Бројот на смртни случаи од коронавирусот сега е двојно поголем од бројот на луѓе кои годишно умираат од маларија - а стапката на смртност е зголемена во последните неколку недели со растот на инфекциите во неколку земји. „Нашиот свет достигна точка на агонија“, оцени генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, додавајќи:
„Овој податок не распаметува. Сепак, никогаш не смееме да го заборавиме секој индивидуален живот. Тие беа татковци и мајки, сопруги и сопрузи, браќа и сестри, пријатели и колеги“.
Над 32 милиони со Ковид-19: САД први во светот, Русија во Европа
Потребни беа само три месеци за смртноста од ковид-19 двојно да се зголеми, откако првиот случај беше регистриран во Кина на почетокот на јануари годинава.
Според пресметките на Ројтерс засновани на податоците во септември, повеќе од 5.400 луѓе умираат низ целиот свет на секои 24 часа. Тоа е еднакво на околу 226 луѓе на час, или едно лице на секои 16 секунди. За времето што треба да се следи 90-минутен фудбалски натпревар, во просек умираат 340 луѓе.
Зголемување на инфекциите
Експертите остануваат загрижени дека официјалните бројки за смртни случаи и случаи на глобално ниво не ја претставуваат вистинската слика заради несоодветно тестирање и евидентирање и можноста за прикривање од некои земји.
Одговорот на пандемијата ги покрена поборниците за здравствени мерки како карантинот на пример, против оние кои имаат намера да одржуваат економски раст, со пристапи кои се разликуваат од земја до земја.
Соединетите држави, Бразил и Индија, кои заедно сочинуваат скоро 45 насто од сите смртни случаи на ковид-19 на глобално ниво, ги укинаа мерките за социјално дистанцирање во последните неколку недели.
„Американскиот народ треба да предвиди дека случаите ќе се зголемат во деновите што претстојат“, предупреди во понеделникот американскиот потпретседател Мајк Пенс.
Бројот на починати во САД достигна над 205.000, а бројот на инфицирани е над 7 милиони.
Во меѓувреме, Индија забележа најголем дневен раст на инфекции во светот, со просечно 87.500 нови случаи на ден од почетокот на септември.
Според сегашните трендови, Индија ќе ги надмине Соединетите Држави како земја со најмногу потврдени случаи до крајот на годината, дури и кога владата на премиерот Нарендра Моди се залага за олеснување на мерките за блокирање во обид да ја поддржи економијата.
Индија го надмина бројот од 5 милиони корона позитивни
И покрај напливот на случаи, бројот на жртви во Индија од околу 96.000 и темпото на раст на жртвите, остануваат под оние на Соединетите држави, Британија и Бразил.
Европа, која има скоро 25 насто од смртните случаи, е предупредена од Светската здравствена организација на загрижувачкото ширење на само неколку недели од сезоната на зимски грип.
СЗО, исто така, предупреди дека на пандемијата сè уште и се потребни големи контролни интервенции во услови на зголемени случаи во Латинска Америка, каде што многу земји започнаа да го обновуваат нормалниот живот. Голем дел од Азија, првиот регион погоден од пандемијата, доживува релативно затишје откако излезе од вториот бран.
Погреби
Големиот број смртни случаи доведе до промена на погребните обреди ширум светот, а на најблиските честопати им се забранува да се збогуваат лично.
Во Израел, обичајот за миење тела на починати муслимани не е дозволен, и наместо да бидат обвиткани со крпа, тие мора да бидат завиткани во пластична кеса.
Исто така, нарушена е и еврејската традиција на Шива, каде што луѓето седум дена одат во домот на ожалостените роднини. Во Италија, католиците се погребуваат без благослов од свештеник.
Во некои делови на Индонезија, ужалените семејства влегоа во неколку болници за да ги бараат телата на починатите, плашејќи се дека на нивните роднини можеби нема да им биде дозволен традиционален погреб.
Домородна група во еквадорскиот Амазон пак, зела двајца полицајци и државен службеник како заложници, барајќи од властите да го вратат телото на водачот на заедницата за традиционален погреб.
Соединетите држави, Индонезија, Боливија, Јужна Африка и Јемен се приморани да лоцираат нови места за погребување, бидејќи сегашните гробишта биле преполни.