Со растот на бројот на заболени од Ковид-19 се зголемува и ризикот од зараза кон здравствените работници, кои имаат поголем контакт со заболени лица. Од почетокот на пандемијата, од вкупната бројка 17.786 заразени од новиот коронавирус, над пет проценти се здравствени работници, со што се отвора прашањето дали тие се соодветно заштитени на нивните работни места?
Вкупно 969 здравствени работници се заболени од Ковид-19 од почетокот на епидемијата од кои седум починаа, според податоците на македонскиот Институт за јавно здравје. Досега 877 здравствени работници се водат за оздравени.
Состојбата со здравствените работници кои биле заразени од коронавирусот во земјава ја опишува Светската банка во документ за заем на Северна Македонија од 90 милиони евра за проект за итен одговор на Ковид-19.
Во документот е наведена состојбата во периодот од почетокот на здравствената криза до 17 април оваа година, кога од вкупниот број (1.117) на дотогаш регистрираните случаи, 17,4 проценти били здравствени работници, каде се сугерира на „сериозен недостиг на лична заштитна опрема (ППЕ) и материјали.“
Каква е државната стратегија против Ковид-19?
Но, освен заштитната опрема здравствените работници треба и да се однесуваат одговорно и одговорно да ги употребуваат заштитните средства, како што вели доктор Илбер Бесими – претставник на Лекарската комора на Македонија.
Свесни сме дека нашите болници не се како во Шведска, но во овие услови треба да ги користиме сите средства кои ни се на располагање, вели тој.
„Вистина е дека ние сме изложени на првата линија, дека сме во контакт со заразени лица. Се разбира дека ризикот кој го имаме е во склоп на нашата дејност и во таа насока може да се размислува за воведување на било какви други мерки“, вели Бесими.
Според него, тоа би можело да биде дополнителни заштитни мерки кои ќе можат да ги користат здравствените работници и второ дополнителна едукација или тренинг.
„Друг столб на целата оваа работа е сериозното сфаќање на состојбата од страна на општата популација. Со зголемувањето на бројот на заразени кај населението, се зголемува и ризикот кон здравственте работници“, вели Бесими.
Во владината Програма 2020 -2024 се вели дека веќе се започнати инвестиции во здравствениот систем и на одделенијата за интензивна нега во земјата.
„Со 33 милиони евра од Светска банка ќе ги опремиме сите одделенија за интензивна нега со модерна опрема, кревети, респиратори, рентген машини и сите останати потребни апарати да може да пружат врвна здравствена заштита“, се вели во Програмата.
Исто така е наведено дека до крајот на 2020 година ќе биде дефинирана десетгодишна Стратегија за издвојување и инвестиции во здравството.
АИ: заштитете ги здравствените работници
Ниту една болница или клиника не може да ги задржи безбедни пациентите доколку не бидат безбедни нејзините здравствени работници, наведува Светската здравствена организација (СЗО) во објава од септември оваа година.
Здравствените работници треба да имаат безбедни услови за работа, тренинг, да бидат соодветно платени и почитувани според нивните заслуги, наведува организацијата.
Во оваа насока СЗО ги повикува владите и оние кои даваат здравствени услуги на локално ниво, да преземат пет акции за подобра заштита на здравствените работници.
Во нив се вклучени чекори за заштита од насилство, подобрување на нивното ментално здравје, заштита од биолошки и физички ризици, унапредување на националните програми за безбедност на здравствените работници и поврзување на политиките за безбедност на здравствените работници со постоечките политики за безбедност на пациентите.