Достапни линкови

Бесими - Квалитетот пресуден за врботување, но ќе промовираме и различности


Бесими - На краток рок можно е зголемување на јавниот долг
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:22 0:00

Бесими - На краток рок можно е зголемување на јавниот долг

Во економијата квалитетот ќе биде пред сè, тој ќе биде детерминирачки, вели министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за Радио Слободна Европа. Тој вели дека Владата ќе промовира диверзитет при вработување во бизнис секторот, како што тоа се прави во светски фирми и меѓународни институции.

Господине Бесими, веднаш по стапувањето на функцијата требаше да се зафатите со ребаланс на буџетот. Колку пари фалат? Колку пари изеде корона-кризата од државната каса?

Оваа ситуација наметна ребаланс на буџет, а точната бројка ќе произлезе со сетот на мерки. Независно од тоа нешто веќе работиме, дојдовме до одредени проценки за кратења, односно реалоцирање на средства од постојните буџет и вториот дел, независно колку ќе изнесува целиот пакет, со кој веќе сме при крај, ќе се оди со евентуално зголемување на дефицитот или задолжување, со цел да се покрие новиот сет пакет на мерки, тоа е во рамки на очекуваното, отприлика, колку што биле досегашните мерки во претходните три пакети за справување со ковид-кризата.

Првиот вицепремиер Артан Груби најави субвенции за етнички вработувања во приватниот сектор. Ќе бидат ли предвидени пари за тоа во ребалансот или во буџетот за наредната година?

Во програмата на Владата за 2020-2024 година има формулација во однос на тоа дека владата во соработка со приватниот сектор ќе го охрабри и ќе го поттикне со цел за поддршка и промовирање на добри меѓуетнички односи и толеранција, со цел тоа да создаде една позитивна работна средина, во смисла на искористување на тој целокупен човечки потенцијал во економијата.

Одма да разграничам тоа што е важно, оти гледам дека во јавноста се создадоа доста активности во однос на оваа тема, значи во економијата, тоа не само кај нас, туку и во целиот свет, квалитетот ќе биде пред сè, тој ќе биде детерминирачки, а ние веруваме, јас лично верувам дека граѓаните независно од нивната етничка припадност имаат свои квалитети како личности и професионалци.

Идејата на ова е како што постојат вакви вредности во Европска унија, диверзитетот да биде една од вредностите. Како што има во светските глобални компании, како што денес еден Гугл во кој главен извршен директор е од Индија, така и тука диверзитетот ќе биде само позитивна вредност во нашата економија и тоа да произлезе и од потребите на пазарот. И мислам дека и во соработка со бизнис заедницата тоа може да биде само еден нормален процес согласно квалитетот и пазарните принципи, а со оглед на тоа владата со поддршка за промоција на диверзитетот, кои се вредности во Европска унија, за која ние имаме цел да станеме дел од тоа.

Поттикне и охрабри не откриваат многу од аспект на владините политики.

Тоа е дел кој ќе произлезе од соработката со бизнис заедницата. Главната цел е дека граѓаните без разлика на нивната етничка припадност, нивниот квалитет, професионален и личен, ќе биде главна предиспозиција, како што тоа го условуваат пазарните услови, односно како ќе детерминираат пазарните услови. Политиките ќе бидат во насока на поддршка на економијата, создавање на нови работни места, охрабрување во смисла на диверзитетот, како што го прават светските компании, како што го прават меѓународните институции.

Добро, имаме ли анализи кај кои социјални или етнички групи има подвработеност за да се стимулира нивно вработување?

Пазарот ќе детерминира како фирмите ќе реагираат на пазарот, значи главната премиса со векови во функционирањето на пазарната економија се пазарните предуслови . Тоа што државите во разни политики, било да се социјални, било да се од друг карактер е да дадат поддршка на економијата, меѓудругото во конкретниот случај и промоција и поддршка на диверзитетот на нашата општествена реалност. Тоа е работа што се прави и во глобалните меѓународни компании. Тие си имаат свои политички на човечки ресурси, каде една од вредностите е промоција на диверзитетот.

Јавниот долг достигна 6,5 милијарди евра, односно скоро 60 отсто од Бруто Домашниот Производ. До каде можеме да одиме, односно што би било безбедно задолжување?

Стандардот што се гледа во нормални времиња, тоа за земјите од ЕУ е некој општ стандард од околу 60 отсто од БДП. Меѓутоа ако ние гледаме реално каде се сега земјите од ЕУ, а и од регионот, веќе имаме, на пример Хрватска и Словенија, тие се поблиску до нас, тие имаат од прилика 67 или 71 отсто од БДП, имаме ситуација на земји од ЕУ што се со поголемо задолжување. Така што тие параметри, тие рамки треба да ги сфатиме од аспект на среден рок, среднорочно, затоа што во период на криза, во период кога немаш раст на БДП, немаш инкам, немаш приходи, имаш сериозни потреби за расходи, меѓу кои расходи во буџетот за да покрие тоа што и во приватниот сектор и кај граѓаните недостасува, тогаш едноставното решение е на краток рок задолжување и преструктуирање на долгот, со цел на среден и долг рок ние да немаме презадолжување. Земјите од регионот некаде се со различна позиција на јавниот долг, но секако во вакви ситуации не е чудно да се слушне дека јавниот долг може да порасне со оглед на тоа дека имаме и многу сериозни инвестициски проекти, инфраструктурни проекти да се поддржат, кои се исклучително важни за нашиот долгорочен раст и развој, меѓутоа и од аспект на нашата конкурентност.

Целото интервју со министерот за финансии Фатмир Бесими погледенете го во видео-снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG