Достапни линкови

Помош за ромските семејства во Битола


Невладини организации им доставија хуманитарна помош на ромски семејства во Битола
Невладини организации им доставија хуманитарна помош на ромски семејства во Битола

Стотини ромски семејства во Битола останаа без никакви приходи поради пандемијата на коронавирусот. Голем дел од нив работат на црно, ден за ден, и немаат никакво осигурување, а сега, поради мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, не можат ни да заработуваат. Невладини организации помагаат со храна и хигиенски средства.

На стотина ромски семејства деновиве доделени им се пакети со храна и хигиенски средства од страна на Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“, Општина Битола и УНДП.

„Во Битола со Црвениот крст поделивме пакети на семејства кои останаа во многу тешка состојба, тоа се луѓе кои не работат, луѓе кои не се осигурени, па сега не можат да земат средства што ги дава државата. Токму затоа им помогнавме да добијат барем за краток временски период храна и хигиенски средства“, рече Фатма Бајрам Аземовска, претседател на „Сумнал“.

Ова здружение секојдневно посетува и помага ромски семејства со постари членови кои не можат сами да набават храна и хигиенски средства. Воедно со помош на донатори се подготвува и помош за семејства со мали деца. Голем дел од Ромите во Битола со вонредната состојба поради коронавирусот останаа без дневната заработувачка, па неопходна им е помош.

„Прво ќе започнам до собирачите на шишиња, железо, картони, тие не се осигурени по никаков основ за да можат да користат мерки од државата. Потоа, луѓето што продаваат по зелените пазари, продаваат зеленчук, овошје и текстил, а има и лица кои биле бришени од евиденција на Агенцијата за вработување и тие не можат да користат од мерките на Владата. Голем е бројот на вакви семејства. Преживуваат онака како што ќе се снајдат или од помош од други“, вели Бајрам Аземовска.

Денис Арслановски, граѓански активист, вели дека во услови на пандемија на КОВИД-19, неопходно е ромското население да добива проверени информации, но и бесплатни средства за заштита од болеста, пред сè маски.

„90 проценти од нив зависат од еднодневни работи кои сега не се во можност да ги извршуваат. И тоа го оптоварува нивниот буџет, а гледаме и дека маските по аптеките се многу поскапени“, вели Арслановски.

Во ромската населба во Битола, според Локалниот план за имплементација на декадата на Ромите, живеат над 2000 граѓани. Најголем проблем кој граѓаните го потенцираат и како најургентен е невработеноста. Ниското ниво на образование и немањето соодветни квалификации ромското население го прават неконкурентно на пазарот на работна сила. Тоа значи дека населението се занимава со вршење на тешки физички работи, услужни дејности и со трговија на текстил на импровизирани тезги. Ваквата активност често спаѓа во доменот на сивата економија, а на 65 отсто од населението му се исплаќа социјална помош.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG