Вести
Навални: Цимерите во затворот заболуваат од туберколоза

Опозицискиот лидер и затвореник Алексеј Навални денеска во својот пост на социјланта мрежа Инстаграм изјави дека секој трет затвореник во неговото затворско одделение е хоспитализиран поради сомневање до туберколоза. Односно дека од вкупно 15 затвореници тројца се хоспитализирани поради силна кашлица и висока температура. Тој е затворен во затвор кој се наоѓа на околу 100 километри од Москва.
Туберколозата е сериозно заразно заболување кое ги погодува белите дробови и во голема мера е искоренета во развиени земји.
Навални во својот пост додаде дека затворската храна личела на каша од глина со замрзнат компир и дека тој во моментов штрајкува со глад, со цел подобрување на затворските услови.
Тој ги демантираше неодамнешните известувања на државните медиуми во кои е опишано дека Навални отслужува казна во удобни услови, повикувајќи ги да поминат една ноќ со него и цимерите кои можеби имаат туберколоза.
Навални беше приведен на аеродромот во Москва во јануари, откако се опорави во странство од труење со нервен агенс во Русија, што западните земји и групите за меѓународни права го поврзаа со руската држава.
Навални потоа рече дека обидот за атентат е нарачан од рускиот претседател Владимир Путин. Руските власти го отфрлаат ова тврдење.
види ги сите денешни вести
Трамп објави 90-дневна пауза за царините за повеќето земји, за Кина ги зголеми на 125 отсто

Американскиот претседател Доналд Трамп објави 90-дневна пауза на царините што ги воведе за повеќето земји, но дополнително ги зголеми за Кина од 104 отсто на 125 отсто.
Додека глобалните пазари беа под закана од колапс, изненадувачкиот потег на Трамп нагло ги зголеми берзанските индекси.
Одлуката за 90-дневна пауза Трамп ја објави на својата социјална мрежа Трут соушл (Truth Social), давајќи им на земјите основна тарифна линија од 10 проценти, освен за Кина.
„Врз основа на недостатокот на кинеска почит кон светските пазари, со ова ја зголемувам царината наметната од Соединетите Држави за Кина на 125 отсто, што ќе стапи на сила веднаш“, напиша Трамп.
Наведувајќи дека повеќе од 75 земји побарале преговори за тарифите, Трамп вели дека „овластил 90-дневна пауза и значително намалена реципрочна тарифа во текот на овој период, на 10 отсто, кои исто така стапуваат во сила веднаш.
САД претходно ја зголемија царината за Кина на 104 отсто, по што Кина брзо одговори со објавување на царина од 84 отсто за американскиот увоз.
Претходно денеска (9 април) земјите членки на ЕУ ги одобрија првичните одмазднички тарифи од 10 до 25 отсто за увозот од САД, кои според Европската комисија треба да стапат на сила следната недела.
Производите што се соочуваат со царини, меѓу другите, вклучуваат дијаманти, земјоделски производи, живина, мотоцикли и соја.
Европската комисија соопшти дека контрамерките можат да бидат прекинати во секое време „доколку САД се согласат на фер и избалансиран исход од преговорите“.
Зеленски вели дека најмалку 155 кинески државјани се борат на страната на Русија

Украинското разузнавање има информации за 155 кинески граѓани кои се борат за руската војска против Украина, изјави претседателот на Украина, Володимир Зеленски на 9 април, јави Ројтерс.
Зеленски им рече на новинарите во Киев дека Русија регрутира кинески граѓани преку социјалните мрежи и дека кинеските власти се свесни за тоа.
Тој додаде дека Украина се обидува да процени дали регрутите добиваат инструкции од Пекинг.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи претходно изјави дека Кина ја проверува ситуацијата со Украина, додавајќи дека нејзината влада секогаш барала од своите граѓани да избегнуваат области на вооружени конфликти и „особено да избегнуваат учество во воените операции на која било страна“, пренесе Ројтерс.
Во објава на социјалните мрежи на 8 април Зеленски рече дека украинските сили заробиле двајца кинески државјани кои се борат со руската армија.
Објавата вклучуваше видео од заробен војник кој опишува напад со беспилотно летало на кинески, Зеленскиј рече дека вмешаноста на кинески државјани заедно со руските трупи „е јасен сигнал дека [рускиот претседател Владимир] Путин има намера да направи сè освен да стави крај на војната. Тој бара начини да продолжи да се бори“.
Сервисот на Радио Слободна Европа (РСЕ) на англиски јазик пишува дека кинеските државјани кои се борат во Украина не се нови, а во моментов нема јавни докази кои покажуваат дека двајцата заробени мажи биле испратени од Пекинг.
Се смета дека неколку стотици кинески државјани отпатувале да се борат како платеници со руската армија, а имало и претходни извештаи за руски воени групи на Телеграм за убиени кинески државјани борејќи се заедно со руските сили.
Базата на податоци на руското Министерство за одбрана, објавена од РСЕ во февруари, покажа и кинески платеници кои служат заедно со руските војници, пишува сервисот на РСЕ на англиски јазик.
Клакочар Зупанчич: Словенија останува силен поддржувач на евроинтеграцискиот пат на Северна Македонија

Словенија останува силен поддржувач на Северна Македонија на нејзиниот евроинтеграциски пат, рече претседателката на Државниот збор на Република Словенија, Уршка Клакочар Зупанчич по средбата со претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши, на заедничката прес-конференција на 9 април.
„Државите се многу блиски партнери, а соработката е базирана на заеднички вредности и заедничко партнерство. Словенија беше и останува силен поддржувач на Северна Македонија на нејзиниот евроатлански пат и ги поттикнува иницијативите за остварување на соодветно економско подрачје, една соодветна праведна законодавна рамка, бидејќи тоа се два клучни елементи на нашата соработка. Убедена сум дека тоа ќе биде сега истакнато на нашите средби во рамки на програмата на оваа посета. Верувам дека ќе најдеме дополнителни можности за продлабочување на соработката“, рече Клакочар Зупанчич.
Гаши изрази благодарност до Словенија, која, како што рече, е непоколеблив поддржувач на нашите аспирации за интеграција во ЕУ.
„Политичкиот придонес (како процесот Брдо-Бриони и „нон-пејперот“ од 2023 година), како и техничката поддршка на Словенија во зајакнувањето на административните капацитети за усогласување на нашето законодавство со тоа на ЕУ, ја потврдија успешната соработката меѓу нашите институции и искрената подготвеност на Словенија за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан“, рече Гаши.
Во рамки на дводневната посета на македонското собрание, Клакочар Зупанчич утре ќе се сретне и со Антонијо Милошоски, претседател на Комисијата за европски прашања на Собранието на РСМ и со членовите на комисијата.
Вучиќ за посетата на повредените од Кочани: Никој не ме пушти, сам влегов

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека самиот влегол во Клиничкиот центар на Србија за да ги посети повредените од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март.
Изјавата на Вучиќ доаѓа откако студентите во блокада во Србија поставија и шесто барање, а тоа е да се утврди кој е одговорен за посетата и престојот на новинарските екипи во Клиничкиот центар во кој беа сместени повредени од пожарот во Кочани.
„Никој не сакаше да ме пушти, тоа беше моја волја. Не мора да бркаат никого, влегов сам. Гордиот Александар Вучиќ, чија идеја беше да го реновира Клиничкиот центар, а бидејќи е толку модерен, тие луѓе имаа каде да дојдат. Шестото барање е исполнето, јас сум виновен“, рече Вучиќ по средбата со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз на 9 април.
Српските студенти бараат да се поведе постапка за утврдување одговорност и разрешување на директорката на Клиничкиот центар на Србија, Јелена Друловиќ, директорот на Ургентниот центар, Марко Ерчеговац и началникот на одделението за интензивна нега на Ургентниот центар, Душан Мициќ.
„Здравствената установа и одговорните лица во таа установа кои дозволуваат голем број неовластени и несоодветно обучени лица да влезат на одделението за интензивна нега и да снимаат, фотографираат, па дури и да допираат пациенти, ги прекршуваат елементарните правила на струката и протоколите во постапувањето со имунокомпромитирани пациенти“, соопштија студентите на 7 април, кога го кажаа шестото барање.
Народниот правобранител на Србија, Зоран Пашалиќ потврди за Радио Слободна Европа дека ќе биде отпочната постапка во врска со тоа кој им дозволил влез на претседателот Вучиќ и новинарите на Интензивна нега во српскиот Клинички центар.
Пашалиќ изјави дека постапката ќе отпочне на иницијатива на студентите во блокадата.
По пожарот во Кочани неколкумина потешко повредени беа пренесени на лекување во Белград, на одделението за интензивна нега на Ургентниот центар во Универзитетскиот клинички центар на Србија, каде што Вучиќ ги посети на 17 март заедно со медиумски екипи.
Дел од барањето на студентите, исто така, беше адресирано до Народниот правобранител на Србија, од кого тие бараат да се спроведе постапка за контрола на работата на Ургентниот центар „во врска со повреда на правата од областа на здравствената заштита и загрозување на здравјето и животот на пациентите" на 17 март.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ загинаа 61 лице, а околу 200 беа повредени и пренесени на лекување во македонските и во странски болници.
Европската унија одобри царини за САД

Земјите членки на Европската унија (ЕУ) ги одобрија првичните одмазднички тарифи од 10 до 25 отсто за увозот од Соединетите Американски Држави (САД), кои според Европската комисија ќе стапат на сила следната недела, јави агенцијата ДПА.
Ова вклучува специјални давачки за артикли како фармерки и мотоцикли од САД, додека виски и другите алкохолни пијалоци произведени во САД беа отстранети од предложената листа на комисијата.
Дополнителни контра-царини треба да бидат воведени на средината на мај и на крајот на 2025 година, што ќе влијаат на производи како говедско месо, живина и цитрусно овошје. Царини за јаткасти плодови и за сојата се планирани за почетокот на декември, пренесе ДПА.
Царините од ЕУ се одговор на американските царини за увоз на челик и алуминиум воведени пред околу еден месец.
Според пресметките на ЕУ, мерките на САД влијаат на извозот во вредност од 26 милијарди евра (28,8 милијарди долари). Мерките што ги наметнува Брисел се насочени кон стоки во вредност од приближно 21 милијарда евра.
Сè уште се работи на дополнителен пакет мерки како одговор на царините за автомобили и речиси сите други извози од ЕУ во САД неодамна објавени од американскиот претседател Доналд Трамп.
Царинската политика на Трамп има за цел да ги исправи наводнита трговска нерамнотежа и да го префрли производството во САД, истовремено делумно неутрализирајќи ги даночните намалувања ветени за време на неговата изборна кампања, пренесе ДПА.
Триесет дена притвор за директорот на Геријатрија поради примен поткуп

Судија на претходна постапка им определи триесетдневен притвор на две лица осомничени дека примиле поткуп за да згрижат болно лице, соопшти Основниот кривичен суд - Скопје.
Според информациите што ги објавија медиумите, станува збор за Мухсин Арифи, директор на Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина и за негов помагач.
Јавното обвинителство претходно соопшти дека првоосомничениот, како директор, преку второосомничениот, негов човек од доверба, побарал награда од 100 илјади евра за згрижување на лице во болницата. На 8 април годинава, второосомничениот е фатен како во име на директорот директно примил износ од 20.000 евра.
Министерството за внатрешни работи на 8 мај информираше дека се приведени две лица под сомнение за кривични дела „примање поткуп“ и „примање награда за противзаконито влијание“, по што директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, потврди дека се приведени две лица, меѓу кои и директор на здравствена установа, поради сомнение за примање поткуп во износ од 20.000 евра.
Министерот за здравство Арбен Таравари во врска со сллучајот изјави дека „испораката на правда мора да биде неселективна и во согласност со сите уставно-правни механизми и темелни вредности“.
Директорот на Геријатриската болница „13 ноември“, Мухсин Арифи, беше назначен за в.д. директор на Геријатрија во јули минатата година од страна на Таравари. Претходно беше директор на психијатриската болница во Бардовци.
Во Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина се примаат возрасни пациенти, во најтешка здравствена состојба, листите на чекање се големи, а бројот на кревети е ограничен.
Меѓународна новинарска мисија бара од ЕУ јавно да ги осуди нападите врз медиуми и организации во Србија

Членовите на Мисијата за брза реакција за слободата на медиумите (МФРР) ја повикаа Европската унија (ЕУ) „да престане да се однесува како ништо да не се случува во Србија“ и јавно да ги осуди сите случаи на напади врз новинари, медиуми и граѓански организации.
„ЕУ мора да се изјасни. Бараме ЕУ да продолжи доследно и јавно да ги споменува овие причини секогаш кога ќе се сретне со претставници на српските власти, вклучително и со претседателот, и тоа да го објави јавно“, рекоа членовите на Мисијата на прес-конференција на крајот од посетата на Србија, јави агенцијата Бета.
Тие побараа и ЕУ „јавно да изјави дека нема да ги продолжи преговорите со Србија за поглавјето 23 додека не престанат сите напади врз новинари и граѓански организации“.
Членовите на Мисијата, која ја сочинуваат претставници на меѓународни новинарски здруженија, апелираа да се прекинат сите јавни напади врз новинарите, особено оние кои покриваат протести предводени од студентите.
Тие оценија дека Србија, кога се медиумите во прашање, се соочува со невидена криза која бара брза реакција.
За време на престојот во Србија, членовите на Мисијата за брза реакција за слободата на медиумите се сретнаа со новинари, претставници на медиумски здруженија, полицијата и обвинителството, како и претставници на ОБСЕ, Советот на Европа и делегацијата на ЕУ, но не и со претставници на српските институции.
Во Србија има повеќемесечни масовни протести, организирани од студенти кои ги блокираат државните универзитети - со барање да се утврди одговорноста на властите за смртта на 16 лица барајќи одговорност за падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад кога загинаа 16 лица.
Зад барањата на студентите застанаа универзитетски професори, просветни работници, земјоделци, адвокати и актери, заедно со граѓани кои со месеци се собираат на протести.
Демонстрациите станаа симбол на пошироко незадоволство од владеењето на правото во земјата, при што се отворија прашања дали несреќата во Нови Сад е предизвикана од невнимание и од корупција на системот.
Пандов: Околу илјада телефони најдени кај затвореници за девет месеци

Околу илјада телефони се пронајдени кај затвореници во земјава за период од девет месеци, кажа Александар Пандов, директор на Управата за извршување на санкции, на прес-конференција на 9 април.
За споредба, Пандов рече дека во затворите во Хрватска во 2023 година се најдени само 26 мобилни телефони, а кај затвореници во Косово се откриени 51 телефон во 2024 година.
Тој смета дека проблемот со телефоните, дрогата и останати недозволени работи по затворите може да се реши, но само доколку има казнивост за корумпираните затворски полицајци, кои според негови проценки, во некои затвори се и над 50 отсто.
„Имаме работа со вмрежена група на вработени по затворите и затворениците. Ако успееме дел по дел да ги отстраниме корумпираните во затворскиот систем, можеме да го решиме проблемот со телефоните, дрогата и со другите недозволени предмети. Се додека ги имаме нив и додека тие сметаат дека неказниво може да поминуваат, ќе имаме и телефони, и дрога, и недозволени предмети“, рече Пандов.
Тој информираше и дека Управата за извршување санкции поднела кривични пријави против затворски полицајци во Штип, осомничени дека му помагале на затвореник да најде дрога што била префрлена во дворот на затворот.
Настанот се случил на 20 февруари, а според Пандов, во тоа учествувале командирот на смена, петмина затворски полицајци кои помагале во барањето на дрогата и уште еден кој бил дежурен на капија таа вечер, како и тројца членови на Комисијата, која потоа донела одлука дека тие не се виновни за инцидентот.
Германските партии постигнаа договор за формирање нова влада

Христијанско-демократската унија на Германија (ЦДУ) постигна договор за коалиција со Социјалдемократската партија (СПД).
Договорот го отвора патот за нова влада во најголемата европска економија по неколку месеци политички ќор-сокак.
Притисокот за постигнување договор стана уште поголем бидејќи владата ја презема власта во време на глобални турбуленции предизвикани од ескалирачкиот трговски конфликт предизвикан од огромните увозни царини на американскиот претседател Доналд Трамп.
Фридрих Мерц, лидерот на ЦДУ, треба да стане нов германски лидер. Тој ќе го замени канцеларот во заминување Олаф Шолц.
Мерц, кој ја нарече Америка на Трамп несигурен сојузник, веќе вети дека ќе ги зголеми трошоците за одбрана, додека Европа се соочува со непријателска Русија. Тој вети и поддршка за компаниите кои се борат со високите трошоци и слабата побарувачка.
Мерц претходно изјави дека ќе ја заостри миграциската политика, оддалечувајќи ја Германија од полибералните имиграциски политики што ги водеше неговата конзервативна претходничка Ангела Меркел за време на мигрантската криза во 2015 година.
Коалицискиот договор меѓу ЦДУ и СПД допрва треба да биде ратификуван со гласање на членовите на СПД.
Доколку членството на СПД го поддржи договорот, канцеларството ќе се врати во рацете на конзервативците по тригодишниот мандат на Олаф Шолц од СПД, чиј мандат беше обележан со економските и политичките последици од целосната руска инвазија на Украина во 2022 година.
Ќе помине уште некое време пред парламентот да го избере Мерц за канцелар, и тоа најверојатно ќе се случи на почетокот на мај.
Новиот коалициски сојуз ги обединува двете традиционални големи партии во модерна Германија.
Изборните резултати на Унијата во февруари беа разочарувачки, а социјалдемократите паднаа на својот најлош резултат на националните парламентарни избори по војната.
Овие партии заедно имаат 328 места во 630-члениот Долниот дом на парламентот, Бундестагот.
Пезешкијан: Иран не развива нуклеарна бомба

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денеска (9 април)изјави дека Иран не развива нуклеарна бомба и дека не се противи на американските инвестиции во својата економија.
Пезешкијан ги повика американските инвеститори да инвестираат во економијата на Иран, наведувајќи дека иранскиот врховен лидер Али Хамнеи не е против тоа.
Иранскиот претседател не оспори дека постои можност за директни американски инвестиции во Иран доколку САД и Техеран постигнат договор за иранската нуклеарна програма.
Пезешкијан, кој за време на предизборната кампања минатата година се залагаше за приближување кон Западот, рече дека разговорите во сабота во Оман меѓу иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи и американскиот пратеник за Блискиот Исток Стив Виткоф ќе се водат „индиректно“.
Трамп рече дека разговорите ќе бидат директни, што Техеран не го отфрли како опција по првата рунда преговори.
Откако постигна договор за својата нуклеарна програма, Иран со светските сили во 2015 година, им забрани на американските компании да влезат во земјата.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете