Повеќе од 10 години не смислија што работа да им дадат на „рамковните“ вработувања за да не седат дома и да земаат плата, па сега некој неработник во администрацијата за 8 часа работно време ќе си смисли што да работи.
Изјавата на премиерот Зоран Заев во „Отвореното студио“ на Македонската телевизија дека и да не е добар работник во администрацијата „ако седи 8 саата работно време, па ќе смисли, ќе сработи некој предмет повеќе“ предизвика бројни коментари на социјалните мрежи.
Едни прашуваат дали и во неговите приватни фирми Заев ги чека вработените 8 саата да смислат што ќе работат, други коментираат дека може да смислат само дека ти фали печат или некој документ е постар од шест месеци, трети ќе смислат да играат некоја нова игра на компјутер, оти им е здосадено од редење пасијанс, а четврти коментираат дека тоа што неработниците ќе седат цел ден на работа, само дополнително ќе ги нервираат и оние административци кои ја работат целата работа.
Други коментираат дека во администрацијата работат само климатизерите, ама и тоа не е сигурно, зашто по пожарот во Државниот инспекторат за животна средина пожарникарите се пожалија дека не работеле ни хидрантите.
Трети, пак, велат дека на администрацијата не ѝ требаат мислители, туку работници.
Некои иронично забележуваат дека тие што ништо не работат имаат направено најмалку грешки. Ако дојде време за намалување на бројот на административци, први ќе летаат тие што најмногу работеле. Зашто кој работи, тој и греши.
Во меѓувреме, владата повторно најавува дека ќе најде решение за околу 1300 вработени според Рамковниот договор кои од 2008 година седат дома, а примаат плата. Дел од медиумите објавија дека дел од овие „вработени“ воопшто не се во земјава. Вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, од чие министерство примаат плата овие луѓе најави дека во најкус рок овие вработени ќе бидат прераспределени во други институции за конечно да почнат да си ја заработуваат платата. Пред две години и тогашниот министер за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски најави решавање на проблемот, но тоа не се случи.
Некои коментираат дека ако нема работа во канцеларија, има на нива.
Додека се бара решение за оние кои цела деценија не одат на работа, владата донесе одлука хронично болните и родителите на мали деца, кои беа ослободени од работа поради коронавирусот, да се вратат на работните места.
Во меѓувреме, Бугарија испрати меморандум до ЕУ дека Македонците се проект на Тито и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. ВМРО-ДПМНЕ протестираше за Гоце Делчев, а владата најави субвенции за приватните фирми ако вработат припадници на малцинствата. Толку многу работи се случуваат на политичката сцена што дури и на таксистите им збоктиса.