Вести
Тужба за Трамп и Џулијани за немирите во Капитол

Американскиот демократскиот пратеник Бени Томпсон денеска поднесе тужба во која ги обвини поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп и адвокатот Рудолф Џулијани за заговор за поттикнување на насилен бунт во Капитол на 6 јануари. Томпсон претседава со Комитетот за домашна безбедност, во Окружниот суд во Вашингтон.
„Бунтот беше резултат на внимателно оркестриран план на Трамп, Џулијани и екстремистички групи како„ Чуварите на заклетвата“ и „ Горди момчиња “ и сите делеа заедничка цел да користат заплашувања, малтретирања и закани за запирање на сертификацијата на Изборниот колеџ“, се наведува во соопштението на адвокатите.
Конгресот ќе формира и независна комисија за испитување на смртоносните нереди што се случија во Капитол. Двопартиската поддршка за независна комисија се зголеми по ослободителната пресуда за Трамп на судењето за импичмент на 13 февруари.
види ги сите денешни вести
ЕУ пратениците се согласија за новите безбедносни правила за детски играчки

Пратениците на ЕУ и земјите-членки постигнаа привремен договор за построги правила за безбедност на играчките, насочени кон подобра заштита на децата од штетни хемикалии и ризици од онлајн пазарите.
Клучна карактеристика на договорот постигнат во четврток е воведувањето на дигитален пасош за производи, потребен за сите играчки што се продаваат во ЕУ.
Пасошот ќе обезбеди информации за безбедност и предупредување достапни преку алатки како QR кодови, овозможувајќи им на потрошувачите и царинските органи полесно да ја потврдат усогласеноста.
Новите правила, исто така, имаат за цел да ја забранат употребата на одредени штетни супстанции, вклучително и хемикалии PFAS (полифлуороалкални супстанции), кои можат да се акумулираат во животната средина и човечкото тело.
Биозидите (хемиска супстанца наменетa да уништи или да изврши контролно дејство врз кој било штетен организам) ќе бидат дозволени само во играчки специјално наменети за надворешна употреба.
Договорот сè уште бара формално одобрување и од Европскиот парламент и од Советот на ЕУ.
Макрон: Одложувањето на американските царини е само „кревка пауза“

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека суспензијата на американските реципрочни санкции претставува „кревка пауза“ и оти Европа мора да продолжи да работи на контрамерки за да се заштити.
„Заедно со Европската комисија мора да покажеме сила: Европа мора да продолжи да работи на сите неопходни контрамерки“, напиша Макрон на платформата Х.
Тој додаде дека Европската Унија треба да се заштити „од текови од трети земји“, особено Кина, која останува максимално оданочена, а чиј прилив на производи може да доведе до нерамнотежа на пазарот.
Американскиот претседател Доналд Трамп, соочен со пад на глобалниот пазар, одлучи да го одложи воведувањето на американските реципрочни царини за повеќето трговски партнери за 90 дена, притоа задржувајќи ги царините од 10 отсто за речиси целиот глобален увоз.
Во исто време, Трамп ги зголеми царините за кинескиот увоз од 105 на 145 отсто – само неколку часа откако Кина воведе царини од 85 отсто на Америка како одмазда.
Велика Британија објави воена помош за Украина од 580 милиони долари

Велика Британија во петок (11 април)објави дека ќе ѝ обезбеди на Украина 580 милиони долари воена помош, пред самитот на Контакт-групата за Украина.
Велика Британија соопшти дека, во соработка со Норвешка, ќе бидат потрошени 580 милиони долари за помош на Киев со стотици илјади борбени беспилотни летала, радарски системи и противтенковски мини, како и договори за поправка и одржување на украински оклопни возила.
Британскиот министер за одбрана Џон Хили и германскиот министер за одбрана Борис Писториус ќе бидат копретседатели на 27-от самит на Контакт-групата за одбрана на Украина во петок.
Пред состанокот во Брисел, украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров изјави дека клучното прашање е зајакнување на воздушната одбрана на неговата земја.
„На Украина ѝ се потребни доволен број модерни системи како „Патриот“. Потребна е политичка одлука за стекнување на овие системи, со цел заштита на градовите, селата и животите на нашите луѓе - особено од заканата од руските балистички ракети. Нашите партнери имаат на располагање такви системи“, рече Умеров.
Руските сили имаат предност во војната во Украина, која сега е во својата четврта година.
Украинските претставници и воените аналитичари веруваат дека Русија се подготвува да започне нова воена офанзива во наредните недели за да го зголеми притисокот и да ја зајакне позицијата на Кремљ во преговорите за примирје.
Со состаноците на Контакт-групата за Украина претседаваше американскиот секретар за одбрана сè до стапувањето на должноста на Доналд Трамп во јануари.
Оттогаш, Хили ја држи оваа позиција и тој го водеше својот прв состанок во февруари.
Британското Министерство за одбрана соопшти дека британските и украинските добавувачи ќе достават нов и „голем“ пакет воена поддршка за да помогнат во зајакнувањето на вооружените сили на Украина во нивната борба за одбрана од руски напади.
Блокирана одлуката на Трамп да им го одземе привремениот правен статус на илјадници мигранти

Бостонскиот федерален судија Индира Талвани во четвртокот (10 април) ја блокираше одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да им го одземе привремениот правен статус на стотици илјади Кубанци, Хаиќани, Никарагваци и Венецуелци во Соединетите Држави.
Во својата одлука, Талвани навела дека одлуката за одземање на привремениот правен статус на мигрантите на две години е заснована на погрешно толкување на законот бидејќи овие мигранти легално ја преминале американската граница.
Таа изјави дека Трамп сакал да ја забрза депортацијата на 450 000 мигранти од 24 април.
Трамп веднаш по преземањето на функцијата на 20 јануари воведе вонредна состојба на границата меѓу САД и Мексико за да спречи влез на илегални мигранти, а набрзо испрати и дополнителна војска.
Израел и Египет размениле нацрт-предлози за постигнување договор за заложниците

Израел и Египет размениле нацрт-документи за договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците, пренесе Тајмс од Израел.
Предлозите имаат за цел да го премостат египетскиот компромисен предлог и предлогот на американскиот специјален пратеник Стив Виткоф за договор, се вели во извештајот.
Високи израелски функционери изјавиле за радиото дека е можно наскоро да се постигне договор.
Египетскиот предлог, објавен претходно оваа недела, предвидува ослободување на осум живи заложници и осум тела на заложници во замена за примирје кое би траело меѓу 40 и 70 дена и ослободување на голем број палестински затвореници.
Виткоф минатиот месец предложи договор со кој ќе бидат ослободени пет заложници во замена за голем број палестински безбедносни затвореници, во замена за двомесечен прекин на огнот.
Хрватска го осуди протерувањето на хрватските државјани од Србија

Хрватските власти го осудија протерувањето на хрватски граѓани од Србија. Премиерот Андреј Пленковиќ побарал и појаснување од властите во Белград.
„Протерувањето на хрватските граѓани од Србија е неприфатлива практика достојна за осуда, со инсинуација дека нашите граѓани се мешаат во внатрешните настани во Србија, што секако не е случај“, рекол Пленковиќ на владина седница на 10 април.
Тој посочил дека Хрватска бара „појаснувања од властите во Србија“ и додал дека протестна нота поднело и Министерството за надворешни работи, објави Владата на социјалната мрежа Икс.
Пленковиќ на владината седница рекол и оти за сè се информирани и хрватските партнери во ЕУ.
Шефот на хрватската дипломатија Гордан Грлиќ Радман изјави дека очекува Брисел да реагира на протерувањето на хрватските граѓани од Србија и оцени оти постапките на официјален Белград не се во духот на добрососедските односи.
„Секоја земја што претендира да стане членка на ЕУ треба апсолутно да ги прифати сите вредности на ЕУ, а слободата на движење е една од основните слободи на Унијата“, изјави Грлиќ Радман пред новинарите во Загреб, пренесува агенцијата Бета.
Тој рече дека во последните месеци се евидентирани 32 случаи на протерување или забрана за влез во Србија за хрватски државјани, нагласувајќи дека може да има уште такви случаи.
„Од земја-кандидат (за ЕУ) се очекува да развива и промовира добрососедски односи, а овој чин не го покажува тоа“, нагласи хрватскиот министер.
Еден од случаите на протерување е хрватската државјанка Ариен Стојановиќ Ивковиќ, која дипломирала на Медицинскиот факултет во Белград, се вработила, омажила и основала семејство во Србија. Но, по 12 години живеење во Белград, српските власти ја протераа и ѝ забранија влез во земјата во траење од една година.
На 8 април, полицијата и врачила решение со кое и го укинува претходно одобрениот привремен престој во Србија и ѝ забранува влез во земјата на една година.
Причините за тоа не се објавени во јавноста, но Стојановиќ Ивковиќ претпоставува дека тоа се должи на нејзината поддршка на студентите кои со месеци протестираат во Србија.
Хрватскиот амбасадор во Србија, Хидајет Бишчевиќ, за медиумите во Србија изјави дека во последните три дена добил информација за протерување на тројца хрватски државјани од Србија, меѓу кои и првиот човек на Хрватската стопанска комора.
Ова е само еден во низата случаи на протерување на хрватски државјани од Србија. Под изговор дека претставуваат безбедносен ризик, во јануари 2025 година беа протерани учесниците на работилница организирана од фондацијата „Ерсте“ во Белград.
Освен тоа, српското раководство ја обвини Хрватска дека се обидува да ја собори владата преку тајната служба и студентските протести.
На крајот на декември 2024 година, српскиот претседател Александар Вучиќ зборуваше за влијанието на хрватската разузнавачка агенција кај невладиниот сектор во Србија велејќи дека сето тоа директно или индиректно било поддржано од западните разузнавачки агенции, како од Европа, така и од САД.
Вучиќ во таа прилика не понуди никаков доказ за тие тврдења.
Во Србија со месеци се одржуваат протести и блокади на факултетите, а студентите бараат одговорност за смртта на 16 лица при уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година.
Според Судскиот совет, возачот што ја прегазил Теодора не можел да добие повисока казна

Во случајот со прегазувањето на 22-годишната Теодора Ристовска во Тетово во 2022 година, судот не можел да изрече повисока казна за возачот бидејќи од страна на Обвинителството немало жалба во досегашната судска постапка.
Ова е заклучокот што може да се извади од извештајот што го објави Судскиот совет откако работна група го разгледа случајот по досудената двегодишната казна затвор за возачот Менсур Пајазити што покрена лавина реакции во јавноста.
„Согласно член 428 од Законот за кривична постапка (ЗКП), ако е изјавена жалба само во корист на обвинетиот пресудата не смее да се измени на негова штета во однос на правната оцена на делото и на кривичната санкција“, велат од Судскиот совет.
Пред да го наведат ваквиот заклучок, од Судскиот совет хронолошки се осврнуваат на тоа како се движел случајот во судската постапка изминатите години, каде не може да се сретне дека имало жалба од обвинителството.
Според хронологијата, за прегазувањето на младата Теодора, во јуни 2023 Основното јавно обвинителство (ОЈО) Тетово поднело обвинителен предлог за кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. За ова дело, предвидена е казна затвор од една до пет години.
Во судот се оформил предмет, а пресуда била донесена на 30 ноември 2023 со која обвинетиот Пајазити добил затвор од три години и шест месеци.
Против пресудата на тетовскиот Основен суд, само обвинетиот преку својот адвокат поднел жалба до Апелацискиот суд Гостивар, а Вишото јавно обвинителство Гостивар се изјаснило таа да се одбие како неоснована, покажува извештајот на Судскиот совет.
Апелација одлучила делумно да ја уважи жалбата така што „на обвинетиот ќе му се изрече поблага кривична санкција“.
„Со пресуда на Апелациониот суд Гостивар пресудата на Основниот суд Тетово се преиначува само во делот на одлуката за кривичната санкција, така што обвинетиот се осудува на казна затвор во траење од две години“, наведуваат од Судскиот совет.
На ова, било поднесено барање за вонредно преиспитување на пресудата, за што Врховниот суд одлучил да ја укине пресудата и да го врати предметот на повторно судење.
Тогаш се оформил нов предмет, и за нов судија бил назначен Ељведин Ферати.
На 7 април годинава, се одржало судско рочиште, обвинетиот возач признал вина, а Ферати ја изрекол пресудата во траење од две години.
Тој, според заклучокот од Судскиот совет, не можел да изрече казна на штета на обвинетиот бидејќи претходно имало жалба само во негова корист.
Муцунски сo Герапетритис во Делфи – разговарале за билатералните односи со Грција

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска (10 април) оствари средба со неговиот грчи колега, Јоргос Герапетритис, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Средбата се случи на маргините на Делфи економскиот форум во Грција.
„Двајцата министри ја нагласија заедничката подготвеност и потребата од понатамошно унапредување на билатералната соработка – преку интензивиран политички дијалог, приоритетно поврзување во сферата на инфраструктурата и енергетиката, како и нова динамика во економијата, културата и туризмот“, велат од МНР.
Оттаму додаваат дека Муцунски се заблагодарил за помошта од Грција во згрижувањето пациенти кои беа повредени во трагедијата во дискотеката во Кочани, во која загинаа 61 лице, а околу 200 беа повредени.
Северна Македонија и Грција, имаа речиси тридецински спор околу старото уставно име на државата – Република Македонија, кој беше надминат со потпишување на Преспанскиот договор на 17 јуни 2018 година кога со двете држави раководеа владите предводени од премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.
Годишниот економскиот форум што се одржува во грчкиот планински град со античко и историско значење Делфи, е јубилеен – десетти. Тој претставува независна, непрофитна организација со меѓународен карактер, која секоја година на едно место собира истакнати личности од економијата, политиката и академската заедница. Целта на форумот е да се прикаже реална рамка на цели и активности, да се бараат политики за справување со глобалните предизвици и да се најдат соодветни решенија за сложените прашања, како и да се промовираат иновативни идеи за одржлив и конкурентен раст за Европа и поширокиот регион на Источен Медитеран.
На форумот, покрај Муцунски, кој има обраќање на пленарна сесија на тема „Дали ЕУ – САД алијансата е надвор од поправка?“, учествува и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
ОН: Талибанците апсат мажи поради фризури и неодење на молитва

Талибанската полиција за морал уапсила мажи и нивни бербери поради фризурите и брадите што ги направиле кога се потстрижувале, додека други поради тоа што пропуштиле молитви во џамиите за време на Рамазан, се вели во извештајот на Обединетите Нации (ОН) објавен денеска (10 април), шест месеци по стапувањето на сила на Законот за морал со кој Талибанците сакаат да го регулираат однесувањето на луѓето.
Министерството за пороци и доблести, минатиот август објавија низа закони опфаќаат многу аспекти од секојдневниот живот во Авганистан, вклучувајќи ги јавниот превоз, музиката, бричењето и прославите. Најзначајно е тоа што Министерството издаде забрана за жените да зборуваат и да го откриваат своето лице во јавноста.
Истиот месец, висок функционер на ОН предупреди дека законите, заедно со постојните ограничувања за вработување, образование и кодови за облекување за жените и девојчињата, се „вознемирувачка визија“ за иднината на земјата.
Талибанските власти ја отфрлија загриженоста на ОН за Законот за морал.
Во извештајот на мисијата на ОН за Авганистан се вели дека во првите шест месеци од имплементацијата на законот, повеќе од половина од притворите биле „мажи кои немаат соодветна должина на брада или фризура или бербери кои ја потстрижувале или сечеле брадата спротивно на прописите“.
Во извештајот се наведува дека полицијата за морал редовно приведува луѓе самоволно „без соодветна постапка и законска заштита“.
„За време на светиот муслимански месец на постот, Рамазан, присуството на мажите на задолжителните заеднички молитви беше внимателно следено, што понекогаш доведуваше до произволно притворање на оние кои не се појавиле“, се додава во извештајот.
Мисијата на ОН соопшти дека биле погодени и двата пола, особено луѓето со мали бизниси, како што се приватните образовни центри, бербери и фризери, кројачи и угостители, што доведува до намалување или целосно губење на приходите и можностите за вработување.
„Директните и индиректните социо-економски ефекти од спроведувањето на законот најверојатно ќе ја влошат страшната економска ситуација во Авганистан“, се вели во извештајот.
Студија на Светска банка проценува дека владината забрана за образование и работа може да ја чини земјата повеќе од 1,4 милијарди долари годишно.
Водачот на талибанците, Хибатула Акунџада, пак, го истакна приматот на исламскиот закон и улогата на Министерството за пороци и доблести во реформирањето на авганистанското општество и неговиот народ.
Во пораката објавена во пресрет на верскиот фестивал Рамазан Бајрам, кој го означува крајот на Рамазан, Акунџада рече дека е неопходно „да се воспостави општество без корупција и искушенија и да се спречи идните генерации да станат жртви на погрешни верувања, штетни практики и лош морал“.
Повеќе од 3.300 инспектори, главно мажи, имаат задача да ги информираат луѓето за законот и да го спроведуваат, се вели во извештајот.
Никој од Министерството за пороци и доблести не беше веднаш достапен за коментар за извештајот.
И ЕУ ги суспендира царините за САД на 90 дена

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, објави дека ЕУ ќе ги стави во мирување планираните царини за американските стоки „за да им даде шанса на преговорите“. Ова следува откако американскиот претседател Доналд Трамп го паузираше воведувањето царини од САД на 90 дена.
Унијата, во која членуваат 27 европски држави, вчера (9 април) даде зелено светло за да ги презеде првите мерки како одмазда за царините за извоз на челик и алуминиум во САД.
„Додека го финализираме усвојувањето на контрамерките што ќе ги преземе ЕУ, кои имаа силна поддршка од нашите земји-членки, ќе ги ставиме царините во мирување 90 дена. Доколку преговорите не бидат задоволителни, нашите контрамерки ќе стапат на сила“, рече Фон дер Лајен.
Претседателот Трамп минатата недела најави воведување тарифи од 20 отсто за увоз од ЕУ, како дел од неговите глобални „реципрочни“ мерки против голем број земји.
Контрамерките што ЕУ ги одобри вчера се насочени кон американски производи во вредност од повеќе од 20 милијарди евра, вклучувајќи соја, мотоцикли и козметика.
Унијата сè уште работи на одговор на универзалните царини на Трамп, кои ја погодија ЕУ со стапка од 20 проценти, како и на наметнатите тарифи за автомобилскиот сектор.
Фон дер Лајен нагласи дека „работата продолжува“.
„Сите опции остануваат на маса“, рече таа.
Брисел јасно стави до знаење дека претпочита да избегне одмазда.
Во претходна изјава во текот на денот, шефицата на Европската комисија ја поздрави одлуката на Трамп да ги паузира планираните царини нарекувајќи ја „важен чекор кон стабилизирање на глобалната економија“.
Таа рече дека ЕУ „останува посветена на конструктивни преговори со САД“ и ја повтори понудата на Унијата за билатерално царинско ослободување за автомобили и други индустриски стоки.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете