Неизвесноста околу стартот на учебната година продолжува. Јавноста е поделена во однос на тоа кој е најдобриот начин на кој треба да продолжи образованието? За кој модел од трите кои се во оптек, вие како Синдикат се залагате?
Ние сме Синдикат за образование, наука и култура кој што има статутарна обврска да ги штити интересите на вработените во училиштата. Во оваа ситуација тоа значи пред се безбедноста и здравјето на вработените во училиштата. Овие три модели се предложни како ќе се изведува наставата. Ние можеме да кажеме од аспект на наставници и на родители за едната, другата или третата опција, меѓутоа немаме надлежност да определуваме каков вид на настава ќе се спроведе од првиот учебен ден.
Нас ни е јасно и на јавноста и е јасно дека условите за работа не се подеднакво исти во сите училишта на национално ниво, па според тоа, според мене, не смее да се унифицира еден модел којшто ќе важи за сите. Различни се по многу основи. Прво по број на заразени во средината, имаме стандарди на колку жители максимум колку заразени би било нормално, ако може така да се каже нормално. Понатака имаме број на ученици во училиште, број на ученици по паралелки. Имаме училишта со соодветни услови за изведување на ваква или онаква настава, училишта кои се несоодветни, па имаме и локална средина, односно родители и ученици немаат технички можности да следат конкретно онлајн настава итн. Значи сето тоа е индивидуално и по нас како Синдикат би било најсоодветно да се прифати она решение кое најмногу ќе одговара на локално ниво, односно она училиште, пред се училишниот одбор ќе се одлучи за кое училиште како да работи.
Во училиште или дома - Неизвесност до крај
Според сите проценки, најверојатно онлајн наставата ќе продолжи за учениците од повисоките одделенија. Имајќи го предвид искуството од пролетта, дали може да кажеме дека просветните работници се подготвени за овој предизвик од есен?
Не сум сигурен дали се потполно подготвени, со оглед на тоа што еве и од март наваму бевме како наставници затечени, меѓутоа ние сме доста и трудољубиви и креативни па успеавме на некој начин успешно да ја завршиме учебната година без ниту еден пропуштен ден без одвивање на наставата. Колку тоа вроди со плод или не можат анализите да покажат. Мислам дека веќе од понеделник дека ќе почнат активните обуки во училиштата за примена на онлајн настава. Ми се чини дека неизбежна ќе биде онлајн наставата или можеби комбинирана настава кадешто дел од училишта ќе работат онлајн, дел со физичко присуство на ученици и вработени, односно наставници, меѓутоа и во само едно исто училиште да биде наставата комбинирана, дел од родители ќе се изјаснат дека сакаат да ги пуштат нивните деца физички да присуствуваат во училиштата, можеби други родители ќе се изјаснат за онлајн настава, така што наставниците во секој случај ќе мора да бидат подготвени и за онлајн настава.
Во однос на квалитетот, многумина сметаат дека овие генерации кои поминуваат низ пандемијата, ќе бидат многу послаби, зошто контролата на тоа што го учат, реално е слаба. Впечаток во јавноста е дека повеќе учат родителите од учениците. Какви последици во однос на писменоста на идните генерации би имало, ако и досега не можевме баш да се пофалиме со добри резултати на меѓународните ПИСА тестовите?
Па за разлика од ПИСА тестовите ние имаме паралелки или училишта коишто завршуваат со просек 5.00.
Дали е тој реален?
Очигледно дека нешто фали во начинот на оценување на вредноста на трудот и на наставниците и на учениците. Некои стереотипи кои се присутни во нашето општество дека мора сите да бидат одлучни или дека моето дете мора да ги има сите петки конечно треба да се надминат, треба да се најде инструмент да се контролираат знаењето, умеењето и вештините, а не оценката да биде единствен услов за запишување во понатамошниот степен на образование. Во секој случај мислам дека оваа пандемија или како што велат за секое зло има и нешто добро мислам дека ќе не свести и дека еве и една препорака до наредната влада, Министерство за образование и министер – многу повеќе да се фокусираме кон вакви суштински прашања, па мислам дека и онаа стратешка стратегија за образованието којашто се носи во период од десетина години мора да биде поставена на цврсти темели. Било која власт да дојде не смее да менува она што е договорено. Не може секоја власт да прави експерименти, да има поинаква визија од претходната и тоа што било порано ништо не чини и ајде сега ќе почнуваме од нула. Значи постојани ние сме во некакви реформи, а на крајот остануваме буквално на исто ниво и дури ова што вие го велите на меѓународните тестови нашите ученици добиваат такви оценки. За сета среќа имаме и такви ученици кои индивидуално се натпреваруваат добиваат високи позиции во светот, па дури први, втори и трети места.
Дел од училиштата во земјава се во лоша состојба, немаат елементарни хигиенски услови, имаат недостиг од нагледни средства за работа, родителите купуваат материјали потребни за работа на час и сл. Што вие како Синдикат правите за да ја подобрите оваа состојба?
Повторно ние можеме да реагираме таму каде што имаме надлежности како Синдикат, односно таму кадешто немаме безбедни услови за работа. За жал, велам само за нас вработените, бидејќи нив ги застапуваме. За безбедноста и здравјето на учениците има раководен орган кој директно одговара. Мене ми е жал што од година на година се намалува процентот од бруто националниот доход кој се издвојува за образование. Јас ги памтам добрите времиња кога се издвојуваше над пет ипол проценти во сферата на образование и кога доста се подновија училиштата, реновираа инт., сега некаде тој проценти е 3,5 ако не се лажам, значи тоа е значително помалку средства и очигледно е дека тие средства недостасуваат. Не говорам за средства кои би се искористиле за зголемување на плати на вработените, зборувам за инвестиции во училиштата, за инфраструктура, каде што навистина, еве и деновиве на социјалните мрежи можевме да посведочиме, да видиме слики кои не доликуваат на училишта од 21 век.
Целото интерјву со претседателот на СОНК, Јаким Неделков, можете да го погледнете во видето на почетокот на текстот.