Достапни линкови

Ќе донесат ли изборите стабилност?


илустрација
илустрација

Безбедносните експерти сметаат дека во моментот нема индиции оти земјава би ја дестабилизирале политичката, здравствената и уставно-правната криза. Претседателот Пендаровски вели дека безбедносните служби веќе попречиле неколку такви обиди и дека треба да останеме внимателни и по 15 јули

Иако е веќе јасно дека избори ќе има на 15 јули, неодамнешните предупредувања на претседателот Стево Пендаровски дека немањето договор за избори, односно политичката криза, би можело да ја дестабилизира земјава, не се исклучени. Во неделното интервју на радио Слободна Европа, претседателот објаснува дека здравствената криза, во комбинација со уставно-правната и политичката криза биле сериозен тригер за безбедносни ризици внатре во земјава, особено доколку опозицијата ги бојкотираше изборите.

„Ако паметите, јас на мојата прва прес конференција по повод првата вонредна состојба во март, предупредив дека во тој период нашите служби имаат попречено неколку обиди за влијание со политичка пропаганда, со лажни вести, и така натаму, но тоа во изминатиот период не престана. И тоа е само еден од сегментите на кој јас мислам дека треба да обрнеме внимание и до 15 јули и по 15 јули“, вели шефот на државата во интервјуто кое ќе се емитува во недела.

Покрај уставно-правната криза, претседателот укажува и на политичките тензии од функционирањето на техничката влада во која се наоѓаат партиите од власта и опозицијата која како што вели, не функционира на идеален начин. Во таа насока претседателот укажува и на безбедносните предизвици во регионален контекст.

„Косово е долги години на нашата граница со нерешен меѓународен статус и на 27 овој месец се најавува рестартирање на тие преговори, од тоа како ќе зависи решавањето на косовскиот случај ние и сите во регионот околу Косово, сите ќе почувствуваме ефекти, добри или лоши ќе видиме“, вели Пендаровски во интервјуто.

Безбедносните експерти се согласуваат дека безбедносната состојба во земјава е условена од пандемијата со корона вирус и нејзините последици.

„Секако дека она што се случуваше во земјава со уставните недоречености и поклопувањето на вонредната состојба со недореченостите во Уставот односно правните празнини, Македонија ја донесоа во една чудна ситуација каде што сите постапки навидум можат да бидат напаѓани како незаконски. Но мислам дека од безбедносен аспект немаме некоја опасност, а она што претседателот го најави е повеќе политичка изјава“, вели универзитетскиот професор Стефан Буџаковски.

И професорот Ќевир Авзиу од Тетовскиот Универзитет уверува дека земјава е стабилна, особено сега, откако стана членка на НАТО.

„Мое мислење е дека Република Северна Македонија е веќе стабилна со оглед на тоа што е членка на НАТО. И да немаше договор за избори, јас мислам дека немаше да има опасност од безбедносни ризици за државата анализирајќи ги и внатрешните, но и надворешните ризици. Мислам дека Македонија е веќе стабилна и нема индиции и фактори кои моментално може да ја нарушат безбедносната состојба“, вели Авзиу.

По две лидерски средби кај претседателот Пендаровски на кои присуствуваа лидерите на сите парламентарни партии, и една на која беа само лидерите на СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски, конечно падна договор предвремените парламентарни избори да се одржат на 15 јули.

СДСМ и владата претходно инсистираа изборите да се одржат 22 дена по престанокот на вонредната состојба, односно на петти јули. Вонредната состојба, која ја прогласуваше претседателот во четири наврати, беше за да и овозможи на владата да носи уредби со законска сила во услови во кои не функционира парламентот поради претходно распишаните парламентарни избори. Тие се првично се одложија поради пандемијата со коронавирусот.

Инаку, ОБСЕ/ОДИХР веќе распиша конкурс за ангажирање на експерти кои треба да ги набљудуваат предвремените парламентарни избори.

Партиите се договорија да одат на предвремени парламентарни избори откако во октомври минатата година земјата не доби датум за почеток на преговори со ЕУ. Изборите закажани на 12 април беа ставени во мирување поради пандемијата на корона вирусот.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG