Достапни линкови

Новите хидроцентрали - закана за Националниот парк Маврово


Поглед кон долината на Беличка Река, идната локација на зафатот за хидроелектраната во букова и елова шума. Извор: „Фронт21/42“
Поглед кон долината на Беличка Река, идната локација на зафатот за хидроелектраната во букова и елова шума. Извор: „Фронт21/42“

Еколошки граѓански здруженија тврдат дека приватни концесионери градат хидроелектрани во Националниот парк Маврово со нецелосни еколошки студии. Бернската конвенција при Советот на Европа усвои препораки, но Министерството за животна средина не ги суспендираше проектите, велат тие.

Владините хидро-енергетски политики за Националниот парк Маврово, неколку еко-организации ги оценија како штетни за природата и живиот свет во заштитената зона.

Владата подготвила проекти за приватни концесинери да изградат вкупно 19 мали хидрoелектрани во НП Маврово, од кои веќе оперативни се две, на Галичка Река и на Тресонечка Река, во процес на изградба се уште две, на Река Беличица и на Какачка Река, а во подготвителена фаза се уште четири мали хидро-електрани.

За дел од останатите проекти објавени се јавни повици за издавање концесии, додека дел се само планирани, се вели во студијата на еко-здруженијата „Фронт 21/42“, „Еко – свест“, „Мед-мес“, „Euronatur“, „RiverWatch.“

Тие алармираат дека Министерството за животна средина на инвеститорите им одобрува студии без детален опис на состојбите во кои живее живиот свет во мавровската шума.

Александра Бујароска од организацијата „Фронт 21/42“ вели дека кон крајот на изминатата година успеале да издејствуваат анализа на изградбата на хидрoелектраните пред Бернската Конвенција при Советот на Европа, тело надлежно за заштита на дивиот свет и природните живеалишта во европскиот континент.

Постојниот комитет на Бернската Конвенција усвоил препораки за суспензија на овие мали проекти и на сите инфраструктурни проекти на територија на НП Маврово, вели Бујароска.

„По усвојувањето на препораката ние побаравме од секторот за води на Министерството за животна срдина официјално да објават дека ги суспендираат оние концесии кои ги имаа објавено во претходниот повик, за жал бевме информирани дека нема да извршат суспендирање согласно бернската препорака, затоа што они сметаат дека овие проекти не се опфатени со таа препорака, но дека во иднина ќе внимаваат во следни повици да не објавуваат на територија на НП Маврово“, вели таа.

Од Министерството за животна средина не одговараат на ваквите посочувања на граѓанските здруженија.

Законот за заштита на природата од 1999 година до денес е менуван скоро колку и бројот на планираните хидроелектрани (18), но еко-организациите посочуваат на измените од 2014 година и ре-прогласувањето на НП Маврово.

„Новиот закон поставува нови граници на различните зони без почитување на Законот за заштита на природата. Новите граници на зоните ќе овозможат градежни активности во одредени области на паркот, кои претходно беа исклучени од соодветните практики за управување, олеснувајќи го развојот на хидроенергија во НП Маврово“, вели Бујароска.

Маврово е автентичен и е еден од најстарите национални паркови во Европа, основан во 1949 година поради исклучително убавата природа, историското и научно значење на шумите, биолошката разновисност, дом на балканскиот рис кој е загроен вид - за ова животно шумите во Маврово се едни од последните области за негова репродукција, а на тој простор живеат и други автентични видови животни и стотици видови птици и растенија, велат тие.

Вкупниот капацитет на сите планирани мали хидроелектрани во Маврово е предвидено да биде до 15,8 киловат часови елктрична енергија.

Професорот Атанаско Тунески од Машинскиот факултет во Скопје вели дека од енергетски аспект овие количини не би смениле ништо сериозно во однос на потребите на енергетскиот систем на земјата, но дека се значајни за тие што ги произведуваат, бидејќи за нив значат сериозни приходи и профити.

„Од аспект дека се гради во Национален парк тоа на прв поглед не звучи добро, но се надевам дека државата распишувајќи ги тие концесии земала во предвид дека тие хидроенергетски капацитети нема да сменат значајно многу од аспект на зачувување на животната средина“, вели Тунески.

Вкупниот бројот на мали хидроцентрали во Македонија е околу 70.

Тунески вели дека мотото на хидро-енергетиката во светски рамки е да се искористи секоја капка вода за производство на електрична енергија. Во Македонија, вели Тунески, се останати уште одредени количини на хидро-потенцијал којшто може да се искористи, но дури и да се направат сите објекти тоа нема да овозможи Македонија да стане увозно независна земја.

Сепак, хидроенергијата е еден од најстарите методи за производство на електрична енергија, за кој има научни докази дека со изградбата на браните се менуваат водотеците на реките и се загрозува природата и живиот свет.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG