Господине Бислимоски, нужно ли беше поскапувањето на струјата?
Одлуката, согласно нашиот правилник и согласно состојбата во електро-енергетскиот сектор, мораше да се донесе. Инаку, ние при носењето на нашата одлука, на компаниите на кои им ги определуваме цените, тоа е на МЕПСО, на Електро-дистрибуција и на ЕВН Home, во самата постапка им одземавме 37 милиони евра. Нема регулатор во земјава којшто одземал на претпријатие кое го регулира толку при определување на цена. И единствено со коешто се носевме во оваа кризна година е претпријатијата не да завршат со профит, туку да завршат на позитивна нула. Едноставно да ги довршат започнатите проекти за коишто веќе се земени кредити и за кои кредити веќе се плаќаат ратите, значи сè што можевме да направиме како Регулаторна комисија за енергетика да дојде до непокачување на електричната енергија го направивме. За жал, ова беше максимумот којшто можеше да го извлечеме. Значи, за да функционираат овие мрежи треба да се одржуваат и тие мрежи постојат за да бидат во корист на македонската економија и во корист на македонските граѓани.
Во ситуација кога речиси и да нема фирма што не ги трпи последиците од пандемијата на коронавирус и не работи со загуби, зошто енергетските компании да бидат повластени? Тие лани имаа милионски профити.
Сите приходи кои енергетските компании, особено кои ние ги регулираме, што биле поголеми од одобреното од Регулаторната комисија за енергетика во 2019 им се одземени, не им се оставени. Конкретно за МЕПСО се одземени околу 12 милиони евра по основ на повеќе остварен приход од дозволеното, на ЕВН Home се одземени 5 милиони евра, значи ништо не е оставено да остварат компаниите профит повеќе од тоа што е одобреното. А во 2020 концептот ќе биде компаниите да завршат на позитивна нула, да немаат профит. Значи не зборуваме за профит, едноставно зборуваме да за завршат годината на нула и доколку продолжат овие трендови може да завршат и во загуба и тоа е тоа, ама не зборуваме дека компаниите во електро-енергетскиот сектор ќе делат друга судбина од компаниите во нашата држава. Цениме дека со оваа одлука се одржува само стабилноста на системот, не зборуваме за никакви профити.
Една од причините за поскапувањето на струјата беше намалената потрошувачка поради затворањето на економијата. Дали кога економијата ќе се опорави и потрошувачката ќе се зголеми, може да се очекува повторно намалување на цената?
Апсолутно. Во оној момент кога повторно ќе се вратат приходите кои што ги остварувале ЕЛЕМ, МЕПСО, исто така, и кај ЕВН Home, доколку имаме зголемени приходи, апсолутно сето тоа ќе го земеме во предвид и ќе направиме корекција на цената. Зарем би си дозволиле да бидеме навредувани, како што сме навредувани на овој начин, кој, според мене е апсолутно неоправдан, доколку сме имале можност да избегнеме ситуација за покачување на цената на електричната енергија?
Колкав дел од трошоците на енергетските компании се за плати?
За платите сакам да расчистиме една фама, компаниите може да вработуваат колку што сакаат, но Регулаторната комисија за енергетика одобрува колку трошоци за вработените ќе им бидат прифатени. Тие може тие нови вработувања што ги примаат да си ги финансираат преку свои средства. Во нашите одлуки и за МЕПСО и за Електро-дистрибуција, каде што има трошоци за вработени, во оваа година, во оваа одлука, не е признаено ниту едно ново вработување во последниот период. Значи тоа како бројка во МЕПСО е 180 до 200 нови вработувања не се влезени во пресметките, не постојат, не се земени во предвид, не влијаат на цената на електричната енергија, истото важи и за Електро-дистрибуција, операторот на електро-дистрибутивниот систем.
Ве прашувам зашто граѓаните реагираат на неоправданоста на трошоците на енергетските компании и дека всушност ги плаќаат тендерите за фотелји од телешка кожа или високите плати на функционерските деца сместени во овие компании, за што постапка имаше и Антикорупциската комисија?
Значи, во овие одлуки на Регулаторната комисија за енергетика се земени во предвид број на вработени коишто бил во 2017 година. Ниту едно ново вработување коешто било во наредниот период не е земено во предвид. Тоа се сега најобични шпекулации, значи ниту се признаени нови вработувања, ниту се признаени трошоци за плати надвор од некои стандарди на Регулаторната комисија за енергетика. Исто така тие фотелји што ги зборат од телешки кожи и тие не се земени во предвид, ништо не е земени од тоа што се шпекулира во јавноста при носењето на овие одлуки. На МЕПСО при носењето на оваа одлука му се одземени вкупно 21 милиони евра, на компаниите во сопственост на ЕВН 16 милиони евра.