Достапни линкови

Активисти кои „поместија планини“ да ја заштитат планетата


Ана Чоловиќ Лешоска - добитничка на „Голдман“ наградата за животна средина за 2019 година.
Ана Чоловиќ Лешоска - добитничка на „Голдман“ наградата за животна средина за 2019 година.

Активистка од Македонија доби меѓународна награда за животна средина за спречување на хидроенергетски проекти во Националниот парк Маврово. Но, заштитените зони во земјава и натаму се под опасност од реализација на десетици нови концесии за користење на реките за производство на електрична енергија.

Ана Чоловиќ Лешоска е биолог од граѓанската организација „Еко-свест“ која оваа година ја доби наградата за животна средина „Голдман“ како признание за нејзината седумгодишна кампања, преку која заедно со други активисти од земјава успеаја да го стопираат меѓународното финансирање на двете големи хидроелектрани „Бошков мост“ и „Луково поле“ во Националниот парк Маврово.

Таа борбата за запирање на овие проекти ја започна по направените истражувања во кои беа вклучени 119 научници од светот, чии резултати покажаа дека влијанието на хидроцентралите ќе биде штетно за живеалиштето на речиси исчезнатиот Балкански рис, како и на многу други ретки и ендемски видови во паркот.

Проектите запреа и покрај тоа што веќе беа одобрени од македонската Влада, Светската банка и Европската банка за обнова и развој, откако ЕБОР утврди дека прекршила некои од своите процедури, а Бернската конвеција укажа дека изградбата треба да биде запрена со што се повлекоа инвеститорите и Светската банка во 2017 година.

Балканскиот рис.
Балканскиот рис.

Македонија е меѓу земјите од Западен Балкан кои според активистката побрзаа со планови за изградба на хидроенергетски капацитети заради зголемување на уделот на електрична енергија од обновливи извори и со тоа, како што вели, повеќе реки се веќе уништени или изложени на опасност од изградба на мали хидроцентрали, но и ендемски видови и цели екосистеми од кои зависи опстанокот на планетата.

„Во услови кога климатските промени ја загрозуваат безбедноста на нашата храна, нашите домови и нашето здравје, ние стануваме зависни од екосистемските услуги кои ни ги обезбедува природата: за вода, за чист воздух, за храна. Потребно е да обезбедиме повеќе зони за заштита на природата каде нема да биде дозволена изградба на било какви инфраструктурни проекти“ вели Чоловиќ Лешоска.

​Со запирањето на проектите „Бошков мост“ и „Луково поле“ не заврши планирањето и одобрувањето на нови концесии за енергетски проекти во Маврово. Во изминативе неколку години, властите во земјава планираа изградба на над 20 мали хидроцентрали во националниот парк: четири од нив се веќе оперативни, а кон крајот на 2017 година Владата го продолжи рокот за изградба и почеток на работење на уште четири мали хидроцентрали.

Во Македонија во моментов изградени се 9 големи и 73 мали хидроелектрани кои се оперативни, но граѓанските здруженија посочуваат дека според издадените концесии таа бројка ќе се искачи на околу 120 хидроелектрани, од кои една третина се во заштитени подрачја од некаков вид: како на пример национални паркови или емералд подрачја. Според првичните планови на властите во Македонија, предвидена беше изградба на околу 400 хидроелектрани.

Малата хидроелектрана „Теарце97„ во НП Маврово. Извор: „Еко-свест.“
Малата хидроелектрана „Теарце97„ во НП Маврово. Извор: „Еко-свест.“

Мрежа од граѓански организации од регионот и Европа, како што е „ХЦЦ Бенквоч“ се вклучија во кампања „Спасување на синото срце на Европа“, по инфорамциите дека цела речна мрежа на Балканот е под ризик од планови за изградба на повеќе од 2.700 хидроелектрани. Тие утврдија дека голем број проекти се направени во заштитени зони со прекршувања на националоните стандарди: пресушени реки, блокирање на рибните патеки и речните екосистеми.

По развојот на ваквата ситуација повторно реагираше Бернската конценција и побара нивно итно суспендирање во заштитените зони. Но македонската Влада во јануари оваа година повторно објави тендер за 22 нови хидроелектрани, од нив половина се во заштитени подрачја како што посочуваат активистите, а една повторно во Маврово.

Деновиве Владата одлучи да додели 18 концесии од овој повик, три понуди се одбиени заради барања за концесии во заштитени подрачја, додека една е одбиена заради некомплетна документација, како што соопшти владината прес-служба.

Според научниците од Македонското еколошко друштво, Македонија е жешка точка за биолошка разновидност, а одредени видови се под ризик особено поради инфраструктурни и енергетски проекти.

Биолозите посочуваат дека околу 40 индивидуи од балканскиот рис се останати во Македонија, со што животното влегува во листата критично загрозени, но и оти има многу ендемични видови инсекти, мекотели и риби кои природно се ретки и со интервенции во природата лесно ќе влезат во категоријата загрозени.

Добитници на Голдманова награда за заштита на животната средина за 2019 година.
Добитници на Голдманова награда за заштита на животната средина за 2019 година.

Ана Чоловиќ-Лешоска е меѓу шсте овогодишни добитници на Голдмановата наградата за животна средина која оваа година одбележува 30-годишнина. Наградата досега е доделена на 194 активисти од 89 земји, кои успеале да ја подигнат свеста за критични прашања со кои се соочува планетата.

Една од главните компоненти на фондацијата „Голдман“ е поддршка на еколошките активисти во случај кога се под закана или ризик за нивниата безбедност. Тројца од добитниците на наградата оваа година се соочени со вакви проблеми.

Алберто Курамил од Чиле спречил изградба на четири хидроелектрани во земјата и е во затвор од август 2018 година, за што неговите колеги веруваат дека е уапсен за неговиот активизам за заштита на животната средина. Алфред Браунел е од Либерија и моментално е во егзил во САД, бидејќи спречил компании да сечат шуми за да садат плантажи за палмино масло, а Линда Гарсија спречила изградба на нафтен терминал во Ванкувер, проект од милијарди долари поради што сега се соочува со закани по нејзиниот живот.

Останатите добитници на наградата се Жаклин Еванс од Куковите острови која воспостави нов закон за заштита на биодиверзитетот во океанот и Бајарџаргал Агвантсерен од Монголија која работи на заштита на снежниот лопард во земјата, каде со притисок кон власта успеала да укине 37 концесии за рудници во голем заштитен резерват.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG