Достапни линкови

Наставата ќе се одвива онлајн, освен од 1 до 3 одделение


Прв училишен ден во училиштето Гоце Делчев во општина Центар во 2019 година.
Прв училишен ден во училиштето Гоце Делчев во општина Центар во 2019 година.

МОН ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести за продолжување на образовниот процес од септември. Децата од 1 до 3 одделение настава ќе следат со физичко присуство, а другите ќе учат онлајн. Настава со физичко присуство ќе биде можна и во општини со мал број на ученици и паралелки.

Наставата во новата учебна година поради пандемијата со коронавирусот ќе се одвива онлајн со два исклучоци, најавија денеска министрите за здравство и за образование, Венко Филипче и Арбр Адеми на прес-конференција во Владата. Првиот исклучок се однесува на настава со физичко присуство на учениците од прво до трето одделение, но со претходна согласност на нивните родители. Доколку согласност не биде обезбедена и за овие ученици наставата ќе се одвива онлајн. Вториот исклучок се однесува на настава со физичко присуство во општините каде има мал број на ученици или малку паралелки, исто така со претходна согласност од родителите и од надлежните институции.

Филипче порача дека иако образовниот процес е од неспорно значење, не смее да се занемари здравствениот аспект и трансмисија на вирусот и затоа Комисијата за заразни болести излегла со таква препорака.

„Наша препорака е училиштата да почнат со настава онлајн со два исклучоци. Првиот исклучок се однесува на учениците од прво до трето одделение имајќи предвид дека кај најмалите деца инциденцата е најмала и изнесува 3,4 проценти и имаат сосема лесни симптоми или се асимптоматски на болеста. Но, по барање на родители тие ќе може и онлајн да следат настава, бидејќи во некој семејства има хорнично болни родители, исто така деца се чуваат од страна на баби и дедовци кои имаат хронична болест и може да бидат во ризик. Втор исклучок се во општините или региони каде што има мал број на деца да добијат дозвола настава да организираат со физичко присуство согласно протоколите во училниците не треба да има повеќе од 20 деца, да бидат на оддалеченост на метар и половина, да носат маски и почетокот на часовите да биде со 10 минути разлика за да не се среќаваат поголеми групи“, рече Филипче.

Филипче – Став на Комисијата е онлајн настава, освен за првачињата

Адеми рече дека на денешната седница на Владата биле прифатени препораките и иако Министерството за образование се залагало за традиционалниот модел на настава, се испочитувале мислењата на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести и одлуката е плод на долготрајни консултации околу прашањето.

Според него, функционира и националната програма на која од страна на наставниците се снимаат видео материјали и теми кои се во согласност со наставна програма која треба да се обработи во првите три месеци од учебна година.

„Ова е тешка и значајна одлука за кои беа потребни консултации и инклузивен пристап за да се дојде до адекватно решение и се очекува одговорен пристап од сите чинители и актери кои се вклучени во образовниот процес за да не дојде до влошување на епидемиолошката ситуација“, истакна Адеми.

Со Министерството за администрација, како што најави Адеми, се работи на единствена национална програма која ќе биде во функција за сите училишта за организирање на настава и ќе се обезбедат уреди за следење на онлајн настава за ученици од социјално загрозени семејства.

Филипче најави и дека утре продолжуваат состаноците и веројатно в четврток ќе биде донесена дефинитивна одлука за функционирање на градинките.

Министерството за образование претходно понуди три модели, односно: класична настава со физичко присуство, онлајн настава или комбинација на двете. Комисијата за заразни болести на Владата и го предложи комбинираниот модел, односно учениците до трето одделение да одат во училиште, а за останатите да има онлајн настава односно да учат од дома.

Како мерка за спречување на ширењето на пандемијата со ковид-19, властите донесоа одлука да се затворат училиштата, градинките и факултетите од 11 март до крајот на учебната година. Учениците останаа дома и наставата ја следеа од далечина.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG