Достапни линкови

Пандемијата ја „донесе“ Едуино, малку време за обуки


Едуино, прва национална платформа за далечнско учење
Едуино, прва национална платформа за далечнско учење

Образованието почна да се дигитализира, а притисок пред се дојде од пандемијата на коронавирусот. Првата национална платформа за далечинско учење дојде 12 дена пред почетокот на учебната година, која веќе беше одложена за еден месец.

Новата учебна година, како што заврши и претходната, е „заразена“ со коронавирусот. Кризата со КОВИД-19 ја забрза дигитилизацијата на образованието и во употреба е ставена првата национална платформа за далечинско учење „Едуино“. При промоцијата на „Едуино“ од Владата истакнаа дека платформата е инклузивна, практична, стабилна, иновативна, забавна, едноставна за користење и нуди учење на пет јазици.

Идејата е ученикот преку компјутер или телефон да може да ја гледа училницата и наставникот за да ја следи наставата, а истовремено да може да ги користи прикачените аудио и видео материјали и преку платформата да изработува домашни задачи. Преку „Едуино“ дел од наставата ќе бидат и брзи квизови и тестови.

„Пандемијата ја наметна потребата да согледаме зошто ни е потребен образовен систем во добра кондиција и дека посветено треба да работиме на негова дигитализација, реформа и подобрување. За прв пат создадовме единствена национална платформа за оналјн учење, што ја креиравме исклучиво со домашни ресурси и експерти. Ова не охрабрува и дава поттик за нејзино усовршување и прилагодување на потребите на секој ученик во нашата држава“, изјави премиерот Зоран Заев, кој заедно со министерката за образование и наука Мила Царовска ја промовираа платформата.

Според министерката Царовска подготовката на платформата е влог во иднината и модернизација на образованието.

„Платформата е првиот исчекор кон модернизација на образованието. Нова алатака, која сум убедена дека ќе биде значаен ресурс и по надминување на кризата со корона вирусот. Периодот што следи нема да биде лесен ниту за професорите, ниту за родителите, ниту за учениците. Промените се секогаш тешки и прилагодувањето бара огромна жртва од сите нас“, изјави Царовска.

Комбинираниот пристап што го избравме, Царовска изрази уверуавње, дека ќе обезбеди добар баланс меѓу обезбедување на добро образование и заштита на јавното здравје.

„Учениците ќе може да предлагаат надоградување и менување на платформата и со тоа директно ќе се вклучуваат во изработка на решенија што тие ги сметаат за прилагодени на нив. Платформата ќе овозможи учениците и просветните работници заедно да го унапредуваат нашети образование не само за сега, туку и за иднина“, порача Царовска.

Од Сојузот на средношколци сметаат дека ваква платформа е фундаментална потреба за квалитетна настав од далечина. Но, за нив разочарувачки е што платформата е промовирана „само 12 дена пред почетокот на учебната година“.

„Ова е загрижувачки поради недостигот на време за адекватно обучување на сите чинители во образовниот процес. Загрижувачки МОН немаше стратегија за дигитализирање на образование пред да започне пандемијата, додека Сојузот ова го бара уште од нашето создавање. Нивната стратегија беше еден вид на „lorem ipsum”, изјави Бленди Ходаи, претседател на Сојузот на средношколци.

Тој дополни дека квалитетот на образованието е голем предизвик кај сите држави, така што ова според нив не е соодветно решение за квалитетно образование. Меѓутоа, потсети дека тие од март излегоа со барање да се создаде единствена, унифицирана национална платформа. Истакнува дека се среќни што сега ја имаат, но вели дека треба да се остави простор за да се оцени од учениците и можност за измени и унапредување на платформата.

„Формално се уште немаме пристапено кон платформата, така што не можеме да дадеме оценка околу нејзината употреблива вредност или комплекснот. Да не заборавиме дека најверојатно платформата нема да биде голема тешкотија за учениците, бидејќи ние живееме со технологијата. Единствениот проблем е како наставниот кадар ќе се прилагоди на платформата, само 12 дена пред почетокот на учебната година. Дали наставниците ќе успеат да изведат квалитетна настава со ваква подготовка“, рече Ходаи.

Националната платформа за учење од далечина е резултат на соработка на МОН, Факултетот за информатички науки и компкутерско инжинерство и МАСИТ. Обуките за користење во прво ниво опфатиле 30 национални обучувачи, во второ ниво се опфатени 1 600 наставници номинирани за училишни обучувачи и тие понатаму ќе треба да ги обучат сите наставници на ниво на поедини училишта.

XS
SM
MD
LG