Нов извор на снабдување на земјата со гас е придобивката што ја очекуваат стручните лица од поврзувањето со гасоводот што доаѓа од Азербејџан.
Како што е познато гасоводот ТАНАП, кој поминува низ Турција, ќе се надоврзе на гасоводот ТАП на турско-грчката граница, кој поминува северно од Солун и јужно од нашата граница кон Албанија за да продолжи кон Италија.
Експертите не очекуваат овој нов извор на снабдување со гас кај нас да резултира значително врз намалување на цената на електричната енергија и укажуваат дека првично ќе бидат потребни и поголеми финансиски вложувања на домаќинствата кои ќе се определат на потрошувачка на гас.
Професорот Константин Димотров вели дека не е убеден дека гасификацијата низ некои од деловите на Скопје и низ градови ќе оди многу лесно. Тој објаснува дека домаќинствата за да може да го користат гасот и тој да биде конкурентен на другите сретства за снабдување со топлинска енергија треба да се направи дистрибутивна мрежа до домовите на потрошувачите.
„Една фамилја може да го користи за греење на вода со бојлер на гас, да готват ручек со еден шпорет на гас и да купат ладилник кој функционира на гас. Но, треба да се спроведе инсталиција, треба да се градат оџаци. Има доста потреба од финансиски вложувања. И домаќинствата да ја купат цела таа бела техника ќе биде прескапо. Во брзо време не очекувам масовно приклучување на голем број домаќинства да користат природен гас за домашните потреби, освен ако дома имаат индивидуални котелски постројки во кои досега користеле нафта за ложење и тогаш тие би се приклучиле. А во секој случај гасот е поефтин од лесното масло кое инаку би го користеле. Такви делови има во Скопје, тоа се Црниче, Радишани, Козле, таму ќе се исплати,но не сум убеден дека во другите градови ќе може да се спроведе многу бргу оваа гасификација“ вели професорот Димитров
Со изградбата на гасоводот ТАНАП, заедно со јужнокавкаскиот гасовод и трансјадранскиот гасовод (ТАП),до европските пазари ќе се пренесува азербејџански гас произведен во регионот Шах Дениз и во другите региони јужно од Касписко Море.
Експертите велат дека немаат информација до каде е изградбата на гасоводот во турскиот дел до грчката граница и дополнуваат дека потоа треба да се направи гасоводот ТАП кој италјанско- францускиот конзорциум треба да го изгради и кој поминува северно од Солон и јужно од нашата граница кон Албанија за да премине кон Италија. Кога тоа ќе биде готово ние ќе треба да изградиме дополнителна врска да се приклучиме кон тој гасовод кој го прави овој конзорциум.
Директорот на Националните енергетски ресурси (НЕР), Бајрам Реџепи деновиве рече дека поврзувањето со гасоводот што доаѓа од Азербејџан кај нас ќе резултира со пониски цени што крајните потрошувачи ќе ги плаќаат за добиениот гас.
"Со изградбата на интерконекцискиот вод со Грција, ние се поврзуваме со преносниот систем на ДЕСФА. Тоа е од исклучително значење за нашата држава, бидејќи ќе можеме да се снабдиме од гасот што протекува низ тој гасовод. Тоа значи дека ќе добиеме стабилен и сигурен пазар за снабдување во регионот, се диверзифицираат нашите извори за снабдување, а тоа значи и конкурентен пазар, со краен ефект пониски цени до крајните потрошувачи" изјави Реџепи.
Но, професорот Димитров вели дека гасот обезбедува определни поволности пред се за индустријата, но дополнува дека неговата цена не е толку ефтина како што се мисли.
„Ние и денес користиме гас. Тоа е само една сигурност да има втора влезна врата на гас. Прашање е дали тој гас е со цената од Азербејџан или е со цена оптоварена со трошоци која ќе ја формира италјанско -францускот конзорциум Тоа се економски прашања и зависат од количината. Македонија користи мала коичина на гас и нема да влијае врз намалување на цената на гасот. За нас беше спас ако Јужен поток главните линии поминеа низ Македонија и низ Србија и да стигнеа до Унгарија и Австрија. Ние ќе чекеме да се направат овие гасоводи и нема чувствителено да влијаат врз намалување на цената на електрична енергија.“ вели Димиров
Во доменот на производство на елактрична енергија и досега ние можевме да користиме и кориситиме гас за производство на електрична енергија но тој се користи единствено во зима кога се остварува едновремено производство на електрична и топлинска енергија. Само тогаш производната цена на електрична енергија и топлинска енергија кај нас дава оправдување за користење на гас, вели професорот Димитров. Тој укажува дека државата преку ЕЛЕМ ја купи комбинираната гасна централа „ Когел Север" пред две години, но воопшто не ja пушти во погон, а тоа е 30 мегавати постројка која работи на гас. "Значи не е баш така ефтино производството на електрична енергија", дополонува професорот.
Инаку неодамна владина делегација беше на отворањето на Трансанадолскиот гасовод (ТАНАП), при што беше посочено дека стратегиска определба е поврзување на државата со ТАП.
Во поглед на изградбата на главниот гасоводен систем во земјава, надлежните информираа дека тој се одвива со засилено темпо, иако почетокот на градбата доцнел поради решавањето на имотноправните работи -експопријацијата. Но, надлежните очекуваат дека на двете делници, до Битола и до Гостивар, градбата ќе заврши во текот на првата половина на наредната годината, по што ќе следуваат потребните испитувања во согласност со стандардите и реално се очекува двете делници да бидат оперативни пред крајот на наредната година.