Достапни линкови

Здравството стана опасна професија


Здравствени работници во Дебар
Здравствени работници во Дебар

Повредите и смртните случаи на работното место најчесто се поврзуваат со рударството, индустријата и градежништвото, кои со години се најопасни професии. Пандемијата на коронавирус ја зголеми опасноста за лекарите. Секој шести заболен од коронавирус во земјава е здравствен работник.

Еден работник во Македонија гине на работното место на секои две недели, а се повредува секој втор ден. Доколку сте работник во Македонија, имате шест пати повеќе шанси да загинете на работното место, отколку на пример во Велика Британија, вели претседателот на Македонското здружение за заштита при работа, Милан Петковски.

Според Годишниот извештај на Здружението, минатата година во Македонија загинале 25 работници, а 153 биле повредени. Најмногу повреди и смртни случаи има во неформалниот сектор, односно при извршување на работи во домаќинството. Тоа се најчесто несреќи при извршување на земјоделски или градежни работи во домаќинството. По ова следува градежништвото, кое со години е една од најопасните професии. Минатата година, осум луѓе загинале при извршување домашни работи, а шестмина загинале при градежни работи.

Здружението користи официјални податоци, но и полициски и медиумски извештаи за повредени и починати луѓе на работа. Според Извештајот на Институтот за јавно здравје, пак, минатата година во Македонија се повредиле 1121 работници и немало загинат на работното место. Тоа се официјални пријавени повреди. Според нивната статистика, најмногу повреди има во секторот индустрија и рударство.

Петковски вели дека ланската статистика би била уште полоша доколку би се земале предвид и загинатите од автобуската несреќа кај Ласкарци, од кои голем дел се враќале од работа, што исто така се смета за несреќа на работно место. Тој посочува дека во поглед на законодавството има напредок во изминатите години, но проблем и понатаму останува спроведувањето на законите.

„Огромен број на работодавачи се на ставот дека безбедноста и здравјето при работа е потребна, но кога ќе дојдеме до ситуација дека треба таа да се спроведе како што стандардите наложуваат, а тоа се инженерски стандарди, доаѓаме до ситуација кога сите го гледаат како трошок. Трошокот најчесто во нашите услови се крати. Најочигледен пример ни е пандемијата со новиот коронавирус, да имаме бројка од 200 лекари кои се заразени со новиот коронавирус. Дали тоа говори дека имаме заштита при работа или тоа говори дека импровизираме“, прашува Петковски.

Пандемијата на коронавирус од почетокот на годинава ги стави здравствените работници во значителен ризик. Според податоците на Институтот за јавно здравје, секој шести заболен од коронавирус во земјава е здравствен работник, односно се разболеле 229 здравствени работници, од кои 75 досега оздравеле.

Дел од лекарите се жалеа дека немаат соодветна опрема, но властите уверуваа дека заштитна опрема има, но оти здравствените работници не ги почитуваат безбедносните протоколи. Епидемиологот Жарко Караџовски неодамна рече дека здравствените работници не ја користат заштитната опрема соодветно и дека не ги почитуваат протоколите за работа и затоа се разболуваат. На Инфективната клиника нема заразени ниеден доктор или сестра, токму затоа што ја користат опремата правилно, рече Караџовски пред две недели.

„Лицата коишто ја носат таа заштитна опрема прават пауза за цигара па користат иста заштитна опрема пред да работат со пациенти. Или несоодветно ја вадат заштитната опрема, затоа што има протокол по кој редослед се вади и по кој редослед се става. И второ, дружбата на одреден медицински персонал во времето кога не работат со пациенти. Тоа се вика дружење во иста соба, пиење кафе, пушење цигара или џафка муабет, од една страна, а од друга страна дека дел од нив, можеби, во некои општини, се заразени и во домашни услови“, рече Караџовски.

Оваа негова изјава предизвика бура реакции од лекарите. Претседателот на Синдикатот на Клиничкиот центар, доктор Горан Беговиќ вели дека процентот на заразени здравствени работници од коронавирус е голем и очигледно е дека има проблем.

„Тие укажуваат дека здравствените работници неправилно ги применуваат тие протоколи и несоодветно ја користат заштитната опрема. Јас не би се сложил со таа констатација и мислам дека не е така. Мислам дека тој проблем е поголем и мислам дека од двете страни треба соодветно да се разгледа“, вели Беговиќ.

Тој вели дека обуката и контролата за користењето на опремата во секоја здравствена установа треба да се прави заеднички – од страна на раководството на установата и од синдикалната организација, за да се видат сите аспекти на проблемот.

Меѓународната организација на трудот објави дека 10 отсто од заболените од коронавирус во Италија се здравствени работници, во Шпанија се 20 отсто, а во САД меѓу 3 и 11 проценти.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG