Солидарност е клучниот збор на кој се повикуваат и транспортерите и владата за одлуката за зголемување на акцизата за нафтата. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески ги повика транспортерите да бидат солидарни најавувајќи дека парите од зголемената акциза ќе се искористат за помош на здравството.
Во живо- протест на транспортерите во Скопје поради зголемената акциза на нафтата:
Транспортерите велат дека треба да се биде солидарен, ама не само на нивни грб, туку на сите. До овие несогласувања меѓу власта и транспортерите доаѓа откако владата донесе уредба со која акцизата на нафтените деривати се зголеми за три денари.
Проценките на владата се дека ако оваа мерка се применува до наесен во буџетот ќе се соберат дополнителни 18 милиони евра, а причината за зголемувањето ја правдаат со намалување на потрошувачката на горива и потребата од дополнителни пари за справување со коронавирусот. Од таму потенцираат и дека треба да се земе предвид падот на цената на нафтата.
Но, од Макам транс, здружението на превозници чии членови кои во знак на протест на одлуката за зголемување на акцизата, напладне излегоа со своите возила низ улиците на главниот град, имаат поинаков став.
Претседателката на здружението Билјана Муратовска вели дека прво да се направи есап што значи за превозниците зголемената акциза затоа што вели многу лесно било да се прави туѓа пресметка.
„Ние се соочуваме со намалена работа до 70 насто, капацитетите ни се преполовени, а имаме фирми кои воопшто не работат. Во транспортот нема големи фирми, има микро, мали и средни, 70 отсто се до девет вработени и единствено нешто што ни паднало од небо што ни помага, а не мора да го враќаме е цената на нафтата“, вели Муратовска.
Таа додава дека сепак, не се работело само за давачките туку и за солидарноста и емпатијата која вели сите ја споменувале.
„Ајде сите да бидеме солидарни, еве има прогресивен данок, како што беше во 2001 година, ама за сите субјекти во стопанството. Бараме и да ни се врати ДДВ-то, да ни се овозможи на рати да ја плаќаме регистрацијата на возниот парк итн“, вели Муратовска.
Според Зоран Ивановски , економист од Универзитетот за туризам и менаџмент, пак ваквата владина најава е оправдана и поради падот на цените на нафтата.
„Треба да бидеме реални, дека намалената цена не би требало да предизвика проблеми од аспект на покачувањето на акцизата, затоа што сепак, превозниците и во минатиот период го имаа овој трошковен импут многу повисок и секако тоа влијаеше на профитабилноста на нивната работа“, вели Ивановски.
Инаку со ваквиот потег на владата не се согласува и опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека зголемувањето на акцизата на горивата може да предизвика ценовни шокови за граѓаните и штетно да влијае врз македонската економија.