За половина од месец октомври Битола доби сто нови случаи со коронавирус. Ако на крајот на септември бројот на лица кај кои болеста беше во тек изнесуваше 37, до половината на октомври порасна тројно искачувајќи се над 110. Од вкупниот број на заболени во првата половна од месецов повеќе од половината не даваат податок за контакт со позитивно лице и велат дека не знаат каде се заразиле.
Иако Битола добро стои во споредба со другите поголеми градови од внатрешноста како што се Куманово, Прилеп, Штип и други, сепак градот каде што до септмеври се регистрираа по пет шест случаи дневно, а сега ги има и по 14, навлегува длабоко во зоната на висок ризик од заразување.
Дел од битолчани се исплашени од порастот на бројките, а други не веруваат дека болеста постои и не се дисциплинирани во почитувањето на мерките за заштита.
„Знаејќи колку животот е краток, колку е динамичен, јасно е дека еднаш од нешто ќе се умре, ама не верувам дека болеста е во тие размери како што прикажуваат.“
„Не ми е јасно како луѓето не се заштитуваат. Ова е појава во цел свет не можеме само ние да се правиме паметни.“
„Се плашам, тешко е богами.“
„Не се плашам.“
„Не се почитуваат мерките кај поголем дел, посебно кај младите, не носат маски.“
„Според мое мислење наглиот пораст на бројката лежи во неодговорноста на луѓето. Треба да се почитуваат мерките да им дистанца и маски да се носат.“
„Психички сме оптоварени, а и физички, седиме дома, ова ни мава на психата“, коментираат битолчани.
Меѓу заболените овој месец има и двомесечно бебе, тригодишно дете и неколкумина тинејџери. Сепак, децата полесно ја надминуваат болеста, а проблеми се појавуваат кај возрасните. Се полни и Инфективното одделение во Клиничката болница, но кревети слободни се уште има, а менаџментот има план доколку бројот пациенти со потреба од хоспитализација порасне.
„Состојбата, за жал, на поголемиот дел од пациентите е многу тешка, другите се со средно тешка кон тешка состојба. Голем број од нив имаат потреба од перманентна кислородна поддршка што значи дека дополнително е влошена нивната состојба“, рече директорката Билјана Гагачовска.
Медицинскиот персонал е веќе изморен, но со ротација на Инфективното одделение помагаат и здравствени работници од другите болнички одделенија.
„Медицинскиот кадар е навистина изморен, работат без прекин девет месеци од појавата на пандемијата. Вклучени не се само инфектолозите, туку и пнеумофтизиолозите кои цело време работат рамо до рамо со инфектолозите во тријажата и третманот и на сомнителните пациенти и на потврдените. Сега повторно по принципот на ротација поради зголемената бројка вклучени се и интернистите дополнително да помагаат, вклучен е медицински персонал, медицински сестри од другите одделенија ротираат за да помогнат во Инфективното одделение“, рече Гагачовска.