Достапни линкови

Конфликт на интереси при новите рокови за малите хидроцентрали?


Нема вода за луѓето, а не пак за хидроцентрали
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:35 0:00

Нема вода за луѓето, а не пак за хидроцентрали

Жителите на село Жировница во Националниот парк Маврово, деновиве организираа акција за зачувување на Река Жировничка, за која велат дека е под закана од уништување поради плановите за изградба на две мали хидроелектрани кои, според нив, ќе ги стават во опасност и изворите на водата за пиење.

Договорите за изградба на двете мали хидроелектрани „Жировничка 5“ и „Жировничка 6“, Владата ги потпиша во 2015 година со концесионерот „Хидроген Енерџи груп“ - фирма формирана од конзорциум од две компании: „Хидроенерџи груп“ и „Фероивест“, во која еден од сопствениците е актуелниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев.

Жителите на Жировница велат дека реката Жировничка во моментов не обезбедува доволно вода за пиење за населението, па така ,според нив нема да има ниту доволно вода за хидроелектраните да произведуваат електрична енергија.

Ставот на месното население и дијаспората од Жировница е против изградба на двете хидроцентрали на реката. За тоа тие направиле и записник кој го доставиле до инвеститорот „Хидроген Енерџи Груп“ и до Министерството за животна средина, поради нивните сознанија дека уништени ќе бидат изворите на водата за пиење, велат жители од селото.

„Ќе дадам конкретно еден пример: станува збор за издашноста на вода на изворите, за која ја сум убеден и знам дека мерења не се вршени минимум 20 години на издашност на вода на извори, ниту на самата река, не се мерени протоците на вода, а концесијата е дадена врз основа на мерења извршени во период од 1963 до 2000 година“, вели Анес Мехмети - член на Месната заедница Жировница.

Оваа година имаше постапка за одобрување и на трета мала хидроелектрана на Река Жировничка, но Владата ја одби под притисок на граѓанските организации и локалното население.

За претходните две, според активистите, концесионерот веќе ги има обезбедено сите дозволи и во секој момент може да се очекува почеток на градежни активности.

Жировничка Река на проектираната локација на горниот зафат за ХЕ Жировничка Река II. „Фронт 21/42.“
Жировничка Река на проектираната локација на горниот зафат за ХЕ Жировничка Река II. „Фронт 21/42.“

Активистите од граѓанската организација „Фронт 21/42“ посочуваат дека е прекршен главниот и суштински услов од договорот за концесија од 2015 година, според кој изградбата на двете хидроцентрали на Жировничка Река требала да биде завршена во рок од три години.

Според нив спорно е тоа што Владата на концесионерот „Хидроген Енерџи груп“ на две години му го продолжува рокот за реализација на проектите.

На седница одржана во декември 2017 година, актуелната Влада носи одлука да биде продолжен рокот за изградба на четири мали хидроелектрани во НП Маврово: по една на Јадровска и Рибничка река и двете на Жировничка река. Потпишани се анекси на постоечките договори, со што рокот за изградба се продолжува до јануари 2020 година.

На истата владина седницата е присутен и вицепремиерот Кочо Анѓушев, кој е еден од сопствениците на фирмата што го добива проектот на Жировница. На седницата се носи заклучок со којшто се задолжува Министерот за животна средина да ги потпише анекс договорите.

„Наместо во 2018 година, согласно добрата пракса на договорното право, Владата да ги раскине договорите, за жал новата Влада која што тогаш веќе беше формирана, даде предлог и потпиша анекс на овие хидроцентрали со цел да им овозможи дополнителен рок за нивната градба“, вели Александра Бујароска – правник за животна средина од граѓанска организација „Фронт 21/42“

Бујароска додава дека граѓанските организации во овој случај гледаат конфликт на интереси, поради фактот дека Владата носи одлука за продолжување на рокот за реализација на проектот во кој учествува компанијата „Фероинвест“ каде сопственик е вицепремиерот за економски прашања и е компанија која е еден од најголемите инвеститори во овој сектор.

„Да, уште е сопственик колку што знам, претходно беше директор, сега има промена на директорската структура, што според нас пак постои конфликт на интерес кога се работи за некој да одлучи за дополнителен рок“, вели Бујароска.

Радио Слободна Европа тогаш ја праша Владата зошто роковите за изградба на четирите хидроелектрани се продолжени. Оттаму одговорија оти тоа било предвидено со одредби на склучените договори во случаи кога концесионерите не успеале да ги завршат своите обврски, при што не е утврден нивен пропуст или неспособност, рекоа од Владата.

Балкански рис. Извор „Еко-свест.“
Балкански рис. Извор „Еко-свест.“

Жителите на село Жировница подолго време укажуваат дека се загрижени поради изградбата хидроелектраните лоцирани во недопрена природа со букова шума, во зона на строга заштита на паркот, регион каде живеат кафеавата мечка и Балканскиот рис.

„Ние се противиме бидејќи имаме доволно сознанија дека ќе ни се опфатат изворите каде се напојува месното население со вода“, вели Аднан Салиу – претседател на Месната заедница Жировница.

„Од увидот во документите коишто ги поседува локалната самоуправа, кои сега ги поседуваме ние со одобрение на инвеститорот, увидовме дека голем дел од оние работи кои претходно треба да бидат изработени, како студии и елаборати, сметаме дека се правени канцелариски, затоа што не соодветствуваат со фактичката состојба“, вели Анес Мехмети. .

Од „Фронт 21/42“ велат дека проектите за хидроцентрали на Жировничка река од повеќе аспекти се правно неиздржани, односно дека постојат пропусти во сите студии на инвеститорот, како што се елаборатите или градежните дозволи.

Оттаму објаснуваат дека одобрувањето на елаборат за животна средина е услов за потпишување на концесискиот договор според Законот за животна средина, а во моментот на поднесување на барањето Министерството за животна средина и просторно планирање може да ја вклучи јавноста во носењето на одлуката.

„Наместо тоа, МЖСПП не само што не овозможи учество на јавноста, туку го одолговлечи пристапот до студиите и решенијата. Министерството овозможи пристап дури една година од поднесување на барањето“, велат од „Фронт 21/42“ отако организацијата во април 2015 година поднесува барање до Министерството за животна средина за пристап до елаборатите за животна средина за „МХЕЦ Жировничка 5“ и „МХЕЦ Жировничка 6.“

Од граѓанската организација констатираат дека студиите се со низок квалитет и оти воопшто не ја анализираат спецификата на пределот и оти во елаборатите за животна средина нема детален опис за состојбата на живеалиштата и видовите и анализа на нивната ранливост.

„Покрај нецелосните студии за животната средина, проектираните локации на НПХЕЦ се наоѓаат во оддалечени, непристапни области кои поседуваат висока природна вредност (недопрена природа). Истите предвидуваат пристапни патишта и друга поврзана инфраструктура за да се достигнат овие оддалечени локации и да се поврзат со веќе постоечката инфраструктура. Овие конструкции дополнително ќе го зголемат притисок врз биолошката разновидност во Маврово“, велат од Фронт 21/42.“

Илустрација: Изведбени работи на Тресонечка река за хидро-електрана Тресонче во 2013 година. Извор „Фронт 21/42.“
Илустрација: Изведбени работи на Тресонечка река за хидро-електрана Тресонче во 2013 година. Извор „Фронт 21/42.“

Жителите на Жировница укажуваат дека дополнителен проблем е тоа што концесиите за изградба на хидроелектраните се издадени на нетранспарентен начин, без одржување на јавна дебата.

„Јас лично ќе зборувам во мое име, јас никаде и никогаш не сум присуствувал на состанок за изградба на некакви си мини хидроцентрали и најмалку за нивното позитивно или штетно влијание врз животната средина“, вели Анес Мехмети.

„Со изградбата на овие хидроцентрали, и тие од минатото, и сега овие на водотеци, мислам дека ќе згасне целиот Национален парк во сите смисли: од научен аспект, од уништување на биодиверзитет, пејзажни, пределски. Штом му ја земаш водата на одреден простор, му го земаш животот“, вели Цане Петревски – раководител на одржливо користење во НП Маврово.

Над 20 мали хидроелектрани беа планирани во Националниот парк Маврово, некои од нив финансирани од мултилатерални развојни банки. На ниво на цела земја моментално се изградени над 70 мали хидроелектрани. За прашањето со изградбата на овие проекти, заменик министерот за животна средина и просторно планирање на конференција во март оваа година, изјави дека постојат процедури за вакви проекти и оти некои инвеститори вложиле средства, откако од институциите добиле целокупна документација и позитивно мислење.

„Тоа е нешто што мораме да изнајдеме заедничко решение како да се справиме со тоа без да се обвинуваме меѓусебно кој ги дал сите тие позитивни мислења. Тоа е една реалност што ние ја среќаваме сега на терен и за која можеме да дебатираме. Клучот според мене, покрај ова како да се научиме поинаку да ја третираме енергијата, е како масовно, брзо да ги завршиме законите кои се однесуваат на заштитените подрачја. Дали е тоа Маврово, Матка, Водно“, рече Макрадули на конференција „Хидроенергетски проекти и заштита на природата.“

Две големи хидроелектрани „Луково Поле“ и „Бошков Мост“ беа запрени во Маврово под притисок на граѓанските организации, поради закана за животните и растенијата и поткопувањета на самата идеја за постоење на Национален парк. Но, со одобрувањето на малите хидроелектрани, во Маврово веќе четири се изградени во националниот парк, а дополнително уште четири се во план за изградба.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG