Достапни линкови

Повеќе работа, помалку политика со делби - Вие коментирате


Архивска фотографија - Зоран Заев, Али Ахмети, Христијан Мицкоски и Билал касами на лидерска средба
Архивска фотографија - Зоран Заев, Али Ахмети, Христијан Мицкоски и Билал касами на лидерска средба

Интервјуто со претседателот на државата, Стево Пендаровски и барањето на ДУИ за Албанец премиер предизвикале најмногу коментари. „Сите сме исти луѓе од Адам и Ева, а имињата на луѓето и националноста се човечки измислици некои да ги делат луѓето и со нив да профитираат“, гласи еден од коментарите.

„Потфрливме во делот на примената на мерките против пандемијата“, вели покрај другото претседателот на државата, Стево Пендаровски во неделното интервју за РСЕ. Коментарите на нашата ФБ страница се непристојни, па дури и со говор на омраза.

Анастасија Николоска му одговара на еден пост со непримерен јазик на Борис Апостолов, но нејзините зборови како да се однесуваат на сите неумесни постови: „Браво за таков речник... те личи на годините“ – напишала. Лилјана Темелковска со забелешка што содржи и самокритика: „Ердоган ја затвори Турција за Бајрам, а ви не можевте да спречите литургија во Струга, ифтари, собирања во цркви, џамии, свадби и крштевки. За овој народ треба камшик, а не молби и убедувања!“ – остро порачува посетителката на нашата ФБ страница.

По интервјуто со претставничката на СЗО во Скопје, Џихан Тавилах во кое таа забележува дека луѓето повеќе ќе го послушаат соседот или лажните вести за Ковид-19 отколку вистинските информации нема ниту еден коментар. Исто како што нема ниту еден коментар по информацијата дека во САД и речиси насекаде во светот сѐ уште траат протестите против расната неправда по убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд од страна на полицаец, што се случи кон крајот на минатиот месец.

„Кампањата почна со национализам“ – гласи краткиот коментар на Енсер Енсар Салифоски по изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски упатена до ДУИ по барањето премиер да биде Албанец дека на Македонците им било преку глава да бидат граѓани од втор ред. Фарис Садик му одговара: „Па и на ДУИ им е преку глава од оние како тебе“. Рубин Илиев кратко и јасно го кажал своето мислење: „Не е битно што ќе биде, само патриот да си ја сака Македонија“. Робин Хаџи Стојков смета дека им е дојдено „и на Македонците и на Албанците преку глава од сите вас апаши“ – како што напишал, а Макфирете Елези напишал: „Ова е игра на ДУИ заедно со ВМРО. Не се лаже народ повеќе, ги научивме вашите игри со позадина“. За Самир Османи не е важна националноста за премиер, а изјавата на Мицкоски го натерала да го спореди со Груевски дека е ист националист, а на Заев му забележува дека е попустилив со вмровците, кои, вели, „се ругаат позади грб оти не ве стрпале во Шутка за очигледен криминал. Сите сме исти луѓе од Адам и Ева, а имињата на луѓето и националноста се човечки измислици некои да ги делат луѓето и со нив да профитираат! Ни треба ПОВЕЌЕ РАБОТА и помалку политика со делби“, напишал Самир Османи. Сашо Стаменковски постирал: „Да си ми жив и здрав, пријател, за муабетов!“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG