Достапни линкови

Нови хидроелектрани ризик за реките на Шара, Кожуф и Јакупица


Шар Планина во Тетово.
Шар Планина во Тетово.

Нови одобренија за градба на мали хидроелектрани во планирани заштитени подрачја додели државата и покај заложбите за заштита на природата и животната средина. Активистите од еколошките здруженија алармираат дека изборот на локации е спротивен на низа одредби од домашни и меѓународни закони.

Седум мали хидроелектрани ќе бидат изградени на реки на Шар Планина, Кожуф и Јакупица, кои се предложени да бидат прогласени за национални паркови. Владата изминативе денови ги додели концесиите и покрај укажувањата на граѓанските здруженија дека со ваквиот потег цели екосистеми со посебна еколошка и биолошка вредност се ставаат под ризик од уништување.

Вкупно 18 концесии додели Владата од тендерот објавен на 3 јануари оваа година, со кој беа планирани 22 мали хидроелектрани. Само три понуди се одбиени, а укажувањата на граѓанските организации беа дека 11 од предложените локации за концесии се во заштитени зони и со тоа дека повикот е во спротивност со националните и меѓународните закони, како и на препораките на Европскиот парламент и Бернската конвенција.

Владата донесе одлука три мали хидроелектрани да се градат на Шар Планина, две на Кожуф и две на Јакупица. Одбиени се понудите за изградба на вакви проекти во Националните Паркови Маврово и Пелистер и една на Јабланица.

„Од осумте локации, седум од нив се наоѓаат во подрачја кои се предложени за национален парк, иако се уште не се согласно националното законодавство, сепак сите овие подрачја се Емералд подрачја кои се официјално доставени до Бернската конвенција како подрачја на заштита и согласно конвенцијата која ја потпишавме како држава, имаме обврска да ги заштитиме“, вели Ана Чоловиќ Лешоска од Центарот за истражување и информирање „Еко-свест“.

Еколошките активисти реагираат дека освен прекршувањето на националните и европските закони, изградбата на овие инфраструктурни проекти ќе предизвика трајно нарушување на екосистемите во заштитените подрачја.

Несоодветната пракса, велат тие, може да се забележи со примерот на малата хидроелектрана на Крапска река на Јакупица, која исто така претставува Емералд подрачје, каде при посетата на терен утврдиле „серија законски прекршувања, недостиг на добра градежна пракса и трајно уништување на екосистемите и реката.“

Изградба на мала хидроелектрана на Крапска река на Јакупица која е Емералд подрачје. „Еко-свест.“
Изградба на мала хидроелектрана на Крапска река на Јакупица која е Емералд подрачје. „Еко-свест.“

Од „Еко-свест“ велат дека за новиот развој на состојбата со натамошната изградба на хидроелектрани во заштитени подрачја, ќе ги информираат Енергетската заедница и Секретаријататот на Бернската конвенција.

Организацијата укажува дека новите концесии се во спротивност со одредбите од Законот за природата, но и дека не се земаат предвид начелата за управување со природни богатства согласно Просторниот план 2002-2020 година, а се игнорираат и предупредувањата за влијание врз животната средина од малите хидроцентрали наведени во Националната стратегија за заштита на природата, дека ги загрозуваат Емералд подрачјата и идните Натура 2000 подрачја - спротивно на препораките на Бернската конвенција и резолуцијата на Европскиот парламент од ноември 2018 година.

„Иако концесијата за малата хидроелектрана на реката Жировница во НП Маврово не е доделена со овој повик, Владата требаше да не ги додели и останатите 10 електрани и така да докаже дека определбата за заштита на природата и животната средина не се декларација на хартија, туку вистинска посветеност на нашите институции“, велат од „Еко-свест.“

Илустрација - Малата хидроелектрана „Теарце97„ во НП Маврово. Извор: „Еко-свест.“
Илустрација - Малата хидроелектрана „Теарце97„ во НП Маврово. Извор: „Еко-свест.“

Активистите велат дека Владата ја одбила понудата за изградба на мала хидроцентрала во Јабланица со образложение дека е предложена да биде прогласена за национален парк и оттука, како што истакнуваат, нема логика доделувањето на концесиите за другите локации кои исто така се предложени за национални паркови.

Јабланица е предложена за национален парк и за неа има студија за валоризација која треба да се надополни за потоа подрачјето да биде прогласено, исто како и Шар Планина која е во понапредна фаза, но активистите велат оти проблем е што истовремено постои „сива зона“ која овозможува изградба на инфраструктурни проекти во подрачја со висок биодиверзитет.

Во моментов на територијата на Македонија изградени се 9 големи и над 70 мали хидроелектрани кои се оперативни, но граѓанските здруженија посочуваат дека според издадените концесии таа бројка ќе се искачи на околу 120 хидроелектрани, од кои една третина се во заштитени подрачја од некаков вид.

„Веќе е докажано со неколку истражувања кои ги спроведовме, вклучително истражување на еколошкиот статус или здравјето на реките кои веќе се предмет на хидроелектрани, каде што научните наоди јасно покажуваат дека речниот екосистем едноставно е мртов после одвие зафати“, вели Чоловиќ Лешоска.

Мрежа од граѓански организации од регионот и Европа, како што е „ХЦЦ Бенквоч“ се вклучија во кампања „Спасување на синото срце на Европа“, по информациите дека цела речна мрежа на Балканот е под ризик од планови за изградба на повеќе од 2.700 хидроелектрани.

Тие утврдија дека голем број проекти се направени во заштитени зони со прекршувања на националните стандарди: пресушени реки, блокирање на рибните патеки и речните екосистеми.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG