Достапни линкови

Дупки во законите за изградба на хидроцентралите во Маврово?


Жировничка Река на проектираната локација на горниот зафат за ХЕ Жировничка Река II. „Фронт 21/42.“
Жировничка Река на проектираната локација на горниот зафат за ХЕ Жировничка Река II. „Фронт 21/42.“

Европските институции упатија ново предупредување до балканските земји за ризиците од изградба на хидроцентрали во заштитени подрачја, какви што се националните паркови. Владата продолжи четири концесии во Маврово, што според активисти е направено со искористување на правни празнини.

Европскиот парламент (ЕП) во резолуциите за земјите од Западен Балкан, вклучително Македонија, повторно го нагласи ризикот од изградба на хидроцентрали, но и доколку не бидат усвоени строгите стандарди на Европската унија за животната средина.

ЕП исто така ги повика и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Европската инвестициска банка (ЕИБ) да ја разгледаат нивната поддршка за проекти за изградба на хидроцентрали.

Неколку години по ред слични повици упатуваат европските институции, откако приватни концесионери добија дозволи за изградба на мали хидроцентрали во заштитени зони.

Во оваа насока Бернската конвенција при Советот на Европа бара итно суспендирање на сите хидроенергетски проекти во Националниот парк Маврово, поради штетни влијанија врз биолошката разновидност, откако во 2010 година беа предвидени проекти за изградба на 19 мали хидроцентрали.

Четири хидроцентрали во Маврово се веќе оперативни, а Владата на седница во декември 2017 година го продолжи рокот за изградба и почеток на работење на уште четири мали хидроцентрали: Жировничка Река I и II, Јадровска и Рибничка Река.

Инвеститор на двете хидроцентрали на Жировничка Река е компанијата „Фероинвест ДОО“, која 80 проценти е во сопственост на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Фероинвест, пак, има 50 проценти сопственост на најголемиот инвеститор во малиот хидроенергетски сектор во земјава, компанијата „Мали хидроелектрани ДОО Скопје.“

„Продолжувањето на роковите за изградба и за почеток на работење е предвидено со одредбите на склучените договори, каде е предвидено во случаи кога концесионерите не успеале да ги завршат своите обврски, при што не е утврден нивен пропуст или неспособност“, одговорија од Владата.

Инвеститорите треба да направат нови студии

Но, активистите за заштита на реките велат дека Владата ги продолжила концесиските договори за изградба на хидроцентрали во Маврово искористувајќи правни празнини со поместување на зони.

„Значи со поместување на самите икс и ипсилон точки на градба, се направи дека тоа е основ да се сменат координатите, а со промена на координатите самиот инвеститор побара да се сменат и условите во договорот“, вели Александра Бујароска – правник во областа на животна средина од граѓанската организација „Фронт 21/42.“

Преку анекси во договорите и менување на условите за концесиите, објаснува Бујароска, е направена промена на координатите и минимално поместување на објектите, а со тоа на инвеститорите им е даден дополнителен рок и продолжување на можноста за изградба на објектите.

„Ова само се употребува како правна празнина, со која на тие инвеститори, кои реално не стигнале да ги завршат објектите во согласност со првичниот договор, за што би требало да им се прекине договорот, односно да се прекине концесијата, овде преку овој механизам се изнаоѓа врата врз основа на која им се дава дополнителен рок и им се продолжува можноста да го изградат самиот објект“, вели Бујароска.

Ваквиот принцип според неа е проблематичен, бидејќи, како што вели, тоа е злоупотреба на законските можности, но претставува и пропуст на инвеститорите и Владата. Таа вели дека со измената на локацијата каде што се наоѓа зафатот или машинската зграда, значи дека инвеститорите треба да обезбедат нова студија за заштита на животната средина.

„Ако ги менувате координатите, условите се сменети, се наоѓаат во друго подрачје, значи би требало да почне целата постапка од почеток. Тоа што они го направија, само еден дел од законот си го употребија, каде што вика ако се сменат условите ќе им се дадат дополнителни рокови за да може да завршат со градба на проектот, за да може да ги направат сите зафати, ама од друга страна не им давате обврска да направат нови елаборати и студии, односно да ја почнат целата постапка од почеток“, вели Бујароска.

Жировничка Река 200 метри над проектираниот зафат за ХЕ Жировничка Река II. Извор „Фронт 21/42.“
Жировничка Река 200 метри над проектираниот зафат за ХЕ Жировничка Река II. Извор „Фронт 21/42.“

Додека активистите за заштита на балканските реки од енергетски проекти сметаат дека повиците на Бернската конвенција се однесуваат на повлекување на сите концесии во Маврово, од Владата посочуваат дека барањата се однесуваат на суспендирање на хидроенергетските проекти се до изработка на Стратегиска оцена на влијанието врз животната средина.

Владата во април 2018 година најави дека во процес е подготовка на нов Закон за репрогласување на Националниот парк за заштитено подрачје и подготовка на План за управување на Националниот парк Маврово согласно новоусвоеното зонирање.

Мрежите за заштита на балканските реки алармираат дека уникатни екосистеми и загрозени видови на Балканот наскоро може да исчезнат со изградба на илјадници хидроцентрали.

Фондацијата за животна средина „Ривервоч“ со седиште во Германија, наведува дека целата речна мрежа во регионот е под ризик со планирани повеќе од 2.700 хидроелектрани.

Во Македонија изградени се 9 големи и 73 мали хидроцентрали, десетици проекти се во процес на изградба, а планирани се уште поголем број.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG