Вести
Караџовски - Резултатите од мерките за три-четири недели

Само со доследно почитуавње на мерките може да се очекува намалување на бројот на заразени од коронавирусот, изјави денеска претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски во интервју за национална телевизија.
Коментарите доаѓаат во услови на силен замав на есенскиот бран, кога здравствените власти вечерва објавија рекордни 934 позитивни на Ковид-19, со што вкупниот број на заболени од почетокот на пандемијата се искачи на 30.488 и вкупно 982 смртни случаи.
Караџовски на „Канал 5 “ телевизија изјави дека сите граѓани се под ризик од заразата, особено повозрасните генерации, но посочи и дека е можно да почине лице заболено од Ковид-19 кое нема хронично заболување.
Тој додаде дека резултатите од новите мерки кои ги донесоа властите ќе се знаат за три до четири недели и дека бројката може да се намали само со „нивно доследно почитување.“
„Носете маски, почитувајте мерки, внимавајте со кого ќе седнете на работа, со кого контактираш дома... Ако сето ова принципиелно се почитува тогаш е полесно да му се спротивставиме на вирусот“, рече Караџовски.
Новите мерки кои ги донесоа властите со донесувањето на законските измени подразбираат задолжително носење маска на отоврено, задолжителна самоизолација при тестирање за Ковид-19, од закажување на тестот или до добивање на резултатот, а самоизолацијата продолжува ако резултатот е позитивен.
За неносење маска сппред новите законски обврски казната изнесува 20 евра, додека за прекршување на самоизолацијата 50 евра.
Ширењето на короновирусот започна во кинескиот град Вухан на крајот на 2019 година, а потоа епидемијата се прошири во сите делови од светот.
види ги сите денешни вести
Започна рочиштето за нападот во Бањска

Пред Основниот суд во Приштина денеска (17 април) се одржува првото рочиште во случајот Бањска против Владимир Толиќ, Благој Спасојевиќ и Душан Максимовиќ, кои беа уапсени по вооружениот напад во Бањска на северот од Косово во септември 2023 година, кога вооружена група Срби ја нападна косовската полиција и го уби полицаецот Африм Буњаку. Во размената на оган беа убиени и тројца напаѓачи.
Во септември 2024 година, Специјалното обвинителство на Косово подигна обвинение против 45 лица за тероризам, финансирање на тероризам и сериозни кривични дела, од кои повеќето - вклучувајќи го и Милан Радоичиќ, кој ја презеде одговорноста за нападот - се во бегство.
На 9 октомври минатата година, на претходното рочиште, обвинителството побара судењето да започне и за обвинетите кои не се во Косово, но адвокатите на одбраната изјавија дека косовските закони не дозволуваат такво нешто.
Судијата Арбен Хоти побара правно мислење од Врховниот суд во толкувањето на законот, во кое се наведува дека прашањето е „дискреционо право“ на судијата.
На прашање на Радио Слободна Европа, Основниот суд соопшти дека сè уште не е одлучено дали на лицата кои се во бегство ќе им се суди или не.
Патем, на претходното рочиште на 9 октомври 2024 година, двајцата обвинети, Владимир Толиќ и Благоје Спасојевиќ, одбија да се изјаснат за виновни во таа фаза од процесот, додека Душан Максимовиќ се изјасни за невин.
Одговорноста за вооружениот напад во Бањска ја презеде Милан Радоичиќ, поранешен потпретседател на Српската листа - најголемата партија на Србите во Косово, која има поддршка од официјален Белград. Се верува дека тој и повеќето членови на таа група се на слобода во Србија.
Што пишува во обвинителниот акт?
Специјалното обвинителство на Косово ги товари обвинетите во случајот Бањско, меѓу другото, за терористички акти и дела против уставниот поредок и безбедноста на Косово.
Обвинителот, Наим Абази, претходно изјави дека обвинетите имале различни улоги во рамките на криминалната група - „од организирање и насочување на терористички активности до финансирање и перење пари“.
Во обвинението се наведува дека оваа група, користејќи насилство и тешко оружје, се обидела да го „одвои северниот дел од територијата на Република Косово, односно општините населени со српско мнозинство и да ги припои кон територијата на Република Србија“.
Милан Радоичиќ, за кој се вели дека играл важна улога во координацијата и криминалните активности е идентификуван како водач на таа група. Радоичиќ е на црната листа на САД и Велика Британија поради неговата поврзаност со меѓународен организиран криминал и корупција.
Во Косово, Радоичиќ е поврзан и со убиството на српски опозициски политичар и со заплашувањето на сведоци во судски постапки поврзани со нелегална градба. Косовските власти бараат негова екстрадиција, а Белград одбива да го стори тоа.
Главниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, на почетокот на декември минатата година изјави дека одлуката за поднесување обвинение против Радоичиќ ќе биде донесена кон крајот на 2024 година или почетокот на 2025 година. Сепак, досега не е донесена никаква одлука.
Вишото јавно обвинителство во Белград го обвини Радоичиќ за три кривични дела - меѓу нив за нелегално производство, поседување, носење и трговија со огнено оружје и експлозивни материи и тешки кривични дела против општата безбедност. Другите осомничени се непознати лица.
Косовските власти, исто така, го сметаат нападот во Бањска за терористички чин и ја обвинуваат Србија дека стои зад него, што Белград категорично го негира.
Поранешниот заменик-помошник државен секретар на САД, Габриел Ескобар, во интервју за РСЕ во март 2024 година изјави дека „Србија има одредени финансиски и организациски врски, но дека ова го истражуваме подетално“.
Тој подвлече дека од Србија не се бара да спроведе истрага, туку одговорност.
Меѓународната заедница остро го осуди нападот во Бањска, побара истрага и одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата.
Неколкумина загинати, меѓу кои и дете, во руски напад врз Дњепро

Во напад со руско беспилотно летало загинаа три лица, меѓу кои едно дете и една постара жена, а повредени се најмалку 31 лице доцна на 16 април во југоисточниот украински град Дњепро, изјави регионалниот гувернер.
„Масовен напад со беспилотно летало имаше трагични последици. Три лица загинаа во Днепро, меѓу кои и едно дете“, изјави на Телеграм Серхи Лисак, гувернер на регионот Днепропетровск.
Лисак додаде дека меѓу 31 повредени лица има пет деца. Шеснаесет лица биле згрижени во болница.
Нападот предизвикал и неколку пожари, според градоначалникот на Днепро, Борис Филатов, кој рече дека еден удар се случил на 100 метри од општинските канцеларии на градот. Тој, исто така, рече дека најмалку 15 станови биле оштетени заедно со студентски дом, образовна институција и фабрика за преработка на храна.
Фотографии, објавени на интернет, покажуваат голем пожар и пожарникари на теренот, како и изгорени возила и згради со скршени прозорци и оштетени фасади.
Во североисточниот регион Харкив, гувернерот Олех Синјехубов изјави дека во руски ракетен напад биле повредени две лица во градот Изум. Градот беше заземен од руските трупи во раните денови на целосната инвазија на Русија во февруари 2022 година, но беше ослободен од украинските сили подоцна во годината.
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните системи за противвоздушна одбрана уништиле или пресретнале 71 украински беспилотни летала над шест руски региони во текот на ноќта, а 49 од беспилотните летала биле соборени во областа Курск.
РСЕ не можеше да ги потврди тврдењата.
Минатата недела, шефот на украинското воено разузнавање, Кирило Буданов, на Телеграм рече дека рускиот ракетен напад на Цветници, во кој загинаа 34 лица во Суми, делумно бил лансиран од областа Курск.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски се состана со претставници на одбранбената индустрија во Киев на 16 април. Тој рече дека Украина сега произведува 40 отсто од оружјето што се користи на линијата на фронтот.
„Нашата одбранбена индустрија веќе произведува повеќе од илјада видови оружје: од артилериски гранати до проектили и оружје со долг дострел, до нашите беспилотни летала“, рекол Зеленски за време на состанокот, според неговиот кабинет.
Србија доби нова влада

Ѓуро Мацут е новиот премиер на Србија. Собранието на Србија избра нова влада со 153 гласа „за“, која ќе има 30 министри, од кои 10 се нови имиња.
Гласаа 199 пратеници, а 46 пратеници се изјаснија против.
Во своето излагање, Мацут изјави дека Србија е уморна од поделби и блокади, дека мора да работиме на хармонизирање на општеството, дека хармонијата може да се изгради преку дијалог, толеранција, работа и градење систем на вредности.
Тој исто така кажа дека негов прв приоритет ќе биде нормалното функционирање на училиштата и факултетите.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, им честиташе на граѓаните за изборот на новата влада, а на новиот премиер Ѓуро Мацут и на членовите на неговиот кабинет им посака „да ја ослободат земјата од терор и да ја вратат на патот на успехот“.
Меѓу 30-те предложени членови на кабинетот има 10 нови лица.
Новиот кандидат за министер за образование, Дејан Вук Стевановиќ, е единствениот професор на Факултетот за педагошко образование кој јавно се спротивстави на блокадата предводена од студентите уште од самиот почеток.
Чест гостин во провладините медиуми, тој ги критикуваше и професорите и студентите кои бараат одговорност за трагедијата во Нови Сад.
Новиот кандидат за министер за информации, Борис Братина, е нашироко познат по својата антиевропска реторика и по застапувањето за забрана на Парадата на гордоста.
Тој беше снимен како извикува „Србија и Русија - не ни треба Европската Унија!“ на митинг во Белград во 2009 година, каде што го запали и знамето на ЕУ.
Србија официјално тврди дека пристапувањето кон Европската Унија, нејзиниот најголем инвеститор, останува нејзина стратешка цел.
„Немам целосно позитивен став во однос на ЕУ, и можеби тука се разликувам од другите. Не би го охрабрувал прекумерниот ентузијазам за ЕУ, бидејќи таа има многу свои проблеми“, изјави Братина за балканскиот сервис на РСЕ на 14 април.
Отворањето на нови поглавја во преговорите за пристапување на Србија во ЕУ е во застој од декември 2021 година.
Братина го нарече Прајдот „поворка на болните“ и рече дека ваквите настани не припаѓаат во она што го опиша како „длабоко хетеросексуална култура“ на Србија. Белградскиот Прајд побара повлекување на неговата номинација.
Како и неговиот потенцијален иден шеф, Братина е член на Движењето за народ и држава.
Што можеме да очекуваме од новата влада на Србија?
Членовите на опозицијата и аналитичарите не очекуваат големи промени во домашната политика или во меѓународниот став на Србија, бидејќи земјата продолжува да одбива да се придружи на западните санкции против Русија поради инвазијата на Украина и одржува историски и културни врски со Москва.
Србија, исто така, веројатно ќе остане претпочитан партнер на Кина на Балканот и ќе го продолжи своето „железно пријателство“, како што Вучиќ ги опишува односите со Пекинг.
„Фактот дека новиот премиер е член на новоформираното движење на Вучиќ веќе покажува дека тој не е политички независен кандидат“, вели Зоран Стојиљковиќ, професор на Факултетот за политички науки во Белград.
„Тој избор јасно сугерира дека тој ќе биде еден вид „политичка фигура“, бидејќи нема значително политичко искуство и не гарантира автономија од претседателот на Србија“, додава Стојиљковиќ.
На 6 април, претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, го нарече мандатарот „храбар, смирен и стабилен - сè што ѝ е потребно на српската влада во моментов“.
Премиерот во заминување, Милош Вучевиќ, додаде дека Мацут е некој „кој може да отвори социјален дијалог“.
Но, некои опозициски лидери го отфрлија назначувањето како симболично.
Драган Ѓилас од Партијата за слобода и правда рече дека Вучиќ „купува време“ со номинирање на некој што „нема да избира министри, да обликува политика или да донесува одлуки“.
Партијата „Српски центар“ додаде дека „не е важно кој ја предводи владата кога е јасно дека Вучиќ е главен“.
Српскиот парламент на 19 март ја констатираше оставката на премиерот Милош Вучевиќ.
Тој поднесе оставка на 28 јануари со образложение дека се чувствува одговорен за фактот што членови на Српската напредна партија, чиј претседател е тој, претепале студентка во Нови Сад претходниот ден.
Падот на српската влада се случи во екот на антирежимските протести предводени од студенти кои блокираат десетици факултети низ цела Србија од крајот на ноември 2024 година, барајќи одговорност за смртта на 16 лица при падот на крошна во Нови Сад.
Под истрага десет полициски службеници за трагедијата во Кочани

Десет полицајци од Штип и Кочани се под истрага за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Според Обвинителството, тие се осомничени дека од 2012 до 2022 година издавале согласности и му овозможиле на правното лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност, иако истото не ги исполнувало предвидените услови.
„Постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР, јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски властувања и припадници на затворската полиција, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против десет полициски службеници. Во конкретниот случај постои основано сомнение дека осомничените во временскиот период од 07.12.2012 година до 21.01.2022 година, како соизвршители, сториле кривично дело Тешки дела против општата сигурност“, соопшти Обвинителството.
МВР информираше дека шестмина од полицајците се приведени, по еден се трага, а тројца веќе издржуваат мерка притвор.
Како што информира Обвинителството, осомничените како службени лица вработени во СВР Штип и ПС ОН Кочани, во погоренаведениот временски период, како соизвршители, не постапиле според прописите за мерките за заштита, односно не извршиле целосна и детална проверка во врска со издавање на позитивна согласност за издавање лиценца за Кабаре „ПУЛС“, во делот на безбедноста во сообраќајот и јавниот ред и мир.
Со издавањето на согласностите, сите заедно му овозможиле на правното лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност, иако истото не ги исполнувало предвидените услови.
„Јавниот обвинител ценејќи ги околностите и доказите прибавени во предистражната постапка, а заради непречено водење на кривичната постапка и заради обезбедување присуство на осомничените, на судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје ќе предложи на седуммина осомничени да им определи мерки на претпазливост. Останатите тројца осомничени се обезбедени со претходната постапка“, се наведува во соопштението од Обвинителството.
Од Министерството за внатрешни работи објавија повеќе детали за полициските службеници против кои е поднесена кривична пријава.
Станува збор за П.С. (во времето на извршување на кривичното дело на работно место помошник началник во СВР Штип), Ј.Т. (во време на извршување на кривичното дело на работно место главен инспектор за сообраќајни работи во Одделение за полиција во СВР Штип), С.Д. (во времето на извршување на кривичното дело на работно место главен инспектор за сообраќај во Одделение за полиција во СВР Штип), М.С. (во време на извршување на кривичното дело на работно место началник на одделение во Одделение за полиција во СВР Штип), Љ.Т. (во време на извршување на кривичното дело на работно место началник во СВР Штип), В.П. (во време на извршување на кривичното дело на работно место главен инспектор по сообраќајни работи во Одделение за полиција при СВР Штип), А.А. (во време на извршување на кривичното дело на работно место помошник началник на СВР Штип), В.И.(во време на извршување на кривичното дело на работно место документарист во ПС ОН Кочани во СВР Штип) и А.Т. (во времето на извршување на кривичното дело на работно место командир на ПС ОН Кочани).
Вкупно 52 лица и три фирми се опфатени со проширената истрага на Обвинителството за системски пропусти кои доведоа до тешки последици од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Истрагата уште не е готова, а според најавите на државниот обвинител Љупчо Коцевски таа ќе трае уште најмалку два месеца.
Пожарот избувна ноќта на 15 наспроти 16 март при што загинаа 61 млади луѓе, а речиси 200 беа повредени. Дел од повредените сѐ уште се на лекување во странство.
Најмногу дискриминација во работните односи, најголеми дискриминатори-државните институции

Работата и работните односи се најчестите области во кои се пријавува дискриминација, но исклучително зголемен е бројот на претставки во областа на членувањето во синдикалното организирање. Ова го покажува најновиот Годипен извештај за спречување и заштита од дискриминација за 2024 година во однос на 2023-та. Во него исто така се забележува благо намалување на бројот на претставки за 20 отсто.
Зголемен е бројот на претставки во однос на националната или етничка припадност, зад што најчесто стои политичко уверување. Сепак претсдателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Игор Јадровски вели дека граѓаните сѐ уште не се охрабрени да пријават дискриминација врз основа на политичко уверување.
Согласно Извештајот, загрижувачки е тоа што скоро 80 отсто од утврдените дискриминатори се државни институции, органи на управата, општини и претпријатија кои вршат јавни овластувања.
„Доставени беа 405 претставки во 2024 година што е за 116 помалку од 2023-та. Речиси идентичен е бројот на мажи и жени што поднесуваат претставки и расте процентот на луѓе кои лично се обраќаат до нас“, изјави Јадровски пред презентацијата на Извештајот.
Од новите 407 предмети кои биле отворени годинава, 405 биле претставки поднесени од граѓани и организации, а останатите две се постапки кои КСЗД ги повела по службена должност.
Исто како и во претходната година, најчесто место на сторена дискриминација е во институциите на јавниот сектор (37 случаи или 66%), а утврдени се и случаи во приватниот сектор (9 случаи или 16%), како и на социјалните мрежи и медиумите (10 случаи или 18%). Во однос на областите, најмногу утврдени случаи се во работата и работните односи, образованието, науката и спортот и јавното информирање и медиуми, а потоа правосудство и управа, пристап до добра и услуги и во други области.
Заради непостапување по препораките на Комисијата, во 2024 година, поднесени се 10 барања за поведување прекршочни постапки против утврдени дискриминатори, а до крајот на годината донесени се две обвинителни пресуди од надлежниот суд за прекршоци.
Во пресрет на локалните изборите годинава, Комисијата потсети и предупреди дека сѐ уште не се исполнети препораките кои биле упатени во 2021 година, а се однесуваат на отстранување на дискриминацијата која ја продуцира Изборниот законик врз основа на возраст, здравствена состојба и личен статус, со што непосредно пред одржување на уште еден циклус избори, различни групи на граѓани повторно се оневозможени да го остварат уставното право на глас.
Во ланскиот извештај за работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за (2023 година), граѓаните најмногу се жалеа за сексуалната ориентација, родовиот идентитет, националната и етничка припадност, како и политичкото уверување.
КСЗД е национална институција за човекови права, надлежна за спречување и заштита од дискриминација. Таа е самостоен и независен орган основан од Собранието на Република Северна Македонија и своите надлежности ги врши во согласност со Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Кос: Нема гаранции дека по уставните измени ќе нема пречки на европскиот пат на Северна Македонија

Никој не може да и даде гаранции на Северна Македонија дека ако сега го смени Уставот, нема повеќе да има пречки на европскиот пат, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР) од која дел е и МИА.
Во одговор на прашање на МИА дали ЕУ и земјите членки можат да гарантираат дека по спроведување на уставните измени не би имало нови блокади поради билатерални прашања поврзани со идентитетот, јазикот или историја, Кос вели дека гаранции не може да има.
„Разбираме дека ова не е лесно прашање. Промена на Устав. Сфаќаме и тоа е многу човечки и разбирливо што вашата земја сака да има гаранции по се она што го помина. Гаранции не може да има, но она што го очекувам од сите земји членки кога има билатерални прашања, е разговорите да се водат со добра волја и со визија да се дојде до компромис“, вели Кос во интервјуто.
Кос истакнува дека ова не значи дека ЕК не работи на тоа да и помогне на земјава да ги започне преговорите по кластери и потенцира дека лично е ангажирана околу билатералното прашање со Бугарија.
Еврокомесарката денеска (16 април) заминува за Софија на средби со сите бугарски политичари, а потоа ќе контактира и со политичарите во земјава.
„Најдобро би било билатералните прашања да не се мешаат во пристапниот процес. Тоа не значи дека билатералните прашања не се важни. Знаете, можам да разберам дека Унгарија се бори за своето малцинство(во Украина). Можам да разберам дека и Бугарија го прави истото, но лошо е кога ова прашање се меша со процесот на пристапување“, вели Кос.
Кос изрази надеж дека наскоро ќе се најде решение за деблокада на пристапниот процес на земјава и дека откако ќе се случи тоа ќе може без никакви нови услови да започнат преговорите по кластери.
„Затоа ние порачуваме, ве молиме направете ги реформите и бидете подготвени да го отвориме првиот кластер“, рече еврокомесарката за проширување, Кос.
Еврокомесарката нагласува дека во сегашните услови целосно ја разбира фрустрацијата на луѓето во земјава.
Последното истражување на Институтот за демократија Социетас Цивилис покажа дека мнозинството граѓани или 62 отсто поддржуваат идно членство на Северна Македонија во ЕУ, но од нив, само 20 отсто сметаат дека уставни измени се неопходен чекор.
Граѓаните остануваат поделени и околу следните чекори кои треба да ги направи земјата во евроинтегративниот процес. Според истото истражување, само 20 отсто од испитаниците сметаат дека уставни измени се неопходниот следен чекор. За еден процент повеќе или 21 отсто сметаат дека треба да запрат преговорите со ЕУ, а исто толку сметаат дека треба да се промени преговарачката рамка.
Еврокомесарката Кос, пак потенцира дека иако има нова динамика во процесот на проширување, сепак тој останува заснован на заслуги, но она што сега позитивно влијае врз него е тоа што има нова визија на Европската Унија за забрзување на пристапувањето.
„Ние исто така, особено преку Планот за раст, се соочуваме се еден вид притисок од колегите, особено во Западниот Балкан. И тогаш имаме разлики. На пример, знаете Албанија беше заедно со Северна Македонија. Сега, по раздвојувањето, Албанија направи навистина добар напредок. Но, зад себе нема да оставиме ниту една земја. Ние сме силно посветени сите да ги внесеме во Европската Унија. Но, секако, ќе се држиме до заслугите и ќе видиме“, вели Кос во интервјуто за Европската Новинска Редакција.
Инаку македонско-бугарските односи се нарушени по бугарското вето за старт на македонските преговори за влез во ЕУ, бидејќи Бугарија не го признава македонскиот јазик и делови од историјата и се жали на дискриминација на свои граѓани во земјава.
Софија во 2022 го повлече ветото за почеток на преговорите со ЕУ откако Скопје го прифати францускиот предлог кој меѓу другото, предвидува бугарскиот народ да стане дел од македонскиот Устав.
Услов за одржување на втората меѓувладина конференција со ЕУ на која ќе се отворат кластерите од преговорите е вметнување на бугарската заедница во македонската Преамбула.
САД ги укинаа санкциите против член на кабинетот на Орбан

Соединетите Држави на 15 април ги укинаа санкциите воведени во јануари врз шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, Антал Роган, поради обвинувања за корупција и кронизам.
Во соопштение објавено на веб-страницата на Министерството за финансии се вели дека Роган е избришан од листата на санкции.
„Државниот секретар Марко Рубио на 15 април разговараше со унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто и го информираше за потегот“, изјави портпаролката на Стејт департментот, Теми Брус.
Рубио му кажа на Сијарто дека Роган е отстранет од листата на специјално назначени државјани и блокирани лица на Министерството за финансии, рече Брус.
„Двајцата, исто така, разговараа за зајакнување на усогласувањето на САД и Унгарија по критични прашања и можности за економска соработка“, рече Брус.
Орбан и неговата партија Фидес се меѓу најгласните поддржувачи на американскиот претседател Доналд Трамп во Европа.
Вашингтон претходно оваа година објави санкции против Роган за наводна вмешаност во корупција, велејќи дека тој „ја искористил својата улога за да се збогати себеси и оние лојални на неговата партија“, соопшти одделот во соопштение за медиумите на 7 јануари.
Роган „оркестрирал шеми дизајнирани да контролираат неколку стратешки сектори на унгарската економија“ и ги искористувал приходите од секторите за себе и лојалистите на партијата Фидес, соопшти одделот кога ги објави санкциите.
Амбасадорот на САД во Унгарија во тоа време, Дејвид Пресман, рече дека „системската корупција влијае на донесувањето одлуки во Унгарија за прашања што влијаат на безбедноста на Соединетите Држави и нашите сојузници“.
Пресман се повлече пред инаугурацијата на Трамп на 20 јануари.
Владата на Орбан, која ги нарече санкциите против Роган „лична одмазда на амбасадорот“, го поздрави соопштението од 15 април дека санкциите се укинати како „јасен знак дека се смениле ветриштата во Вашингтон“.
Владиниот портпарол Золтан Ковач на платформата X напиша дека промената „потврдува промена во политиката на САД со враќањето на претседателот Трамп, поништувајќи го она што Унгарија го смета за неправедни дејствија преземени од злоба“.
Соединетите Држави претходно соопштија дека во текот на мандатот на Роган како владин службеник, тој го „оркестрирал“ унгарскиот систем за распределба на јавни договори и ресурси на соработници лојални на него и на партијата Фидес.
Тој беше ставен на листата според Глобалниот закон за одговорност за човекови права на Магнитски, кој ги таргетира сторителите на сериозни злоупотреби на човековите права и корупција низ целиот свет.
Одделот во јануари забележа дека корупцијата во јавниот сектор во Унгарија се влошува повеќе од една деценија, што доведе до тоа Унгарија да добие најнизок резултат од која било земја-членка на Европската Унија на Индексот за перцепција на корупцијата за 2023 година на Транспаренси Интернешнал втора година по ред.
Исто така, се наведува дека информаторите во Унгарија ја критикувале владата за управување со клептократија со забележителен недостиг на транспарентност и еднаквост во договорите за јавни и приватни трошоци склучени меѓу администратори како Роган и лојални бизнис лидери.
„Неуспехот на Унгарија да ги реши проблемите со транспарентност во своите механизми за јавни набавки неодамна доведе до губење на над 1 милијарда евра во идно финансирање од Европската Унија, што им штети на унгарските граѓани“, соопшти одделот објавувајќи ги санкциите против Роган.
РТС во Белград е сè уште блокирана, вработените влегоа во зградата со помош на полицијата

Во неколку интервенции од утрово (16 април), полицијата ги потисна студентите кои блокираа еден од главните влезови во зградата на Радио и телевизија на Србија (РТС) во Белград, на улицата Абердарева.
Полициски и жандармериски кордони моментално се поставени пред студентите, додека улиците околу РТС се блокирани.
Според изјавите на еден од обезбедувачите, во средата, работниците на РТС, во придружба на полицијата, влегле во зградата на телевизијата околу 5 часот наутро. Затоа студентите решиле да застанат пред кордонот. Пред сите влезови има неколку студентски чувари.
Освен повременото туркање на студенти во блокадата и присуството на помал број граѓани, немаше никакви други инциденти.
Студентите во блокадата ги блокираат влезовите во зградите на Радио-телевизија Србија (РТС) во Белград од понеделник вечерта (14 април), додека припадници на полицијата и жандармеријата ја пробија блокадата на Радио-телевизија Војводина (РТВ) во Нови Сад во раните утрински часови во вторникот.
Блокадата на РТС траеше повеќе од 24 часа, а студентите поставија видео бим пред зградата на јавниот медиумски сервис, на кој беше емитувано пристигнувањето на студентите велосипедисти во Стразбур во вторник вечерта. Нивното пристигнување беше пречекано со аплауз.
На митингот беа присутни илјадници граѓани и студенти.
Студентите во блокада на високообразовните институции во Белград побараа од Комисијата за култура и информации на Парламентот на Србија да го повтори процесот на избор на членови на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми.
Студентите изјавија дека бараат откажување на претходниот Јавен повик и објавување на нов, со транспарентен процес.
„Протестот пред РТС ќе трае сè додека не објавите јавен повик за избор на членови на Советот на РЕМ“, наведуваат студентите во блокадата во соопштението.
Во координирана акција, студенти од Белград и Нови Сад ги блокираа зградите на РТС и РТВ, тврдејќи дека јавните медиуми не известуваат објективно за нивните протести.
Студентите во блокада протестираат со месеци, барајќи одговорност за смртта на 16 лица при падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад.
Од понеделник вечерта, влезовите во зградите на РТС на улиците „Таковска“ и „Абердарева“, како и на Кошутњак во Белград, се блокирани, а пред зградата во „Таковска“ е поставен шатор.
Ова не е прво блокирање на јавните медиумски услуги.
Вечерта на 10 март, студенти од Белград и Нови Сад се собраа ненајавено пред јавните медиуми и ги блокираа сите влезови, барајќи објективно известување за протестите.
Нивната прва блокада траеше околу 20 часа.
Подготвеност има, но македонско-бугарска средба за Коридорот 8 уште нема

Бугарија порача дека е подготвена да потпише договор со Северна Македонија за изградба на прекуграничен железнички тунел на Коридорот 8. Од македонското Министерство за транспорт одговорија дека „едно се дела, а друго се зборови“.
„Бугарија е целосно подготвена да потпише договор со Северна Македонија и што поскоро да започне со копање на граничниот железнички тунел“, порача бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт и врски, Гроздан Караџов на работниот појадок со амбасадорите во Бугарија на земјите членки на ЕУ и НАТО.
Според него, Бугарија може веднаш да започне со изградба на делот од пругата од Ѓуешево до границата во должина од 2,4 километри, но вистинскиот почеток зависи од изградбата на тунелот.
Софија: Изградбата може да започне веднаш
Според бугарските медиуми, Караџов на средбата во понеделникот, на 4 април изнел детални информации за железничките проекти на бугарска територија долж Коридорот 8.
„Очекуваме одговор и коментари од Скопје за предложениот договор за да се планира експертска средба на која ќе се разговара“, изјавил Караџов. Доколку Северна Македонија нема забелешки на документот, тој е подготвен веднаш да го организира неговото потпишување.
Од македонското Министерство за транспорт на овие изјави на бугарските владини претставници со реакција дека “Едно се дела, друго се зборови. Република Бугарија повторно ги извртува фактите“.
Во писмената реакција потсетуваат дека Владата „е силно посветена на доизградба на железничкиот Коридор 8“ и дека по барање од страна на Бугарија за постигнување на Договор за заедничка изградба на тунелското решение како гранична точка меѓу двете земји, веднаш било формирано работно тело во кое се министрите за транспорт, Александар Николоски, за надворешни работи, Тимчо Муцунски, за финансии Гордана Димитриеска Кочоска и директорот на МЖ Инфраструктура Синиша Ивановски“.
Откажана средба на директорите на двете железници
Но од македонското Министерство велат дека неколку пати се обиделе и побарале од Софија да се состанат двете работни групи, но до сега не добиле никаков официјален одговор. Бугарската страна ја откажала и претходно закажаната средба на директорите на двете железнички компании.
На средбата во Софија во понеделникот со амбасадорите на западните земји, според бугарските медиуми, бугарскиот министер за регионален развој Иван Иванов кажал дека и покрај секојдневните предизвици, Бугарија не треба да го изгуби фокусот на стратешките проекти како што е Коридорот 8, со оглед на неговата исклучителна важност за економско и логистичко поврзување во регионот.
ЕУ известена дека коридорот 8 не е приоритет за Бугарија
Овој повик од Бугарија во врска со Коридорот 8 следува откако на почетокот на март од Бугарија пристигна вест дека тамошната влада го стопира проектот за пругата кон Северна Македонија, поради пренасочување на средствата за завршување на домашните железнички проекти.
Македонскиот министер за транспорт и врски Александар Николовски на 14 март оцени дека одлуката на бугарската Влада средствата за реконструкција на делот од Софија до Перник и од Перник до Радомир да ги пренасочат за изградба на пруга од Софија до Бургас, е „политичка порака во однос на нивната посветеност, односно непосветеност, на изградбата на железничкиот Коридор 8“.
Македонската Влада минатиот месец ги известила и Европската Комисија, Европската инвестициона банка, Европската банка за обнова и развој и Секретаријатот на Транспортната заедница дека „се загрижени во однос на информациите изнесени во бугарската јавност, а во кои стои дека поради немање на финанисиски средства, Република Бугарија нема да ја финансира реконструкцијата на пругата Софија - Радомир - Перник, како дел од Коридор 8“.
Скептицизам околу можноста за реализација на овој проект најпрво изрази министерот за транспорт Александар Николовски кој објави дека делницата од пругата кон Бугарија, Крива Паланка-Деве Баир „завршува на половина тунел, во слепа улица“. Од Софија, пак, уверуваа дека работат на проектот, кој треба да заврши до 2030 година.
Тунелот меѓу Ѓуешево и границата се смета за стратешки објект кој ќе го поврзе Црното со Јадранското Море. Во овој момент, Северна Македонија е единствена од трите држави на Коридор 8 која работи во делот на железницата.
Првиот дел од пругата кон Бугарија, од Куманово до Бељаковце, во должина од 31 километар, беше пуштен во употреба во јануари. На вториот дел, од Куманово до Крива Паланка, изградени 27,3 проценти, а рокот е 2026 година.
ЕУ сака да ги заостри правилата: 61 земја се соочуваат со ремонт на патувањето без визи

Европската унија се чини дека подготвена да го заостри својот механизам за суспендирање на визниот режим подоцна оваа година, со што ќе му олесни на Брисел да го отповика безвизното патување за граѓаните од 61 земја кои моментално го уживаат - вклучувајќи ги и сите земји кои се надеваат на ЕУ во Западен Балкан, како и Грузија, Молдавија и Украина.
Предлогот да се наведат повеќе причини за суспендирање на безвизното патување беше инициран од Европската комисија уште во 2023 година, а Советот на ЕУ, кој ги претставува 27-те земји членки, веќе го усвои својот став по ова прашање пред една година. Меѓутоа, поради европските парламентарни избори во јуни 2024 година и големиот заостаток на законодавство, Европскиот парламент неодамна го доби својот преговарачки мандат.
Минатата недела се одржа првиот тријалог меѓу трите институции за предложената легислатива, со цел да се постигне договор за време на полското претседателство со Советот на ЕУ, кое ќе трае до крајот на јуни. Ако се биде во ред, новата легислатива треба да почне да работи на почетокот на есента.
Зошто ова се случува токму сега?
Во суштина, блокот станува многу потврдоглав во врска со визната либерализација, што одразува поширока промена: прво, да се бори против секоја форма на илегална миграција во ЕУ; и второ, потенцијално да се користи визната политика како политичка алатка за притисок врз трети земји.
Визната либерализација - која во овој случај ги вклучува сите земји-членки на ЕУ, освен Ирска, како и земјите кои не се членки на ЕУ, Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија - долго време е еден од најзначајните политички моркови на Брисел, особено за земјите во неговото соседство.
Тоа им овозможува на државјаните од трети земји да ја посетат ЕУ до 90 дена во кој било период од 180 дена без виза. Косово беше вклучено на листата на почетокот на 2024 година, а Грузија и Украина во 2017 година - потези кои беа прославени во сите овие земји.
Заканувањето со повлекување на привилегијата затоа може да се гледа како вистински стап.
Актуелниот механизам за суспензија, кој е во сила од 2018 година, може да се активира во случаи на јасна злоупотреба - на пример, пораст на државјани на трети земји кои го преостануваат лимитот од 90 дена или ја користат либерализацијата на патувањето за да бараат азил во ЕУ. Досега, блокот само еднаш ја суспендираше визната либерализација: прво привремено, а потоа трајно, за јужнопацифичката нација Вануату.
Значи, какви промени се веројатни? Општо кажано, постојат четири клучни области на промени, бидејќи Брисел има за цел да го направи механизмот за суспендирање на визната либерализација поверодостојна пречка. Прво, визната либерализација би можела да биде суспендирана доколку се согледа недостиг на усогласеност меѓу третата земја без визи и општата визна политика на ЕУ.
Така беше во 2022 година, на пример, кога Србија дозволи безвизно патување за граѓаните на земји како Бурунди, Индија и Куба. Брисел сугерираше дека многу од тие поединци ја користеле Србија како задна врата во ЕУ. По притисокот од Европската комисија, Белград се откажа од некои од овие аранжмани. Меѓутоа, според предложената легислатива, таквото однесување би можело полесно да се казнува.
Хибридни закани
Друга причина за суспендирање на визите се таканаречените хибридни закани. Иако е сè уште прилично теоретски, оваа одредба е инспирирана од случаи како Русија и Белорусија, кои ЕУ ги обвини дека превезуваат мигранти од Африка и Азија до границите на ЕУ, како што се границите на Полска и Литванија.
Сега, договорите за олеснување на системот со визите на ЕУ и со Москва и со Минск се суспендирани веќе неколку години, поради руската инвазија на Украина и репресијата на белорускиот моќник Александар Лукашенко врз опозицијата. Меѓутоа, доколку друга безвизна земја се обиде со слична тактика, новиот механизам може да биде активиран како одговор.
Трето, ако една земја работи со шема за државјанство на инвеститори - дозволувајќи им на поединци да купуваат државјанство без вистинска врска со таа земја - тогаш визната либерализација со ЕУ исто така може да биде стопирана во иднина.
Сепак, четвртата нова основа за суспензија е можеби најинтересната, бидејќи се однесува на политичките односи на ЕУ со трети земји. Нацрт-законот наведува дека механизмот за суспензија може да се активира во случаи на „сериозни прекршувања и злоупотреби на човековите права“ или „сериозно кршење на меѓународното право и стандарди, вклучително и правото за човекови права и непочитување на меѓународните судски одлуки и пресуди“.
„Критериум за демократија“
Ако ги прашате претставниците на ЕУ, нивното читање отсекогаш било дека постои „критериум за демократија“ кога станува збор за визната либерализација - но никогаш не било јасно наведено што точно подразбира тоа.
Друг интересен и нов аспект е дека активирањето на механизмот во овој случај треба да биде ексклузивна привилегија на Европската комисија, по консултации со земјите-членки на ЕУ, бидејќи таа се занимава со надворешните односи на блокот.
Сепак, на крајот, сепак ќе зависи од земјите-членки - преку квалификувано мнозинство - да ја прекинат визната либерализација со трета земја. Како што рекоа претставниците на ЕУ, ова останува „нуклеарна опција кога сите други се исцрпени“, бидејќи блокот генерално не сака да го казни целото население на една земја, а не нејзината влада.
Затоа, на почетокот на оваа година, ЕУ избра да ја суспендира визната либерализација само за имателите на грузиски дипломатски пасоши, по демократското назадување во оваа кавкаска земја. Сепак, опцијата за таргетирање на целото население останува на маса - и со идниот проширен опсег на механизмот за суспензија, блокот очигледно ја заострува својата кутија со алатки.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете