Водата е извор на живот, но за некого е и извор на пари. Функционери, опозиционери и странци се главните инвеститори во бизнисот со струја добиена од обновливи извори. Додека бизнисот со струјата добиена од сончева енергија сè уште е во развој и постојат обиди за законско врамување, бизнисот со енергија добиена од мали хидроцентрали е делумно развиен и се шири.
Првата мала хидроцентрала добила лиценца за работа пред десет години и оттогаш досега се изградени и функционираат 75 мали хидроелектрани. Владата на последниот енергетски форум соопшти дека уште 35 се во градба, а 18 други чекаат за концесија.
Според податоците од регистарот на Регулаторната комисија за енергетика за повластени производители на електрична енергија од малите хидроелектрани, како и од податоците од Централниот регистар, се гледа дека една третина од веќе постојните 75 хидроелектрани се во сопственост на вицепремиерот Кочо Анѓушев. На сајтот на фирмата Фероинвест, која е во сопственост на Анѓушев, пишува дека тие поседуваат 25 мали хидроелектрани.
Кој сè е дел од бизнисот со мали хидроелектрани?
На листата на сопственици или основачи на мали хидроелектрани се наоѓа и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, кој со влог од 700 евра во 2014 година станал дел од сопствеништвото на компанија која поседува три хидроцентрали.
Во документите од Централниот регистар наидовме и на звучни имиња од јавноста како и на фирми кои се занимаваат со градежништво или прехрана.
Меѓу странските инвеститори се компании од Виена, како на пример ЕМК Мали Хидроелектрани кои поседуваат 8 хидроцентрали чиј основачки влог е 5 милиони евра. Потоа следува Соул Хидропауер, чиј основач е Соул Спа од Италија, а имаат пет хидроелектрани и германската компанија ПЦЦ Хидро ДООЕЛ која од Европската банка за развој добила 6 милиони евра за изградба на мали хидроелектрани на Брајчинска Река.
Од тековните сметки на фирмите се гледа дека домашните фирми, за разлика од странските, се основани со помалку пари. На пример, пандан на виенската фирма е БНБ Енерџи ДОО која е основана од „Ватростална“ и Б-Н-Б компани со вкупно 10 илјади евра, а низ Македонија досега изградиле 8 електрани. Но во јавноста засега нема информации како домашните фирми ги финансирале изградбите на малите хидроелектрани.
Браќата Анѓушеви лидери во бизнисот
Еден од поголемите инвеститори во малиот хидроенергетски сектор е компанијата „Мали хидроелектрани ДОО Скопје“ која поседува вкупно 7 хидроелектрани. Според податоците на „ЦЕЕ Бенквоч“, оваа фирма за да ги изгради малите хидроелектрани добила заем од 6 милиони евра од Европската банка за обнова и развој.
Според документите од Централниот регистар, сопственици на оваа фирма се компаниите Фероинвест и „Гранит АД“ со заеднички влог од по 50 илјади евра. Како управител на фирмата е заведен братот на вицепремиерот Тодор Анѓушев.
Основачи пак, на Фероинвест во 2003-тата година се вицепремиерот Кочо Анѓушев со 131 илјади евра заедно со брат му Тодор Анѓушев, кој како основачки влог инвестирал 3 илјади евра, како и Никола Гравчев кој основањето го финансирал со 30 илјади евра. Анѓушев во тековната сметка е заведен дека нема одговорност во фирмата. Тој во 2016 година изјави дека се повлекува од управувачкиот дел од неговите фирми.
Интересен податок е дека на истата адреса на која е заведена Фероинвест се водат и фирмите Летнички Извори и Хидро Осогово, кои имаат по три мали хидроелектрани, Албнор компани и Горнобелички Извори.
Фероинвест поседува основачки влог од 30 илјади евра во компанијата Хидроген енерџи груп, која според владиното соопштение од мај 2015 година, требаше да вложи 5 милиони евра во изградба на 4 мали хидроцентрали. Управител на оваа фирма е познатиот менаџер Предраг Чемерикиќ, а во основачкиот влог преку друга фирма влегуваат познатиот бизнисмен Дејан Калеников, Сашо Веселински и Предраг Чемерикиќ.
Има ли конфликт на интереси?
Хидроген енерџи груп е компанијата која во 2015 година потпиша концесиски договор со Владата за изградба две мали хидроцентрали (Жировничка 5 и Жировничка 6) на реката Жировничка во Националниот парк Маврово.
Хидроген енерџи груп е фирма формирана од конзорциум од две компании: „Хидроенерџи груп“ и „Фероивест“, во која еден од сопствениците е Кочо Анѓушев.
Функционирањето на енергетскиот бизнис со мали хидроелектрани е малку комплицирано, бидејќи на почеток неколку фирми кои формираат конзорциум се јавуваат на повик за изградба на мала хидроелектрана, а подоцна конзорциумот основа сосема нова фирма на чие име е лиценцата за производство на електрична енергија од обновливи извори и концесијата за вода и земјиште каде што ќе се изградат дополнителните мали објекти кои се дел од електраната.
Во случајот со малите хидроелектрани на реката Жировничка, концесионерот не успева да исполни одредени рокови за градење, па на владина седница одржана во декември 2017 година се носи одлука да биде продолжен рокот за изградба на четири мали хидроелектрани во Националниот парк Маврово, меѓу кои и за двете на Жировничка Река. На седницата бил присутен и вицепремиерот Кочо Анѓушев, кој е еден од сопствениците на фирмата што го добива проектот на Жировничка., покажува владиниот записник. Владата го задолжила министерот за животна средина да ги потпише анекс-договорите.
Граѓанските организации кои се противат на изградба на енергетски проекти во заштитени зони, како што е Маврово, поради загрозување на животната средина, во овој случај гледаат конфликт на интереси.
„Наместо во 2018 година, согласно добрата пракса на договорното право, Владата да ги раскине договорите, за жал новата Влада којашто тогаш веќе беше формирана, даде предлог и потпиша анекс на овие хидроцентрали со цел да им овозможи дополнителен рок за нивната градба“, вели Александра Бујароска од граѓанската организација „Фронт 21/42“, која е правник во областа животна средина.
Радио Слободна Европа тогаш ја праша Владата зошто роковите за изградба на четирите хидроелектрани се продолжени. Оттаму нејасно одговорија дека тоа било предвидено со одредби од склучените договори во случаи кога концесионерите не успеале да ги завршат своите обврски, при што не е утврден нивен пропуст или неспособност.
Давор Пехчевски од невладината Еко-Свест вели дека најголемиот конфликт на интереси кај вицепремиерот Анѓушев е во тоа што тој лично учествува во изработката на законите за енергетскиот сектор.
„Во моментот таа легислатива е поставена на тој начин што ги фаворизира малите хидроцентрали, затоа што со новите измени на уредбата за повластени производители на електрична енергија од обновливи извори, хидроцентралите ги задржаа во категорија на повластени тарифи кои се исплаќаат директно од граѓаните од нивните сметки за струја, а ветерот и соларната енергија се префрлија на повластени премии со тоа што производителите треба да аплицираат на тендер и да конкурираат со цена за произведената енергија, што ја зголемува конкуренцијата во тој сектор, а конкуренцијата во мали хидроелектрани останува иста, непроменета“, вели Пехчевски.
Според антикорупционерите, нема ништо спорно кога еден успешен бизнисмен станува функционер, но категорични се дека во случаи кога нивните бизниси добиваат привилегии поради политичката функција, тогаш институциите имаат задача неселективно да направат увид во работата. Треба да се утврди дали има конфликт на интереси или некаква злоупотреба на службена должност, вели претседателката на Транспаренси интернејшнал Македонија, Слаѓана Тасева.
„Тоа е во ред, претпоставувам дека тој бил лидер во тој бизнис и пред да стане функционер. Но, колку функцијата сега придонесува за зголемување на обемот на работа, како работи бизнисот, дали работи исто, дали добиваат погодности на начин на којшто се ставени во предност пред другите учесници? Тоа се прашања коишто треба да се разгледаат“, вели Тасева.
Антикорупциската комисија неодамна отвори два предмета, едниот е против Тодор Анѓушев, брат на вицепремиерот Кочо Анѓушев, за изградба на хидроелектраната Тополки, а вториот предмет е за судир на интереси.
Оттаму ни одговорија дека работат заедно и на двата предмети и дека сè уште чекаат одговор од Министерството за животна средина во врска со концесиите за вода. Тие посочуваат дека нивната истрага оди бавно затоа што барале одговори од 12 институции поради измешани надлежности.
Обвинувања стигнаа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ од каде соопштија дека во 2018 година на владина седница браќата Анѓушеви добиле државно земјиште за градба на хидроцентрала во Тиквешијата и покрај можноста за конфликт на интереси. Според партијата, земјиштето е дадено под концесија на фирмата Тополки која сега е во сопственост на Фероинвест и Хидро Холдинг, каде што управител е Тодор Анѓушев.
Од Владата тврдат дека Анѓушев бил изземен од одлучувањето и дека концесијата е издадена законски. Во 2018 година владата донесе одлука дека се дозволува промена на сопственичката структура на оваа фирма, односно Фероинвест да стане сопственик и на уделот на „Енерџи деливери солушнс ЕДС“. Анѓушев повторно бил изземен од седницата.
Инаку, Енерџи деливери солушнс е фирмата која Анѓушев ја продаде на грчки инвеститор во периодот кога дојде на функцијата.
Дополнително, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во мај годинава обвинија дека Анѓушев лаже, односно дека не е вистина дека сите одлуки коишто се носеле за хидроцентралите „Тополки“, се носени кога Кочо Анѓушев не бил член на Владата.
„Се отвора сомнеж дека Кочо Анѓушев влијаел врз неговиот колега Садула Дураку да му се продолжи рокот за градба на хидроцентралите од 3 на дури 5 години“, изјави Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи дека сите документи кои ги имаат ги доставиле до Антикорупциската комисија.
Тој исто така обвини дека владата ги продолжила роковите за изградба на хидроелектраната Падалишка, која исто така е во сопственост на Анѓушев.
И Мицкоски влегол во бизнисот со мали хидроцентрали
Додека Антикорупциска ги разгледува случаите за Анѓушев, институцијата има отворено и два предмети по пријавата на СДСМ за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и за тоа како се стекнал со земјиште од 33 илјади метри квадратни и за тоа како добил концесија за изградба на хидроцентрала додека бил директор на ЕЛЕМ и советник на експремиерот Никола Груевски.
„Дополнителен сомнеж отвора фактот што фирмата „Енерготек ДОО Скопје“, преку конзорциумот „МИНКА – ЕНЕРГОТЕК ДОО“ Скопје по само два месеци од отворањето добива концесија за користење на вода за производство на електрична енергија со изградба на хидроцентрала“, изјави портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов во мај годинава.
Предметите беа отворени откако портпаролот на СДСМ ја повика Антикорупциската да ја испита сопственоста на хидроцентралите во која, како што рече, имаат удел Мицкоски и членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Димитар Димовски, поранешен функционер во Министерството за транспорт и врски, како и осомничен во предметот „Шпански скали“.
Во меѓувреме, сите фирми кои имаат добиено лиценца, државата ги субвенционира со повластена тарифа, што во превод значи дека МЕПСО е должна да им ја откупи струјата за поскапа цена од пазарната.
Од Регулаторната комисија во писмен одговор ни посочија дека според законот АД МЕПСО има обврска да ја откупи електричната енергија произведена од повластените производители.
Министерството за животна средина не одговори на новинарските прашања дали и колку пари од буџетот се слеани на сметка на фирмите на семејството Анѓушеви како поддршка за производство на електрична енергија од обновливи извори. Според проценките на невладиниот сектор, околу 5 милиони евра по основ на субвенционирана повластена тарифа легнуваат на сметките на фирмите на Анѓушев.
Според тарифникот објавен на Агенцијата за енергетика, малите хидроелектрани ја продаваат струјата по цена од 4,5 до 12 евроценти за киловатчас. Цената зависи од количината на испорачана енергија, односно најскапо продаваат оние со најмало производство.
Малите хидроелектрани се инвестиција од која поврат на пари може да се видат за десетина години, посочуваат дел од инвеститорите во изјави за медиумите. Според пресметките на невладиниот сектор, пак, една мала хидроелектрана со капацитет од еден мегават носи чист ќар по истекот на три до шест години.