Вести
ЕСЕ: Ромите се во понеповолна здравствена состојба од останатото население

Ромите во државава се соочуваат со понеповолна здравствена состојба од останатото население. Имено, новороденечката смртност меѓу Ромите е за 1,5 пати повисока за разлика од македонското население во 2017 година. Во истата година речиси 50 отсто од смртните случаи кај Ромите се случиле пред 65-та година од животот, за разлика од 23 отсто кај останатото население, соопштија од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.
Тие посочуваат дека во врска со пристапот до здравствена заштита, со посебен фокус на репродуктивното здравје на жените и здравјето на мајките и децата детектирале проблеми кои се однесуваат на тоа дека во општината Шуто Оризари 46 отсто од жените Ромки немаат избрано матичен гинеколог, пред се поради фактот што во општината имаше само еден матичен гинеколог, кој потоа замина од општината, а останатите матични гинеколози се наоѓаат во другите општини и жените треба да се изложат на дополнителни трошоци и да одвојат повеќе време за да ги посетат.
Според здружението, само 31 отсто од жените Ромки биле да направат превентивен гинеколошки преглед во изминатите 12 месеци. Останатите жени прават превентивни прегледи поретко, или воопшто не одат на превентивни прегледи, туку посетуваат гинеколог за време на бременост или кога имаат здравствени проблеми, што претставува сериозен ризик фактор по однос на репродуктивното и целокупното здравје на жените.
види ги сите денешни вести
Од болница се пуштени 19 повредени во авионската несреќа во Торонто

Од болница се пуштени 19 од вкупно 21 повредено лице во инцидентот на 18 февруари на меѓународниот аеродром Пирсон во Торонто, Канада, кога авион на „Делта ерлајнс“ се преврте при слетувањето.
Извршниот директор на аеродромот во Торонто рече дека се задржани уште двајца патници, но не кажа детали за нивната состојба.
Повеќето од повредените си заминале со полесни повреди, изјави извршниот директор на аеродромот.
Властите соопштија дека се истражува причината за несреќата. Комуникацијата помеѓу кулата и пилотот била нормална при приближувањето и не е јасно што тргнало наопаку кога авионот се превртел.
Во моментот на пристигнувањето на авионот, на аеродромот Пирсон дувале ветрови со брзина од 51 км на час до 65 км на час, според Метеоролошката служба на Канада.
„Наеднаш сè едноставно тргна настрана и следното нешто што го знам, тоа е вид на трепкање и јас сум сè уште прицврстен наопаку“, изјави патникот Питер Карсон за CBC News.
Канадските власти одржаа две кратки прес-конференции во понеделникот, но дадоа неколку детали. Авионот бил Mitsubishi CRJ-900 направен од канадската компанија „Бомбардиер“.
Сите 80 патници и членови на екипажот во авионот, кој летал од Минеаполис, ја преживеале несреќата, но се уште не е јасно како се превртел авионот. Патниците, кои носеле појаси, останале да висат на седиштата.
Ова беше четврта голема авионска несреќа во Северна Америка во последните недели. Претходно, комерцијален авион и армиски хеликоптер се судрија во близина на Националниот аеродром „Реган“ во Вашингтон, на 29 јануари, при што загинаа 67 луѓе. Медицински транспортен авион се урна во Филаделфија на 31 јануари, при што загинаа шесте лица на бродот и уште едно лице на земја. На 6 февруари, уште 10 луѓе загинаа во авионска несреќа на Алјаска.
Владата го задолжи Министерството за правда да достави предлог за разрешување на Коцевски

Владата на седницата на 18 февруари го задолжи Министерството за правда да достави предлог за разрешување на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски пред истекот на неговиот мандат, кое потоа ќе го достави до Советот на јавните обвинители.
„Министерство за правда го достави мислење во кое се нотирани следниве состојби: како прво нарушениот углед на институцијата со која раководи јавниот обвинител, затоа што чувањето на угледот на институцијата е должност која потекнува од Законот за јавно обвинителство. Понатаму, јавноста во изминатиов период беше сведок на низа скандали, нарушена функционалност на ЈО, незаконски постапувања и корупција, неефикасност и повреда на принципите и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите“ рече Марија Митева, портпаролка на Владата.
Претходно, Коцевски изјави дека ќе се произнесе по предлогот за негово разрешување откако Владата ќе го достави до Советот на јавни обвинители. Доколку се утврди дека навистина има тешка дисциплинска повреда, Коцевски сам ќе се повлече од функцијата.
Мандатот на републичкиот обвинител трае шест години, а Коцевски беше избран на оваа позиција пред една година. Владата сака предвреме да биде прекинат мандатот на Коцевски, а причината за тоа е, како што велат оттаму, разочараноста од постапувањето надвор од законските надлежности, посочувајќи дека Коцевски незаконски именувал, вршител на должност на Вишото јавно обвинителство на местото на суспендираниот Мустафа Хајрлухаи.
Републичкиот обвинител Коцевски го демантира тврдењето дека незаконски постапил посочувајќи дека го следел законот и роковите во него.
Вкупно 102 групи производи ќе имаат ограничени маржи

Владата на денешната седница донесе одлука за ограничување на бруто профитната маржа на 102 групи производи или на повеќе од 1.000 прехранбени и непрехранбени производи.
На 5 отсто се ограничува бруто профитната маржа на основните осум прехранбени производи: млеко, леб, брашно тип 400 и 500, јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко.
На 10 отсто е ограничена маржата на месо и преработки од месо, шеќер, млечни производи, маргарин, путер, конзервиран зеленчук и овошје, грав, ориз и тестенини.
На 15 отсто е ограничена маржата на свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија и слично.
Марјан Ристески, заменик-министер за економија и труд, рече дека со оваа одлука се задолжуваат сите трговци на рафт да имаат најмалку 70 отсто од овие 102 групи производи.
Дополнително, донесена е и одлука за утврдување на највисоки цени на осум групи основни прехранбени производи при што како највисока цена се утврдени цените од 1 февруари 2025 година.
„Нашите очекувањата се дека со овие две одлуки цените на основите прехранбени производи ќе се намалат во просек за околу 10 отсто, освен осумте основни прехранбени производи - млеко, леб, брашно тип 400 и 500, јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко за кои се очекува да останат на исто ниво, односно да не се зголемуваат или да има минимално намалување“, рече Ристески на прес конференција на 18 февруари.
Двете одлуки ќе стапат во сила следниот ден откако ќе бидат објавени во Службен весник и ќе траат до 30 април.
Откако граѓани два пати бојкотираа маркети поради високи цени на храната, Владата го задолжи Министерството за економија и труд да подготви Предлог-одлука за ограничување на бруто профитната маржа на 10 проценти на дел од основните прехранбени производи, средствата за хигиена и бебешката храна.
Ваквата одлука се темелеше на шестмесечниот извештај од Државниот пазарен инспекторат, според кој кај трговците на мало беше утврдено дека има над 20 отсто маржа на основните прехранбени производи и над 30 отсто маржа кај средствата за лична хигиена, додека кај увозниците и дистрибутерите се евидентирани повисоки маржи и до 50 отсто.
Гаши добил заканувачка порака

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на службената електронска пошта добил порака со заканувачка содржина, соопштија од неговиот кабинет. Заканата што Гаши ја добил на електронската пошта е пријавена и во Министерството за внатрешни работи(МВР).
Оттаму за МИА информираат дека во Секторот за компјутерски криминал има пријава за таков случај и по истата соодветно се постапува, без да се посочуваат детали за тоа со каква содржина е заканата.
Медиуми објавија дека претседателот на Собранието добил електронска пошта со заканувачка содржина во врска со уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот.
Гаши, како што се посочува, оваа порака ја добил по објавеното интервју за „360 степени“ на 17 февруари, каде кажа дека по изборот на нова влада во Бугарија може да се пристапи кон решавање на спорот, но оти не може веднаш да се очекува некој голем успех во разговорите.
Израел го потврди договорот за ослободување шест заложници

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху потврди дека во Каиро е постигнат договор со радикалната палестинска организација Хамас за ослободување на израелските заложници за време на претстојниот викенд, јави агенцијата АП.
Хамас, кого Соединетите Американски Држави(САД) и Европската унија (ЕУ) ја сметаат за терористичка организација, ќе ослободи шест заложници во сабота, на 22 февруари, наместо само тројца како што беше претходно планирано, соопштија од канцеларијата на Нетанјаху.
Четири тела на починати заложници ќе бидат предадени, а потоа уште четири во следните недели, се додава во соопштението.
Шестмината заложници кои ќе бидат ослободени во сабота се последните преостанати живи заложници во заробеништво на Хамас.
Досега беа разменети 19 израелски заложници за ослободување на стотици палестински затвореници.
Предвидено е да бидат вратени уште 14 заложници, од кои шестмина се живи во првата фаза од прекинот на огнот во Газа.
Иран обвини британски брачен пар за шпионажа

Иран ги обвини британските државјани Крег и Линдзи Форман за шпионажа, објави портпаролот на иранското правосудство на 18 февруари.
Портпаролот Асгар Џахангир рече дека парот „под маската на туристи“ влегле во Иран, „собирајќи разузнавачки информации во неколку провинции во земјата“, објави Радио Фарда, иранскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Тој рече дека тие биле уапсени од Разузнавачката организација на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) во јужната провинција Керман.
Според објавите на Линдзи Форман на социјалните мрежи, парот бил на патување со мотор околу светот. Крајната дестинацијаим била Австралија.
Британски медиуми јавија дека тие на 30 декември влегле во Иран преку Ерменија и имале намера по пет дена да ја напуштат земјата преку пакистанската граница. Тие останале во Табриз, Техеран, Исфахан, но никогаш не се пријавиле во нивниот хотел во Керман.
Ебрахим Хамиди, главниот судија во провинцијата Керман, рече дека „станало јасно“ дека двојката „имала врски со неколку институти поврзани со разузнавачките служби“.
Британското Министерство за надворешни работи не ги коментираше наводите. Но, во моментов ги советува британските граѓани да не патуваат во Иран, наведувајќи „значителен ризик“ од апсење, испрашување или притвор.
Организациите за човекови права го обвинуваат Иран дека води „заложничка дипломатија“ со апсење на странски и двојни државјани како можност за влијание во односите со Западот.
Израелски министер најави преговори за втората фаза од прекинот на огнот во Газа

Израел оваа недела ќе почне индиректни разговори со палестинската радикална група Хамас за втората фаза од договорот за прекин на огнот во Појасот Газа и бара целосна демилитаризација на крајбрежната енклава, изјави Гидеон Сар, министер за надворешни работи на Израел.
Преговорите меѓу Израел и Хамас, кого САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација, за втората фаза од договорот требаше да почнат на 2 февруари.
Но, Катар, кој посредува заедно со Египет и САД, кажа дека разговорите сè уште не се официјално започнати.
„Тоа ќе се случи оваа недела“, рече Сар на прес-конференција во Ерусалим на 18 февруари.
Од друга страна, вонредниот состанок на Арапската лига за Појасот Газа, првично закажан за следната недела, е одложен за 4 март, соопшти египетското Министерство за надворешни работи.
Египет, како домаќин на состанокот, соопшти дека новиот датум е договорен со членките на Арапската лига како дел од „суштинските и логистички подготовки“ за самитот.
Состанокот беше свикан како одговор на предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп да го преземе воено разурнатиот Појас Газа и да ги премести палестинските жители на други локации, вклучувајќи ги Египет и Јордан.
Саудиска Арабија ќе биде домаќин на лидерите на Египет, Јордан, Катар и Обединетите Арапски Емирати за да ги изложат нивните планови за обнова на Газа, а истовремено да се осигураат дека Палестинците ќе останат на нивната земја.
Договорот за прекин на огнот, кој вклучува враќање на 33 израелски заложници во замена за стотици палестински затвореници и притвореници, се одржа и покрај низата проблеми и наводи за прекршувања кои се заканија да го исфрлат од колосек.
Сепак, преговорите за втората фаза се очекува да бидат тешки, бидејќи вклучуваат прашања како што е управувањето со Појасот Газа, за кое се чини дека постои голем јаз меѓу страните.
„Нема да прифатиме континуирано присуство на Хамас или која било друга терористичка организација во Газа“, рече Сар.
Тој додаде дека доколку преговорите бидат конструктивни, Израел ќе остане ангажиран и може да ја продолжи првата фаза од прекинот на огнот, кој треба да трае шест недели.
Досега се вратени 19 израелски заложници во замена за ослободување на стотици палестински затвореници.
Заложниците беа заробени во напад предводен од Хамас врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година, во кој според израелските податоци загинаа околу 1.200 луѓе.
Повеќе од 48.000 Палестинци се убиени во следните израелски операции во Појасот Газа, според здравствените власти на територијата под контрола на Хамас.
Украинскиот напад врз рускиот гасовод го намалува извозот на казахстанска нафта

Украинскиот напад со беспилотно летало врз главниот нафтовод што минува низ јужна Русија би можел да го намали обемот на извозот на нафта за речиси една третина во следните два месеци, соопшти во вторник (18 февруари) руската државна компанија „Транснефт“.
Седум беспилотни летала со експлозив удриле во понеделникот во пумпна станица на конзорциумот на Каспискиот нафтовод, кој транспортира казахстанска нафта низ јужна Русија за извоз преку Црното Море, вклучително и во Западна Европа.
„Последиците од овој напад ќе бидат елиминирани во рок од месец и пол до два месеци, што може да доведе до пад од 30 отсто на количината на нафта испумпана од Казахстан“, соопшти Транснефт.
Гасоводот долг 1500 километри е во сопственост на конзорциум кој ги вклучува руската и казахстанската влада, како и западните енергетски компании Шеврон, Ексон Мобил и Шел.
Околу 80 отсто од извозот на сурова нафта на Казахстан и околу еден отсто од вкупната глобална понуда минуваат низ него. Три четвртини од 63 милиони тони што поминаа низ гасоводот минатата година беа испумпувани од западни енергетски компании, соопшти во вторникот Транснефт.
На прашањето на АФП како ќе ја пренасочи нафтата и какво влијание може да има врз економијата на Казахстан, Министерството за енергетика на земјата рече дека „во моментов ги утврдува сите детали за ова прашање“.
Казахстан, кој во голема мера се потпира на руската инфраструктура, ги засили напорите да ги диверзифицира своите патишта за извоз на енергија во времето на руската инвазија на Украина.
Киев ја напаѓа руската енергетска инфраструктура за време на тригодишниот конфликт, сакајќи да ги погоди локациите за кои вели дека ја снабдувааат со гориво руската војска или обезбедуваат ресурси за поддршка на нејзината инвазија.
Бербок: Германски војници нема да бидат испратени во Украина

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во вторник (18 феврауари) ја нарече тековната дебата за можните европски мировни трупи во Украина предвремена.
„Ниту еден војник нема да бидат испратени во оваа жешка војна“, рече Бербок за јавниот радиодифузен сервис ZDF. Дебатата во европските метрополи беше поттикната од едностраното соопштение на американскиот претседател Доналд Трамп за мировни преговори околу Украина со Русија и забелешките од Трамп и други високи американски официјални претставници дека американските трупи нема да бидат вклучени во обезбедувањето на каков било мировен договор во Украина.
Бербок призна дека „зачувувањето на мирот е европска задача“ и рече дека за каков било договор за Украина не може да се преговара без учество на Украина и на Европа. Но, Бербок рече дека е премногу прерано да се дебатира за подготвеноста да се распоредат војници во Украина пред да започнат разговорите.
Во вторникот, највисоките претставници на САД и Русија се состанаа на разговори во Саудиска Арабија, без учество на украински или европски претставници.
Разговорите во Ријад беа пред сè можност за САД и Русија да остварат контакт, рече Бербок.
„Сега не треба да направиме огромна грешка и да му направиме услуга на рускиот претседател Владимир Путин со тоа што ќе ги направиме овие разговори поголеми отколку што всушност се. На прашањето дали Германија може да прифати преговорите да се одвиваат без Украина и Европејците, Бербок категорично одговори:
„Не“.
Таа сепак додаде дека Европа мора да биде самоуверена, јасна и да застане во одбрана на своите интереси.
На самитот во Париз, имаше поделби околу тоа дали европските земји ќе бидат подготвени да придонесат со војници во можните мировни сили за да се обезбеди каков било договор за прекин на огнот.
Премиерот на Обединетото Кралство Кир Стармер ја сигнализираше неговата подготвеност да испрати британски војници и ги повика другите да се приклучат, иако Шолц ја опиша целата дебата како „иритирачка“ и „предвремена“ од европските предлози.
И францускиот претседател Емануел Макрон предизвика реакции пред неколку месеци сугерирајќи дека француските и европските трупи би можеле да бидат распоредени во Украина.
Средба Вулин-Шојгу во Москва

Српскиот вицепремиер Александар Вулин и секретарот на Советот за безбедност на Руската Федерација Сергеј Шојгу најавија дека ќе го интензивираат дијалогот за да се спротистават на „обоените револуции“.
Во соопштението на српската влада, објавено по средбата меѓу Вулин и Шојгу во Москва на 18 февруари, се наведува дека „руската страна изразила подготвеност да продолжи да му дава поддршка на братскиот народ на Србија за одржување на стабилноста“.
„Потврдено е категоричното отфрлање на надворешното мешање во внатрешните работи на суверените држави“, се додава во соопштението.
Тврдењата на српските и руските функционери за „обоени револуции“ доаѓаат во време на масовни протести во Србија, каде демонстрантите повеќе од три месеци инсистираат на одговорност за смртта на 15 лица во уривањето на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад.
Српскиот претседател Александар Вучиќ на 15 февруари оцени дека е во тек обид за „обоена револуција“, обвинувајќи ги неименуваните центри на моќ дека „инвестиле три милијарди евра“ во рушење на државата.
„Обоена револуција“ е термин кој се користи за опишување на соборувањето на авторитарните режими во поранешниот Советски Сојуз, како што е Украинската портокалова револуција од 2004/2005 година.
По средбата меѓу Вулин и Шојгу во Москва, беше соопштено дека двете страни се договориле да продолжат контактите преку Советот за безбедност на Руската Федерација „во интерес на зајакнување на традиционално пријателските врски меѓу Србија и Русија, како и народите на двете земји“.
Ден пред средбата Вулин-Шојгу, шефот на српската дипломатија Марко Ѓуриќ во Москва се сретна со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
По таа средба Лавров изјави дека Русија го осудува мешањето на други, пред се западни земји, во внатрешно-политичките процеси во Србија.
Европската Унија реагираше на средбата меѓу Ѓуриќ и Лавров во Москва.
Портпаролот на Европската комисија на 17 февруари изјави дека Србија, како земја кандидат за влез во Европската Унија, треба да се воздржи од акции и изјави кои се спротивни на надворешната политика на ЕУ.
Србија, заедно со Турција, е единствената земја кандидат за членство во ЕУ која не се приклучи на европските санкции против Русија.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете