Достапни линкови

Вести

Вучиќ - Одговорот на криминалните групи ќе биде безмилосен

Александар Вучиќ
Александар Вучиќ

Претседателот на Србија Александар Вучиќ синоќа по Седницата на Советот за национална безбедност, со која претседаваше изјави дека надлежните органи ја прошируваат истрагата за уште едно, четврто убиство за кое се товари криминалната организација на неодамна уапсениот Вељко Беливук.

Вучуќ вели дека оваа група имала фотографии и обележани лица на луѓе од Министерството за внатрешни работи, за кои сметале дека им се непријатели. Но тоа не биле челници на Министерството, ниту на Безбедносно-информативната агенција, туку фотографии од оперативци кои директно се бореле против криминалната група.

На седницата се разговарало и за ситуацијата на Косово, забрзување на вакцинацијата, борбата против организираниот криминал и набавката на опрема на безбедносните агенции и војската.

Што се однесува до организираниот криминал Вучиќ изјави дека „Србија успеала во последниот период да се пресмета со неколку криминални групи, кои извршиле голем број убиства“. Одговорот на криминалните групи ќе биде, како што рече, безмилосен и во согласност со законот и моралот.

На прес-конференцијата беа покажани фотографии, кои ги докажуваат злосторства за кои е осомничена криминална група предводена од Вељко Беливук (Веља Невоља) на кои се гледаат телата на убиените, како и снајперски пушки.

Вељко Беливук е водач на навивачите на фудбалскиот клуб „Партизан“. Тој заедно со уште 18 други луѓе е уапсен на 4 февруари. Полицијата ги сомничи за најбрутални дела – киднапирање, убиства, трговија со дрога. Вучиќ рече дека ова е јасна порака до криминалните групи кои планираат да го заземат местото на Беливук.

Вучиќ соопшти и дека пред два дена во областа меѓу Шабац и Лозница е запленет досега најголем арсенал на оружје, а допрва треба да се види со која криминална група тоа е поврзано.

Српскиот министер за полиција Александар Вулин на прес-конференцијата изјави дека полицијата го предала материјалот на Обвинителството за организиран криминал за прислушувањето на претседателот Александар Вучиќ и неговото семејство. Вучиќ и неговото семејство биле прислушувани 1572 пати без основ, а транскриптите од разговорите биле носени кај одредени функционери во Министерството за внатрешни работи.

Што се однесува до Косово, од официјален Белград се бара да ја признае независноста на Косово, рече Вучиќ. Тој вели дека на почетокот на мај треба да продолжи дијалогот и дека претставниците на Србија ќе бидат подготвени за тој дијалог.

„Ќе ги штитиме државните и националните интереси и ќе го чуваме она што можеме да го сочуваме и она што не успеавме да го изгубиме со неодговорните политики во претходните децении“, вели српскиот претседател.

За вакцините Вучиќ ги повика луѓето да се вакцинираат и да не ги слушаат приказните на како што рече неодговорните луѓе дека вакцините се штетни.

види ги сите денешни вести

Приведени двајца угостители кои пуштале музика во денови на жалост

Илустрација
Илустрација

Полицијата вчера лишила од слобода две одговорни лица во угостителски објекти на подрачјето на Центар затоа што пуштале музика и не ја почитувале одлуката на Владата за седумдневна жалост.

Лишени се од слобода Ф.А.(26) од скопско и В.В.(22) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело по член 387 од Кривичниот законик.

„Во текот на вчерашниот ден во угостителски објекти каде тие се одговорни лица била пуштена музика односно не била почитувана одлуката на Владата за седумдневна жалост. Веднаш е постапено од страна на полициските службеници на СВР Скопје и одговорните лица се лишени од слобода, а по документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни пријави во врска со чл. 387 од КЗ, соопшти МВР.

Во Северна Македонија со одлука на Владата е прогласена седум дневна жалост поради трагедијата која се случи во Кочани на 16 март 2025 година. Во пожар во дискотеката Пулс загинаа 59 млади луѓе, а повредени се повеќе од 150.


Либанскиот премиер предупредува на опасност од нова војна со Израел

Либанскиот премиер Наваф Салам
Либанскиот премиер Наваф Салам

Либанскиот премиер Наваф Салам предупреди во саботата на опасност од „уште една војна со катастрофални последици“ за Либан, откако Израел најави ракетен напад врз неговата земја.

„Наваф Салам предупреди на ризикот од продолжување на воените операции на јужната граница, нагласувајќи дека тоа може да ја вовлече земјата во нова војна, со катастрофални последици за Либан“, соопшти неговата прес-служба.

Се додава дека Салам контактирал со министерот за одбрана „за да се осигура дека само државата има моќ да одлучува за војна и мир“.

Началникот на Генералштабот на израелската армија Ејал Замир рече дека армијата „остро ќе одговори“ на ракетниот напад од Либан кон северен Израел.

„Армијата остро ќе одговори на нападите утринава“, рече генералот Замир, кој го предводеше состанокот на кој се оценува ситуацијата, се вели во соопштението.

Либан има одговорност да го почитува договорот за прекин на огнот склучен на 27 ноември со либанското движење Хезболах, додаде тој.

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац исто така рече дека армијата ќе одговори на истрелувањето на три ракети од Либан кон северен Израел во текот на утрото.

Израелските сили ги пресретнале ракетите, а засега никој не ја презел одговорноста.

Сирените за воздушен напад се огласија во 7:30 часот по локално време во Метула, село во северен Израел што граничи со Либан.

Тогаш израелската војска објави дека биле пресретнати три ракети кои навлегле на израелска територија.

Либанската новинска агенција (АНИ) објави дека израелски авиони го прелетале „источниот сектор“ на јужен Либан и дека во областа експлодирале проектили-пресретнувачи.

По нападот врз Израел од страна на палестинскиот Хамас на 7 октомври 2023 година, организација која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка, нејзиниот шиитски сојузник во Либан, Хезболах, отвори втор фронт со истрелување ракети од јужен Либан кон северен Израел.

Договорот за прекин на огнот постигнат на 27-ми ноември стави крај на повеќе од една година непријателства, вклучително и двомесечно отворено војување.

Сепак, двете страни меѓусебно се обвинуваат за прекршување на примирјето.

„Солун е со тебе Кочани“ - шеесетминутен молк во Солун за жртвите од пожарот

„Солун е со тебе Кочани“ - собир во чест на жртвите од трагедијата во Кочани, Солун 22 март 2025 година
„Солун е со тебе Кочани“ - собир во чест на жртвите од трагедијата во Кочани, Солун 22 март 2025 година

„Солун е со тебе Кочани“; „Нивните профити или нашите животи“; „Едни иселивте, а тие што останаа ги убивте – Кочани 16.03.2025“; „Репертоарот е со години ист, настапува корупција, а народот е публика“; „Осамна пролетно утро сончево, а сончевите зраци денес темни црнила“, беа дел од пораките на паноата на Македонците кои точно напладне се собраа на плоштадот „Аристотел“ во Солун за да им оддадат почит на жртвите во трагичниот пожар во дискотеката „Плус“ во Кочани, јави дописничката на МИА од Атина.

Македонците кои живеат и студираат во Солун, точно напладне организира собир „Солун во молк за Кочани“, одржаа 60-минутен молк, по една минута за сите 59 жртви и една минута молк за возачот на брзата помош кој почина откако превезе голем број повредни лица.

Истовремено, упатија пораки преку паноата, а на едно од нив беа испишани и имињата на загинатите со пораката „Почивајте во мир“.

На друго беа испишани стихови од „Разделба“ на Блаже Конески – „Нам ни е дадено за ден да сакаме и пак на разделба тажни да бидиме, и пак си велиме: не заборавај ме! – А може никогаш да не се видиме“, но и дел од „Црнила“ на Коле Чашуле - „Како само за нас Македонците да се создадени сите црнила на овој век“.

Оние кои ја покренаа иницијативата за МИА открија дека идејата за собирот се родила откако првите повредени пристигнаа на лекување во Солун и големиот одзив за помош на Македонците кои живеат во овој грчки град.

Повикот за собирот беше објавен на социјалните мрежи.

„Како еден од засегнатите градови, каде што повредените добиваат нега, ве повикуваме да ни се придружиме во изразувањето на нашето најдлабоко сочувство за изгубените животи, за повредените и нивните семејства. Соберете се со нас во момент на молк за да оддадеме почит на нивниот спомен и да покажеме поддршка“, пишуваше во повикот.

За собирот, со вклучувања во живо од солунскиот плоштад информираше грчката државна телевизија ЕРТ во пладневното издание на вестите, а објавија и информативните портали, пред сè оние од Солун.


Муцунски: Државата го покрива трошокот за лекување и враќање на повредените во Кочани

Тимчо Муцунски, Министер за надворешни работи
Тимчо Муцунски, Министер за надворешни работи

Во моментов има 116 лица кои се лечат надвор од нашата земја и тоа во 14 држави, истакна министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, на денешната прес конференција.

31 пациент има во Србија, 15 во Бугарија, 12 во Турција, 12 во Грција, 7 во Шпанија, 6 во Австрија, 6 Унгарија, 5 во Романија, 4 Белгија, 4 Литванија, 4 Хрватска, 4 Словенија, 4 Шведска, 2 Полска.

„Однапред ние резервираме хотел, купуваме авионски карти, информираме дека ние ќе ги платиме трошоците за телефон, добиваат дневница/средства за тековни трошоци. Скоро сите граѓани се опфатени во директна комуникација со нашите Амбасади. Обезбедуваат логистичка поддршка, превод, комуникација со болницата. Не е лошо што граѓаните помагаат, но треба да знаат дека државата мисли на секој трошок што може да настане“, рече Муцунски.

Тој исто така истакна дека денеска, веднаш по прес конференцијата МНР ќе има прв координативен состанок на кој ќе се зборува и ќе се направи план за враќање на пациентите во земјава и кај нивните семејства.

Тој смета дека дел од пациентите уште следнава недела би можеле да бидат во таква здравствена состојба што би можеле да се вратат и тука да го продолжат лекувањето.

Инаку до сега се собрани 52 милиони денари за поддршка на настраданите од пожарот во Кочани и нивните семејства, соопшти денеска Црвениот крст.

Од организацијата информираат дека се во фаза на подготовка за првична исплата на собраните средства, кои ќе бидат наменети за најитните потреби на погодените граѓани.

Што содржи декларацијата за воена соработка меѓу Косово, Албанија и Хрватска?

Церемонијата на потпишување на иницијативата за воена соработка меѓу Косово, Албанија и Хрватска во Тирана на 18 март 2025 година.
Церемонијата на потпишување на иницијативата за воена соработка меѓу Косово, Албанија и Хрватска во Тирана на 18 март 2025 година.

Истражување на развојот и стекнувањето на одбранбени способности преку мултинационална соработка, споделување на најдобрите практики во регрутирањето, развојот и задржувањето на персоналот за подобрување на одбранбените и одбранбените способности, заеднички вежби, зајакнување на контрамерките против хибридните закани, споделување разузнавачки информации за одвраќање и поддршка на Косово во добивањето статус на мировен партнер на НАТО.

Ова се дел од точките вклучени во декларацијата за соработка во областа на одбраната и безбедноста што министрите за одбрана на Косово, Албанија и Хрватска ја потпишаа на 18 март во Тирана.

Целосниот договор го објави албанскиот министер за одбрана, Пиро Венгу, на 22 март, кој на Х напиша дека во својата историја, Тирана нема преседан за тајни договори или договори на штета на соседите, „како што имаа другите држави“.

„Србија, која две години водеше политика на празно столче во регионалните иницијативи, еднострано се суспендираше од можноста да промовира или да учествува во мултилатерални консултации. Оваа суспензија, која Србија треба да ја остави настрана, го прави залуден секој наратив за виктимизација што доаѓа од српската влада“, напиша тој.

Министерот Венгу рече дека договорот има за цел да ги исполни амбициите кои произлегуваат од стратешкиот концепт на НАТО и се потпира на зголемување на соработката и производството на индустриска одбрана врз основа на посветеноста на алијансата за индустриска експанзија и планот на Европската унија за повторно вооружување на Европа.

Србија ја критикуваше иницијативата за соработка меѓу трите земји, сметајќи ја како закана за нејзиниот „терористички интегритет“. Белград, кој веднаш побара објаснување од Загреб и Тирана за намерите на иницијативата, исто така ги обвини двете држави дека започнуваат трка во вооружување во регионот.

Косово, пак, порача дека иницијативата за соработка ќе придонесе за мирот и стабилноста во регионот и дека не треба да се гледа како закана за никого, но треба да се сфати и како порака дека трите држави ќе бидат обединети пред секој предизвик или закана.

Хрватска одговори на критиките на Србија, велејќи дека поминало времето кога Загреб барал дозвола од Белград како да дејствува и со кого да соработува.

Министрите за одбрана на Косово, Албанија и Хрватска рекоа дека иницијативата може да се прошири и во други земји, споменувајќи ја можноста Бугарија да стане дел од неа.

Во меѓувреме, Црна Гора соопшти дека не е поканета да стане дел од декларацијата за соработка во областа на безбедноста и одбраната.


Трамп го укина пристапот до доверливи информации за Бајден, Клинтон и Харис

Доналд Трамп пред новинарите надвор од Белата куќа, Вашингтон, САД, 21 март 2025 година.
Доналд Трамп пред новинарите надвор од Белата куќа, Вашингтон, САД, 21 март 2025 година.

Американскиот претседател Доналд Трамп им ги укина безбедносните дозволи на поранешната потпретседателка Камала Харис, поранешната државна секретарка Хилари Клинтон и други, во неговиот последен потег против демократските противници.

Републиканскиот претседател, кој исто така му го укина безбедносното одобрение на поранешниот претседател Џо Бајден, ја победи Клинтон на претседателските избори во 2016 година и Харис на минатогодишните.

„Утврдив дека повеќе не е во национален интерес следните лица да имаат пристап до доверливи информации“, рече Трамп во петокот во меморандумот, во кој беше вклучен и поранешниот државен секретар Антони Блинкен.

Иако импичментите можеби нема да имаат непосреден ефект, тие се уште еден знак за растечкиот политички јаз во Вашингтон, бидејќи Трамп бара одмазда на оние што ги смета за непријатели, пишува Ројтерс.

Меморандумот беше издаден неколку часа откако тој пристигна на неговиот имот во Бедминстер, Њу Џерси, за викендот.

На списокот на американскиот претседател се наоѓа и поранешната републиканска претставничка Лиз Чејни, остриот критичар на Трамп, поранешниот советник за национална безбедност на Бајден во Белата куќа Џејк Саливан, како и Фиона Хил, експерт за Русија, која беше во неговиот Совет за национална безбедност за време на неговиот прв мандат.

Марк Зеид, адвокат за национална безбедност во Вашингтон кој ги застапува свиркачите, и Адам Кинзингер, поранешен републикански пратеник, но остар критичар на Трамп, се меѓу оние чии безбедносни сертификати се одземени.

Тој веќе му го укина безбедносното одобрение на Бајден, не дозволувајќи му на поранешниот претседател традиционалниот пристап до американските разузнавачки служби.

Поранешните американски претседатели традиционално добиваа брифинзи за разузнавањето за да можат да ги советуваат актуелните претседатели за националната безбедност и надворешната политика. Во 2021 година, Бајден го укина безбедносното одобрение за Трамп, кој исто така беше поранешен претседател во тоа време.

Браќата Тејт се вратија од Флорида за судење во Романија

Тристан и Ендру Тејт во Букурешт, Романија, 21 март 2025 година.
Тристан и Ендру Тејт во Букурешт, Романија, 21 март 2025 година.

Контроверзниот британско-американски инфлуенсер Ендрју Тејт во петокот се врати во Романија со неговиот брат Тристан за да ги исполни судските обврски, по неговиот прв престој во странство по неговото апсење кон крајот на 2022 година за трговија со луѓе и силување.

„Тука сме да ја докажеме нашата невиност“, им рече Ендрју Тејт на новинарите заедно со неговиот брат во предградие на главниот град Букурешт.

Претходно, тој на мрежата X напиша дека потрошил „185.000 долари на приватен авион за да прелета преку Атлантикот и да ги потпише документите во Романија“.

„Невините луѓе не бегаат“, додаде тој.

Ендрју (38) и Тристан Тејт (36) на 28 февруари ја напуштија Романија за да пристигнат на Флорида.

Флорида отвори истрага против браќата Тејт.

Нивната забрана за напуштање на територијата на Романија е укината, но тие се должни да одговорат на секоја покана во Романија. Нивното следно судење е закажано за понеделник, 24 март.

Во Романија се осомничени дека измамиле повеќе жени со цел сексуална експлоатација, меѓу кои и малолетници.

Според обвинителите, Ендру и Тристан ги измамиле жртвите симулирајќи чувства кон нив, а потоа ги принудувале да продуцираат порно филмови.

Ендрју Тејт исто така се соочува со обвиненија за силување. И тој и Тристан досега избегнуваа судење во Букурешт откако беа откриени неправилности во постапката.

Тие, исто така, се соочуваат со обвиненија за силување и напад во Обединетото Кралство, каде што исто така се осудени за даночно затајување и се предмет на барања за екстрадиција.

Турција уапси 343 лица поради протестите за притворањето на градоначалникот на Истанбул

Турција, протести за притворот за градоначалникот на Истамбул
Турција, протести за притворот за градоначалникот на Истамбул

Турските власти уапсија 343 лица за време на ноќните протести во неколку градови против приведувањето на градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу, соопшти во саботата Министерството за внатрешни работи, јавува Ројтерс.

Демонстрации се одржаа во повеќе од десетина градови, вклучително и најголемиот турски град Истанбул и главниот град Анкара, се вели во соопштението на Министерството.

Се вели дека притворањата се направени за да се спречи „нарушување на јавниот ред“ и предупреди дека властите нема да толерираат „хаос и провокација“.

Десетици илјади Турци излегоа на улиците во претежно мирни демонстрации од средата, кога Имамоглу беше приведен под обвиненија како што се мито и помагање на терористичка група. Тој е главниот политички ривал на претседателот Тајип Ердоган кој го води во некои анкети.

Гувернерот на Истанбул во средата воведе забрана за демонстрации, собири и покривање вести за таа тема до недела. Потегот доаѓа откако Републиканската народна партија (ЦХП) на Имамоглу повика на протести низ целата земја, пркосејќи на забраната за демонстрации. Доцна во четвртокот избија судири меѓу демонстрантите и полицијата во неколку турски градови.

Имамоглу моментално сведочи во полициската станица во Истанбул, каде што е задржан од средата, објави Анадолија. Градоначалникот е во добра здравствена состојба и неговиот морал е висок.

Имамоглу, клучниот ривал на претседателот Реџеп Таип Ердоган, беше приведен во средата поради обвинувања за корупција и тероризам. ЦХП се подготвуваше да го именува за свој претседателски кандидат во недела и рече дека ќе продолжи со гласањето.

Доколку Имамоглу биде осуден по обвинение за тероризам, турскиот закон им дозволува на властите да го заменат со функционер поврзан со владата.

Обвиненијата за корупција против Имамоглу вклучуваат измама, местење понуди и мито. Притворот на градоначалникот на Истанбул предизвика домашни и меѓународни критики.

Обвинителите тврдат дека Имамоглу, во координација со прокурдската партија ДЕМ, ангажирал градски функционери поврзани со забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК)- која е наведена како терористичка организација од Турција и нејзините западни сојузници.

Неколку градоначалници на ДЕМ и некои ЦХП неодамна беа разрешени поради слични наводи за врски со ПКК.

Во 2019 година, за прв пат во 25 години, исламските конзервативци во Турција ја загубија контролата над главниот град Анкара. Имамоглу беше реизбран за градоначалник на Истанбул на изборите во 2024 година.

Времето сончево со умерена облачност

илустрација
илустрација

Денеска времето е сончево со умерена облачност. Во текот на денот ќе има зголемена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.
Во Скопје сончево со умерена облачност и со слаб до умерен ветер од јужен правец.

За утре се најавува променливо облачно, наместа со повремен дожд. Ќе дува умерен до засилен јужен ветер.

Во Скопје, прооменливо облачно со услови за повремен дожд. Ќе дува умерен до засилен јужен ветер.

Голем пожар кај Струмица, ветрот го отежнува гаснењето

Пожар кај Струмица
Пожар кај Струмица

Голем пожар на отворено вечерва беснее кај Струмица на потегот од месноста Софилар, градските гробишта и селото Баница, каде беа загрозени куќи, но веќе е локализиран и повеќе нема опасност за објектите. Сите пожарникари на ТППЕ Струмица се на терен и се обидуваат да ја скротат огнената стихија – јави новинската агенција МИА.

Според командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев, пожарот почнал да се шири и во правец на селото Василево.

„Ангажирани се сите капацитети на ТППЕ Струмица, а на помош се повикани и пожарникари од блиските градови, кои пристигнаа и се вклучија во гаснењето. Пожарот е многу голем и преземаме сѐ што е во наша моќ да не дозволиме уште повеќе да се шири, но засега силниот ветар ни ја отежнува работата“, кусо изјави за МИА, Гудев.

Градоначалникот на Струмица, Костадин пред малку информираше дека пожарот е локализиран на струмичка страна и повеќе нема опасност за куќите во селото Баница.

- Пред неколку недели реков дека ги знаеме и дека ги гониме оние кои подметнуваат пожари. Лично ќе се заложам до крај сите да одговараат – објави тој на социјалните мрежи.

Според информацијата од директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, пожарот кај Струмица е настанат од палење на стрништа.

-Гори трска и останата вегетација. Дува силен ветер кој го отежнува или оневозможува гаснењето на пожарот. На терен се екипите на ТППЕ Струмица, Радовиш, Валандово и Богданци, информираше Ангелов.

Инаку, неофицијално пожарот избувнал на повеќе места одеднаш.


Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG