Вкупно 31 мерка во вредност од 470 милиони евра изнесува четвртиот пакет економски мерки со кои Владата ќе им помогне на граѓаните, вработените и на стопанството за да се надминат последиците од кризата предизвикана од ковид-19. Заедно со претходните три пакети мерки вкупната помош надминува 1 милијарда евра насочени кон граѓаните, работниците и стопанството со цел да се одржи стабилна економијата и со потенцијал за ревитализација. Ова денеска го соопшти претседателот на Владата Зоран Заев на прес конференција на која го презентираше четвртиот пакет економски мерки.
„Четвртиот сет мерки е директна помош за економската и социјалната сигурност кај граѓаните, како и за поттик на приватната потрошувачка како стимулатор за општествениот раст“, рече премиерот Заев.
Тој информираше дека првата мерка е поддршка за исплата на плати која продолжува да важи и за последниот квартал од годината, односно за месеците октомври, ноември и декември.
„Новост во оваа мерка е што поддршката ќе биде скалесто согласно падот на приходите кај компаниите, колку е поголем падот на приходите кај компаниите опфатени со оваа мерка, толку поголема ќе биде поддршката за изплата на платите и таа ќе се движи од најмалку 14.500 денари помош и поддршка по вработен до 21.776 денари“, посочи Заев.
Поддршка ќе добијат и самостојните вршители на дејност, продолжува и поддршката за граѓаните преку платежните картички, а предвидени се бројни погодности за компаниите како одложување на отплата на кредити, но и нова кредитна линија од 100 милиони евра евтини кредити.
„Платежните картички се со износ од 6.000 денари и ќе добијат 5.726 самохрани родители, пензионери со пензии до 15.000 денари, односно 182.271 наши сограѓани пензионери, невработени кои се пасивни баратели на работа, односно 85.108 граѓани, самостојните уметници, филмските работници, културните работници, естрадни работници“, соопшти Заев.
Тој додава дека платежните картички купувам домашно ќе добијат уште 540 студенти кои во претходниот пакет не ги добиле овие картички. Порача дека помош ќе добијат и оние граѓани кои се над 64 години, а немаат пензија и се со приходи помали од 15.000 денари или воопшто немаат приходи.
На новинарско прашање од каде ќе се обезбедат парите за овој сет мерки, Заев одговори дека средствата ќе бидат обезбедени делумно со кратења на расходите на Буџетот, кои не се најитни, а дел ќе бидат обезбедени со кредити.
За опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак четвртиот пакет мерки е последен обид за спас во услови кога како што велат, македонската економија пропаѓа. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека овој пакет мерки е задоцнет одговор, кој само ќе ја продлабочи и онака тешката економска состојба.
„Четвртиот пакет мерки е промашен обид за дефокусирање на јавноста од вистинските проблеми. Со овој пакет мерки, мафијата ќе се збогати, а граѓаните уште повеќе ќе осиромашат. Целта на мерките е и продлабочување на институционалниот поткуп, а тоа се гледа преку платежните картички кои беа наменети за предизборен поткуп“, изјави Мицкоски.
Лидерот на опозицијата укажува на според него, негативното искуство од претходните три сета мерки, кои вели дека биле неефикасни и несоодветни. За него е загрижувачки падот на индустриското производство, намалувањето на економската активност, зголемувањето на јавниот долг во последниот квартал, растот на невработеноста, масовните отпуштања, затворањето на бизниси и тотален колапс на туристичкиот сектор.
Инаку падот на економијата поради пандемијата на коронавирус беше најголем во вториот квартал, во третиот имаше стабилизирање, но власта стравува дека ќе има поголемо ширење на заразата во есенските месеци, што ќе биде нов удар врз стопанството. Над 20 илјади луѓе ги изгубија работните места поради кризата.