Новата нормалност најголеми последици му нанесува на бизнис секторот, особено на малите фирми во Куманово. Некои намалиле плати, некои пак отпуштиле работници, што ја зголемува веќе постоечката сиромаштија. Во конфузија се занаетчиите, угостителите, туристичките агенции, безмалку сите. Стравот од вирусот е засилен и со стравот за егзистенција. Граѓаните сакаат да се оптимисти и трпеливи, иако несигурноста и неизвесноста ги мачи.
Јавните претпријатија полека се враќаат во нормално функционирање, со сменета работна динамика.
Даниел Стојчевски директор на локалното комунално претпријатие „Чистота и зеленило“ вели дека биле на услуга на кризниот штаб за вршење на дезинфекција во екот на епидемијата во градот, сега веќе обемот на обврските е селектиран и намален.
„Со сметот немаме некои поголеми проблеми, но она што е за потенцирање е тоа што со воведување на мерките за карантин имаше поголемо количество смет во домаќинствата. Веројатно затоа што граѓаните седеа дома и го искористија времето зачистење на своите домови. Меѓутоа немавме некој поголем проблем“, вели Стојчевски.
РСЕ: Сметки плаќаат?
„Последните два-три месеци имавме намалена наплата. Не знам дали тоа се должи на процесот каде што не можат да се извршуваат дејствија по сила на законот. Можеби се должи и на тоа што граѓаните не беа на работа, или им беше намалена плата. Во тие месеци наплатата беше 30 до 40 отсто, во мај и јуни веќе наплатата се регулира“, вели тој.
Трговските дуќани во Куманово се отворени. Се почитуваат мерките и од вработените и од купувачите, но прометот е драстично намален.
„Не е нормално. Нема народ. Ќе опстанеме со помош на државата, се надеваме. Муштерии не доаѓаат, луѓето се затворија дома. Не знам како ќе биде, немам мислење, а оптимист сум по природа.“
„Тешко. Работиме само колку да не затвориме. Се надевам на подобро, но оди потешко, луѓето стојат кусо време надвор, си заминуваат не сакаат да чекаат. Не може сите да бидат услужени на време. Ние губиме. Повеќе се троши на храна, ние со текстил работиме“, велат анкетирани дуќанџии.
Фирмите од кои набавуваат се во тешка состојба и како што велат трговците од нарачаната стока добиваат главно половина.
„И тие имаат проблем со набавка на материјалите.“
Иако добиле помош од државата за исплата на две плати на вработените, останатите давачки за закупнина, ДДВ, сметки за струја редовно им стигаат и мораат да ги плаќаат. Ќе настојуваат да се одржуваат барем да не се во губиток.
Центарот за развој на североисточен плански регион своите проекти сврзани со прекугранична соработка, особено во бизнис секторот на почетокот ги ставил во застој. Вработените работеле од дома, со задоцнување била одржана една средба со нивните партнери од Бугарија, со сите протоколи, но како што вели Владимир Павловски, многу работи ќе треба да се надоместат.
„Сето тоа ќе може да се надомести со дополнителни усилби, но ќе треба одреден број месеци се да се врати во нормала и да се вратат сите активности на ниво како пред кризата.“
За иднината Павловски вели дека не е оптимист состојбата со корона вирусот дека набргу ќе заврши.
„И од странските истражувачи има најави дека ова ќе потрае повеќе од две години. Затоа сигурно уште долг период ќе има последици и врз нашето стопанство и нашата економија, како и врз нормалното живеење“, забележува Павловски.