Достапни линкови

Може ли Македонија да ги задржи оние кои се вратија поради корона-кризата?


Илустрација: Работници во автомобилска индустрија во Германија
Илустрација: Работници во автомобилска индустрија во Германија

Се проценува дека поради корона-кризата во Европа, во земјава се вратија над 10 илјади луѓе кои работеа во ЕУ. Фирмите се жалеа дека има недостиг на квалификувана работна сила, но прашање е колку ќе може да ги задржат овие луѓе во земјава.

Иселениците кои се вратија во Македонија поради кризата со коронавирусот во светот ја збогатуваат понудата на пазарот на трудот во земјава, но прашање е колку домашното стопанство ќе може тоа да го искористи. Стопанските комори долго време се жалат дека тешко наоѓаат квалификувана работна сила, а една од причините за тоа е и иселувањето. Сега, кога дел од иселениците се вратени, македонските фирми треба да размислуваат како да ги задржат тука и кога кризата ќе помине, а животот ќе се врати во нормала.

Посредниците при вработување проценуваат дека, поради кризата со коронавирусот, во земјава се вратиле меѓу 10 и 20 илјади луѓе од дијаспората. Тоа се најчесто луѓе кои во ЕУ работеле „на црно“ или кои поради кризата ги изгубиле работните места во Западна Европа, па се вратиле во Македонија „додека да помине“ поради пониските животни трошоци.

Миле Бошков од Бизнис конфедерација на Македонија вели дека треба да се види за колку луѓе се работи и со какви вештини располагаат за да се вработат некаде, кога ќе заврши кризата. Сепак, тој повеќе се надева дека ти би можеле да отворат бизниси во земјава.

„Не само што донеле 5 или 10 илјади евра, туку и начинот на којшто работеле во некоја индустрија надвор мораме да признаеме дека е на некој начин помодерен, поквалитетен и поквалификуван од начинот на којшто се работи тука и зошто да не го прават тоа од тука или зошто да не отворат бизнис“, вели Бошков.

Тој вели дека државата мора да ги олесни условите за водење бизнис. Со кризата видовме дека работите за кои сме чекале на шалтери може да се завршат и онлајн и така треба да остане и по кризата, вели тој.

Од друга страна, бизнисменот Мендерес Кучи, кој е и поранешен претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија, не е голем оптимист дека иселениците ќе може да се задржат во земјава и по завршувањето на корона-кризата. Едните не ги бива, но на големите пазари има место и за такви кадри, а тие што ги бива македонските фирми не сакаат да ги платат, вели тој. Кучи посочува дека дел од квалитетните работници би се вратиле во Македонија за 1000 евра плата.

„Вака, од оваа ситуација не можеме ништо да ушиќариме. Еден дел дојдоа зашто се без статус таму, односно немаат постојана работа, и таму работат „на црно“ и такви се дојдени тука, но едвај чекаат да се вратат на истиот пазар каде што работеле. Значи, не може многу да се искористи, но е тема која што може да ја потегнеме за малку да ја анимираме нашата држава дека сериозно треба да размисли за оваа ситуација, зашто ќе останеме брз луѓе“, вели Кучи.

Тој посочува дека паметна политика би била да се мотивираат иселениците што се пробиле на западните пазари да отвораат мали претпријатија во земјава, кои би произведувале делови или мал сегмент од производите на кои работеле некаде во странство.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG