ВМРО-ДПМНЕ ќе овозможи на пленарна седница да поминат измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести за кои претходно побара време за да ги разгледа и изрази сомнеж. Од кога ќе поминат на пленарна седница, измените во кои не се внесени мерките за заштита на ширењето на коронавирусот, туку треба да бидат внесени преку амандмани кои ќе ги предложи владејачкото мнозинство, ќе одат на собраниска комисија за здравство на која и ВМРО-ДПМНЕ ќе може да предлага амандмани.
Пратеникот од таа партија Антонијо Милошоски, обелоденувајќи ги досегашните нивни забелешки рече и дека тие побарале формирање на друга комисија наместо досегашната за заразни болести. Таа комисија според предлогот на опозицијата, ќе се нарекува Комисија за заштита и справување со пандемија или епидемија, а на предлог на владата ќе ја избира Собранието.
Препораките на таквата комисија би биле задолжителни за државните органи, но ова, вели пратеникот, било одбиено од министерот за здравство Венко Филипче со кого се сретнал и разговарал членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, докторот Вело Марковски. Министерот Филипче реагираше на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук наведувајќи дека „барањето за формирање на нова Комисија која ќе ја избира Собранието е само начин да се прикаже наводна грижа и конструктивност и истото е целосно неиздржано“.
„Во Комисијата за заразни болести членуваат врвни професионалци, експерти во својата област. Од почетокот на кризата, сите одлуки, препораки и мерки на Комисијата за заразни болести се носат врз издржани епидемиолошки анализи и единство во интерес на заштитата на здравјето на граѓаните“, наведува Филипче.
Сепак Mилошоски нагласи дека не сакаат опозицијата да биде кочничар, ја повика власта да свика седница на која тие ќе обезбедат кворум.
„Иако ќе бидеме воздржани, сепак ќе овозможиме овој предлог закон да помине. Но, предупредуваме уште еднаш, ваков каков што е, не очекуваме да донесе преголеми резултати, бидејќи во законот недостигаат суштински мерки за борба против пандемијата “, вели Милошоски.
Да се закопаат „воените секири“
Како и да е, носењето на мерките важни за справување со коронавирусот од кого бројот на инфицирани секојдневно е висок, а бројот на починати некои денови и двоцифрен, беше една од причините да се организираат избори на 15 јули, а објаснувањето беше дека е потребно функционално собрание кое ќе реагира брзо во услови на пандемија. Но, македонското собрание се уште не е докрај функционално. Изборните резултати и коронавирусот, од кој има заболено и пратеници, го стесни и така тесното владино мнозинство од 62 пратеника, па сега мерките кои итно треба да се преземат да се спречи ширењето на Ковид 19 чекаат партиски договори.
„Време за одложување нема. Предлог-измените треба да се усвојат во најкус можен рок, бидејќи состојбата со вирусот е сериозна“, вели портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.
Епидиемиологот, професорот Драган Даниловски за Радио Слободна Европа апелира сите, како што ги нарекува „воени секири да се закопаат“ во моментов, оти е потребна заедничка борба. Од друга страна, анализира професорот, според кој најдобар индикатор за состојбата е бројот на хоспитализирани и починати, се влошува па од клучно значење е мерките да почнат да се спроведуваат час поскоро.
„Најминуциозно, најстручно, најдобро дизајнирани мерки ако не се спроведат најпромтно тогаш ја губат смислата. Ваквите мерки кои што се вака замислени и пропишани, ако не се спроведат сега, или за ден два, можеме да се доведеме до ситуацијата да мораме да спроведеме најрестриктивни мерки, односно тотален локдаун, заклучување, она што сега го прават низ Европа, но ние не знам дали можеме да си го дозволиме тоа“, вели Даниловски.
Или мерки поскоро, или целосно затворање
Носењето маски секогаш на отворено, забрана за групирање на повеќе од четири луѓе во ноќните часови надвор и забрана за примање на повеќе од четворица гости дома, се трите мерки кои ги нема во предлог измените, кои беа поднесени во собранието пред Комисијата за заразни болести да ги предложи, а владата да ги усвои. За да се заштеди време, како што објаснуваат од мнозинството, во тие предлог измени, ќе се интервенира со амандмани кои ќе ги поднесе владејачкото мнозинство, а кои ќе ги содржат мерките. Откако на пленарна седница, измените ќе поминат, тогаш одат на собраниска комисија за здравство, каде што и партиите ќе интервенираат со амандмани. Тоа што законот е по скратена постапка не ја ограничува временски амандманската расправа во комисијата, така што таа може да трае зависно од бројот на поднесени амандмани што може да придонесе за одолговлекување во носењето мерки.
Другите мерки, пак, кои ги усвои владата неделава по предлог на Комисијата за заразни болести- ограничување на работното време на угостителските објекти до 23 часот, еден час пред регуларното работно време кое завршува на полноќ, државната и јавна администрација да го организираат работењето од дома или во смени, ограничување на капацитетот на патници во возилата на јавниот превоз на 50 отсто, стапуваат во сила веднаш, односно за нив не се потребни законски измени туку почнуваат да се спроведуваат по објавата во Службен весник.
Епидемиологот Даниловски забележува дека ако тој бил прашан ќе го поместел затворањето на кафулињата, односно, до 21 часот, но како што вели некогаш и еден час порано може да помогне.
„Ограничувањето на капацитетот на јавниот превоз на 50 отсто нема никаква смисла ако на тоа не се компензира со зголемување на бројот на автобусите за најмногу два пати, дури и повеќе, оти во спротивно ќе се направат многу поголеми гужви“, вели Даниловски.
Според него некаков ефект ќе се добие и со другите мерки кои чекаат собраниско одобрување, односно маските на отворено и забранети групирања надвор и дома, кои вели во пакет со мерките кои поминаа на влада може да донесат некакви промени. Инаку бројот заболени во земјава последниве две недели е секојдневно висок, а со есенски бран се соочува цела Европа. Повеќе држави преземаа рестриктвни мерки, некои како Франција и полициски час.