

Илустрација
Илустрација

Земјотрес со Рихтерова локална магнитуда ML3.0 е регистриран утрово (16 ноември) во 5 часот и 31 минути во епицентралното подрачје Дојран-Кукуш. Oва го соопшти Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Епицентарот бил на 130 километри југоисточно од Скопје. Земјотресот е почувствуван во Дојран и блиската околина со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала, покажуваат досегашните податоци на опсерваторијата.

Нови израелски воздушни напади врз јужен Либан

Чад над населбата Харет Хреик во јужните предградија на Бејрут на 16 ноември 2024 година, по воздушните напади на израелската армија.
Чад над населбата Харет Хреик во јужните предградија на Бејрут на 16 ноември 2024 година, по воздушните напади на израелската армија.

Израелската армија утрово (16 ноември) изврши нови напади врз упориштата на проиранското движење Хезболах во јужните предградија на Бејрут, откако го повика населението да се евакуира, пренесе АФП.

Агенцијата објави дека облаци чад се издигнуваат над јужните предградија на либанската престолнина.

Во пресрет на нападот, портпаролот на израелската армија преку социјалната мрежа Х ги предупреди жителите на населбата Харет Хреика да се евакуираат .

Израел почна да бомбардира цели во Либан на 23 септември, а на 30 септември започна копнена офанзива на југот на земјата.

Либанската државна новинска агенција (ННА) соопшти дека „непријателот“ извршил три воздушни напади, вклучително и еден во близина на Харет Хреик. Повторените израелски воздушни напади врз јужен Бејрут доведоа до масовен егзодус на цивили од областа, иако некои се враќаат во текот на денот за да ги проверат своите домови и продавници, пренесува АФП.

Во текот на ноќта Хезболах изврши и два ракетни напади врз штабот на пешадиски баталјон во северен Израел.

Поттикнат од војната во Појасот Газа, конфликтот меѓу Израел и Хезболах поддржан од Иран траеше една година пред Израел да започне офанзива во септември.

Соединетите Држави ја сметаат Хезболах за терористичка организација, додека Европската унија на црната листа го става само нејзиното вооружено крило, но не и политичката партија која има места во либанскиот парламент.

Израел му нанесе тешки удари на Хезболах, убивајќи многу од неговите водачи, вклучително и Хасан Насрала, и остави пустош во јужен Либан.

Според податоците на либанските власти, од октомври минатата година во израелските напади во таа земја загинале повеќе од 3.400 луѓе. Како резултат на конфликтот со Израел, штетите на инфраструктурата и економските загуби на Либан достигнаа, според проценките на Светска банка, повеќе од осум милијарди американски долари.

update

Прекинат мечот Косово-Романија, косовските играчи го напуштија теренот жалејќи се на „расизам“

Косовските играчи заминуваат од теренот во Букурешт,
Косовските играчи заминуваат од теренот во Букурешт,

Натпреварот од Лигата на нации меѓу Романија и Косово во Букурешт беше прекинат на 15 ноември, откако косовските играчи го напуштија теренот жалејќи се на расистичка злоупотреба од романските навивачи.

Косовските фудбалери се упатија кон соблекувалната во 93. минута откако домашните навивачи скандираа „Србија! Србија!“ за време на тепачка меѓу косовскиот капитен Амир Рахмани и романскиот напаѓач Денис Алибец.

Менаџерот на косовската репрезентација, Бајрам Шала, изјави дека одлуката за прекин на натпреварот ја донеле косовската фудбалска федерација, селекторот Франко Фода и самата екипа, по „расистичките повици“ против Косово.

Се очекува УЕФА да отвори дисциплинска постапка која репрезентацијата на Косово може да ја чини пораз поради одбивање да се врати на теренот.

УЕФА вели дека ќе соопшти „повеќе информации во догледно време“.

Романската фудбалска репрезентација утрово (16 ноември) им се заблагодари на своите навивачи за нивната „исклучителна поддршка и однесување за време на натпреварот со Косово, игра што ќе остане во сеќавање на сите, не само затоа што траеше три часа, туку и како пример за единство и солидарност“.

Ова е втор пат во последните два натпревари на косовската фудбалска репрезентација во Букурешт за една година, натпреварот да биде прекинат поради навивањето на домашните навивачи против Косово.

Во септември 2023 година, УЕФА го казни Романскиот фудбалски сојуз со 52.000 евра, забрана на навивачите да присуствуваат на натпревари, по истрагата за прекршоци за време на квалификациите за ЕП 2024 година.

Тој натпревар помеѓу Романија и Косово во Букурешт беше прекинат околу еден час откако тамошните навивачи скандираа и го извадија транспарентот „Косово е Србија“, за да продолжи по смирувањето на ситуацијата и отстранувањето на транспарентот.

Косово прогласи независност од Србија во 2008 година и го признаа повеќе од 100 земји. Романија е една од петте земји на Европската унија, заедно со Шпанија, Кипар, Грција и Словачка, кои не ја признаваат независноста на Косово.

Променливо облачно со сончеви периоди

Илустрација
Илустрација

Променливо облачно време со сончеви периоди претпладнево и намалување на облачноста попладне, најавува денеска (16 ноември) Управата за хидрометеоролошки работи.

Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец, особено претпладне.

Максималната температура ќе достигне од 6 до 12 степени. Во Скопје се очекуваат максимални 10 степени.

Шефот на МААЕ ги посети подземните локации за нуклеарно збогатување на Иран

Шефот на МААЕ, Рафаел Гроси (втор лево) го посети објектот за збогатување ураниум во Натанц, Иран, на 15 ноември.
Шефот на МААЕ, Рафаел Гроси (втор лево) го посети објектот за збогатување ураниум во Натанц, Иран, на 15 ноември.

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, ги посети клучните подземни локации за збогатување ураниум во Иран во Фордоу и Натанц, објавија иранските државни медиуми на 15 ноември, без да понудат детали.

Иран ја ограничи инспекцијата во своите нуклеарни локации и им забрани на неколку инспектори на МААЕ да ги посетат тие капацитети за збогатување.

Гроси е во Иран за да се заложи за дипломатија, предупредувајќи дека „просторот за преговори се намалува“ поради унапредувањето на иранската нуклеарна програма.

Техеран инсистира дека неговите нуклеарни амбиции се мирољубиви.

Посетата доаѓа во пресрет на претстојниот состанок на Одборот на гувернери на МААЕ, каде што некои нации вршат притисок за акција против исламската република.

Претходно на 14 ноември Иран изрази подготвеност да го реши спорот со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во врска со почитувањето на заштитните мерки за својата нуклеарна програма, но нема да го стори тоа под притисок, изјави иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи по средбата со генералниот директор на МААЕ Рафаел Гроси во Техеран.

Средбата се одржа во контекст на претстојното преземање на функцијата од новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и неговата администрација во јануари.

Трамп во 2018 година, во својот прв мандат, еднострано ги повлече САД од нуклеарниот договор со Иран од 2015 година.

Русија во сабота ќе ја прекине испораката на гас за Австрија

Илустрација
Илустрација

Русија ќе ја прекине испораката на гас за Австрија од сабота, соопшти на 15 ноември австриската нафтена и гасна групација ОМВ. Оваа групација соопшти дека за ова добила известување од Гаспром Експорт, подружница на енергетскиот гигант Газпром контролиран од Кремљ.

Запирањето на испораките се смета за одговор на Русија на арбитражна одлука на Меѓународната стопанска комора, со која австриската групација ОМВ победи во арбитражниот спор и треба да добие 230 милиони евра од Газпром. Претходно оваа недела, ОМВ го потврди своето право да го бара паричниот надомест.

Се очекуваше дека ова најверојатно ќе резултира со „негативно влијание“ врз односите, јавива германската новинска агенција ДПА.

Откако тоа предвидување сега се оствари, австрискиот канцелар Карл Нехамер на 15 ноември изјави дека Австрија нема да дозволи да биде уценувана и дека е обезбедно снабдување со алтернативно гориво.

„Ни еден дом нема да биде ладен“, изјави Нехемер.

Суспензијата значи дека Русија сега ќе испорачува значителни количини гас само на Унгарија и Словачка, што е сосема спротивно на децениската доминација во која таа задоволуваше 40% од потребите за гас на ЕУ пред инвазијата на Москва на Украина во 2022 година, јавува новинската агенција Ројтерс.

Австрија беше првата западноевропска земја што купи руски гас кога СССР потпиша договор за гас во 1968 година, само неколку месеци пред советската инвазија на Чехословачка.

Оваа година, врската ќе заврши по одлуката на Меѓународната стопанска комора за спорот меѓу рускиот Гаспром и австриската ОМВ.

„Газпром“ одби да коментира, јавува Ројтерс.

Австрија е една од ретките европски земји кои сè уште зависат од рускиот гас, бидејќи голем дел од остатокот од континентот го намали увозот по руската инвазија врз Украина.

ОМВ соопшти дека се подготвува за евентуалното прекинување на рускиот гас и дека сè уште може да испорачува гас на своите клиенти со увоз преку Германија, Италија и Холандија.

Известувањето за крајот на испораките за Австрија дојде кога рускиот претседател Владимир Путин и канцеларот Олаф Шолц од Германија, најголемиот руски клиент на гас до моментот кога силите на Москва не ја нападнаа Украина, за прв пат разговараа телефонски по последниот нивни разговор во декември 2022 година.

Еврокомесарот за енергија Кадри Симсон на маргините на конференцијата на ОН за климата во Азербејџан изјави за Ројтерс дека сите земји на ЕУ што добиваат гас преку рутата на Украина имаат пристап до други извори на снабдување кои би можеле да ја пополнат празнината.

Ејпл отстрани неколку апликации на РСЕ/РЛ по барање на рускиот медиумски регулатор

Американскиот гигант Ејпл (Apple) ја извести Радио Слободна Европа (РСЕ/РЛ) дека отстранил неколку негови апликации по барање на рускиот медиумски регулатор Роскомнадзор.

Отстранетите апликации на РСЕ/РЛ се апликации на рускиот сервис на РСЕ и дел од проектите на рускиот сервис на руски јазик. Роскомнадзор го извести Ејпл дека апликациите содржат материјали од организација чии активности во Русија се прогласени за „непожелни“.

Апликацијата на рускиот сервис на РСЕ сè уште е достапна за корисниците на Ејпл во други земји.

РСЕ беше ставена на руската листа на „непожелни организации“ во февруари. Претседателот на РСЕ, Стивен Капус, ја нарече одлуката „уште еден пример за тоа како руската влада го гледа вистинитото известување како егзистенцијална закана“.

Покрај апликациите на РСЕ, Ејпл исто така отстрани или сокри неколку подкасти на руски јазик произведени од независни новинари.

Новинската куќа „Медиазона“ на 14 ноември објави дека новите епизоди од онлајн радио станицата Ехо Москва и истражувачкиот медиум „Инсајдер“ повеќе не се достапни во Русија. Се чини дека е погоден и подкаст на руската служба на БиБиСи.

Во последниве години, руските власти ги забрзаа напорите за построго регулирање и контрола на содржината на интернетот на руски јазик, неформално познат како РуНет (RuNet).

Веб-страниците на социјалните платформи како X или Фејсбук (Facebook) беа пригушени или забавени во минатото во обид, како што велат експертите, кој се чини дека е тест од регулаторите за филтрирање на содржината или пренасочување на руските корисници.

Платформата за стриминг видео во сопственост на Гул (Google), Јутјуб (YouTube), која беше главно недопрена од регулаторите, забележа големо забавување почнувајќи од летото.

Некои официјални лица ја обвинија застарената опрема во Русија, опремата што Гугл не можеше да ја одржува поради западните санкции. Но, други рекоа дека „деградацијата“ е намерна, со цел да ја забави платформата и да ги фрустрира гледачите во обид да ги поттикне кон домашните руски алтернативи кои се построго контролирани.

Демонстранти се обидоа да влезат во Парламентот во грузиска Абхазија поради договорот со Русија

Демонстрантите се собираат пред зградата на парламентот на грузискиот сепаратистички регион Абхазија, додека се разгореа тензиите поради предложениот договор што ќе им овозможи на Русите да купуваат станови во регионот, Грузија, на 15 ноември.
Демонстрантите се собираат пред зградата на парламентот на грузискиот сепаратистички регион Абхазија, додека се разгореа тензиите поради предложениот договор што ќе им овозможи на Русите да купуваат станови во регионот, Грузија, на 15 ноември.

Демонстрантите предводени од опозицијата во грузискиот отцепен регион Абхазија, поддржан од Москва, се обидоа да упаднат во локалниот парламент во Сухуми, главниот град на регионот, со цел да ги натераат пратениците да се откажат од контроверзниот договор со Москва, кој им дава преференцијален третман на руските градежни имоти.

Според извештаите на локалните медиуми, обидот за ратификување на договорот на 15 ноември пропадна бидејќи демонстрантите се обидоа да влезат во Парламентот. Но, тоа не ја спречи толпата, која продолжи со протесто и сега бара од законодавниот дом да гласа за целосно откажување на договорот.

Локалните медиуми соопштија дека полицијата и стотици демонстранти се судриле, при што безбедносните сили наводно употребиле солзавец за да ја растераат толпата. Нема извештаи за апсења или повредени.

Тензиите во регионот се високи во последниве недели, а опозициските активисти бараат прекин на доминацијата на Русија над регионот и неговата економија, иако опозициските партии на 15 ноември изјавија дека нивниот протест не е против Русија.

Абхазија и Јужна Осетија се отцепија од владеењето на Грузија по распадот на Советскиот Сојуз во раните 1990-ти.

Москва ја призна независноста на двата региона откако руските сили го одбија грузискиот обид да ја вратат Јужна Осетија во петдневната војна во летото 2008 година, која заврши со пораз на Грузија.

Повеќето земји сè уште ја признаваат Абхазија како дел од Грузија, но нејзината економија е речиси целосно зависна од Москва, која ги плаќа платите на јавните администратори, како и социјалните плаќања на жителите.

update

Шолц во телефонски разговор побарал од Путин да се повлече од Украина

Илустративна комбо фотографија од германскиот канцелар Олаф Шолц обраќајќи се на прес-конференција во Брисел на 18 февруари 2022 година и рускиот претседател Владимир Путин кој присуствуваше на прес-конференција во Москва
Илустративна комбо фотографија од германскиот канцелар Олаф Шолц обраќајќи се на прес-конференција во Брисел на 18 февруари 2022 година и рускиот претседател Владимир Путин кој присуствуваше на прес-конференција во Москва

Германскиот канцелар Олаф Шолц и рускиот претседател Владимир Путин разговарале по телефон еден час во петокот попладне. Шолц побарал од лидерот на Кремљ да ја прекине војната против Украина и да преговара со Киев за „праведен и траен мир“, е наведено во соопштението од Кабинетот на кацеларот.

Шолц и Путин последен пат директно разговарале во декември 2022 година, соопшти владата.

Шолц во разговорот, според германското соопштение, изразил „непоколеблива решеност да ја поддржи Украина во нејзината борба против руската агресија онолку долго колку што е потребно“.

Но, првиот директен разговор меѓу германските и руските лидери по речиси две години предизвика реакција од украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој предупреди дека повикот на Шолц е „Пандорината кутија“ што може да му помогне на Путин „да ја олесни својата изолација, изолацијата на Русија и да се вклучи во конвенционални преговори кои нема да завршат со ништо“.

Зеленски рече дека таквите празни размени се „токму она што Путин го сака долго време“, бидејќи инвазијата на Украина продолжува две и пол години.

Шолц ја изрази својата „непоколеблива решеност да ја поддржува Украина во нејзината борба против руската агресија онолку долго колку што е потребно“, соопшти неговиот кабинет.

Во германското соопштение е наведено дека Шолц разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски пред повикот на Путин и дека ќе разговара повторно потоа.

Кремљ соопшти дека разговорот бил на барање на Германија и бил „детална и искрена размена на мислења за ситуацијата во Украина“.

Во него се повторуваат точките на разговор на Москва за потеклото на конфликтот во „долгорочната агресивна политика на НАТО“ и се вели дека Русија „никогаш не одбила и останува отворена за продолжување на преговорите“.

Кремљ го цитираше говорот на Путин во јуни и рече дека секој можен договор треба да ги земе предвид руските безбедносни интереси заедно со „новата територијална реалност и што е најважно, да ги елиминира основните причини за конфликтот“.

Путин, соопшти Кремљ, ги опиша руско-германските односи како претрпени „невидена деградација во сите области“ и рече дека Русија е подготвена за „заемна корисна соработка“ во енергетскиот сектор.

Полскиот премиер Доналд Туск рече дека Шолц разговарал со него потоа и дека Варшава е задоволна што ја „повторил полската позиција: „Ништо за Украина без Украина“.

Новинската агенција Ројтерс цитираше извор според кој Шолц му рекол на Путин дека распоредувањето на севернокорејските трупи за борбени мисии е значајна ескалација и проширување на војната.

Северна Кореја на 12 ноември го ратификуваше одбранбениот договор со Русија, со што е потврдено нивното зближување поради руската војна во Украина. Според украинските власти, околу 11 000 севернокорејски војници веќе се распоредени во Русија и почнале да се борат против Украинците на руска територија, во областа Курск.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG