Засега нема истражување кое ќе покаже колку децата во Македонија заостанаа во совладувањето на училишните програми поради изолацијата што ја донесе пандемијата со коронавирусот, но експертите велат дека затворањето на училиштата и воведувањето на виртуелна настава го нарушија образованието и оти тоа ќе остави последици во перспектива.
Дел од нив велат дека поради корона вирусот светот се промени преку ноќ и оти тоа ќе остави негативни последици, а други сметаат дека ова е прилика да се редефинира образованието.
Професорот по социологија Нелко Стојановски смета дека пандемијата со коронавирусот, која доведе до затворање на училиштата и воведување настава на далечина ширум земјата, ги погоди сите деца. Тој истакнува дека тоа на многумна тешко им падна, а особено на семејствата со посиромашен буџет кои стравуваат дека нивните деца би можело да заостанат со материјалот во однос на другите деца. Тој се залага за овозможување настава во живо за што поголем број деца.
"Проблем е особено тоа што ние сме општество на нееднаквости. На многу места нема интернет. Многумина не може да дојдат до лаптоп или други електронски уреди со кои би комуницирале и половина ќе бидат исклучени од образовниот процес. За мене наставата во живо е незаменлива, директната средба очи в очи меѓу наставникот и ученикот е најдобриот модел и ќе треба да се најде чаре да се вклучат најголем дел од учениците во живо", вели Стојановски.
Учебната година поради пандемијата почнува на 1 октомври. Ќе се одвива главно онлајн. Учениците од прво до трето одделение ќе учат во училиштата, додека останатите ученици ќе следат онлајн настава.
Во меѓувреме, нашиот актуелен образовен модел заснован на наставници кои стојат пред клупите полни со ученици кои треба внимателно да слушаат не се менуваше со децении.
Дури и пред ковидот со забрзаната промена на технологија во светот веќе се расправаше за прашањето како може да се вметнат нови дигитални знаења во образовниот систем.
Професор Стојановски посочува дека изостанувањето во совладувањето на училишните програми поради изолацијата што ја донесе пандемијата и нееднаквиот пристап до онлајн учењето ќе остави повеќекратни последици врз општеството, дополнувајќи оти малку е веројатно дека виртуелната училница ќе може да ја надомести и воспитната улога на наставникот.
"Последиците ќе бидат намалување на нивото на образованието што за перспективите на општеството е многу лошо и ќе мора да се наоѓа чаре за да нема такво лошо влијание врз образовниот процес. Помал обем на знаење, помал обем на читање литература, многукратен ќе биде негативен ефектот од таквиот систем на образование и тоа во перспектива ќе се одрази негативно", вели професор Стојановски кој дополнува:
"И во воспитувањето голема е улогата на образованието. Авторитетот на учителите е незаменлив покрај оној на родителот. Во таа смисла е незаменлива улогата на наставата во живо", вели тој.
Учењето на далечина може да биде и позитивно искуство
Но, сепак некои експерти велат дека во целата ситуација со коронавирусот може да се најде и малку светлина. Една од позитивните страни од оваа криза е дека учениците сега се подготвуваат за работа на далечина, велат тие.
Психологот Мирјана Јовановска Стојановска вели дека учењето на далечина и виртуалната реалност во меѓувреме може да го претвори учењето во ангажирано и интересно искуство. На многу ученици им е досадно и не се среќни и со учење во изолација, вели Стојановска додавајќи дека на многу од нив им беше досадно и не уживаа ниту во актуелниот систем.
"Постои една црна и една светла страна. Да, децата ќе изгубат нешто, а од друга ќе научат нешто. Ова време е различно и по начинот на кој се учи и моментално се ноаѓаме во огромна криза што го погоди светот. Основно во нашето живеење е да ги сочуваме животите и да почекаме кога одново ќе почнеме да живееме како што сме научени. Начинот на кој ги третираме училиштата е различен и може да гледаме од црна и од светла страна и да пробаме да ги балансираме. Ова не се случува со намера некому нешто да му се направи, туку е одговор на пандемијата и најдобриот начин како да се спасат луѓето, животите и децата сите да не одат на училиште и да не ја донесат пандемијата дома на повозрасните членови во семејствата", вели Јовановска Стојановска.
Дигиталната неписменост е слабата точка на македонското образование
Но, оние што се најмногу засегнати од проблемот, младите, велат дека низ годините една од послабите страни во нашиот образовен систем беше токму дигитализацијата.
Стефани Спировска од Младинскиот Образовен форум посочува дека без разлика што компјутери се внесуваа во училиштата во изминатите години начинот на настава остана традиционален.
"Испуштивме толку години професори и генерации да ги научиме како да работат користејќи ги поволностите на технологијата. Сега во оваа криза повеќе од било кога на површина излегува овој проблем. И ова не се решава за неколку месеци туку е системски проблем и последиците допрва ќе следат", вели Спировска.
Дека кризата со пандемијата ќе се одрази врз следните генерации се укажува и во последното истражување на Светската Банка каде се наведува дека штетите што ги носи ова учење и прекините во образованието ќе остават трајни последици кои никогаш нема да се надоместат.
Во меѓувреме, иако пандемијата покажа дека дигиталното образование ни е слабост, Спировска од МОФ сепак очекува дека "може и ќе ни се отворат очите дека треба да се инвестира во дигитални технологии и човечки ресурси за тие да се искористат".
Учебна година со различни услови за настава
Како и да е, од четврток учениците до трето одделение, освен оние чии родители не се согласиле, наставата треба да ја следат со присуство во клупите.
За основците од повисоките одделенија и за средношколците, учебната година ќе почне со онлајн-часови преку националната платформа за учење од далечина.
Исклучок се 169 основни, главно подрачни училишта со помалку ученици и четири средни училишта во кои учебната година ќе почне да се реализира со физичко присуство. Но овој број не е конечен зашто владината комисија што дава одобренија постојано разгледува барања.
Сепак, најголем дел од учениците и наставниците, ќе комуницираат на далечина и тоа ќе го остваруваат преку единствената национална платформа за онлајн-учење www.schools.mk. Двестотини и шеесет илјади ученици и околу 25 илјади наставници од основните и средните училишта во земјава ќе ја користат Националната платформа
Министерството за образование и наука викендот испрати лозинки до училиштата за пристап до платформата, но таа беше недостапна за вклучување. Од МОН соопштија дека постојано се работи на тестирање за нејзина оптимизација за да биде целосно функционална до 1 октомври.
Платформата е изработена во соработка со ФИНКИ и е предвидено да ја користат 260 000 ученици и околу 25 000 наставници од основните и средните училишта.
За децата кои немаат ИТ-уреди во домашни услови, а според МОН се работи за околу 40 илјади ученици, ќе има алтернатива за следење на наставата. Според владиниот план, за нив ќе се организира настава со физичко присуство во училиште, доколку тоа има дозвола, но и со согласност од родителите/старателите. Ако нема согласност од нив, ќе бидат обезбедени печатени материјали кои наставниците ќе им ги достават на родителите. За овие деца ќе се емитуваат и видеа од наставен час на Македонската радио-телевизија.