Туризмот во Европа е една од економските гранките која е меѓу најпогодените од пандемијата со коронавирусот. Затворени граници, приземјени авиони, празни хотели е сликата во сите европски туристички центри.
Еврокомесарот за внатрешен пазар и услуги, Тиери Бретон, вели дека туристичкиот сектор прв почна да бележи пад кој достигна 70 проценти, а ќе биде и последниот кој ќе се опорави од кризата. Затоа, потребно е фондовите за спас да се насочат најпрво таму, смета Бретон, пренесува Еуроактив.
Тој предлага и организирање на специјален самит во септември или во октомври на кој ќе се сумираат последиците од пандемијата и ќе се исцрта нов патоказ за развој на одржлив туризам во Европа.
Колкав ќе биде економскиот удар за туристичките дестинации
За една од земјите која зависи од туризам, Грција, туристичката сезона ќе трае три месеци, од јули до септември, вели министерот за туризам Хари Теохарис. За да може да се летува во Грција потребен ќе биде „здравствен пасош“ кој ќе биде доказ дека лицето кое патува не е заболено од Ковид-19. Но сепак оваа идеја сè уште не е целосно разработена.
„Различни земји ќе треба да се согласат со овој начин на ‘безбеден влез и излез од Грција’ и затоа предложив Европската Комисија да воспостави ваков здравствен протокол“, вели Теохарис.
И грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, ја повика Комисијата да се повлече забраната за патување „во најбрзо можно време“.
„Мора да постигнеме заеднички договор за движењето на луѓето“, изјави тој, пренесува Еуроактив. Мицотакис додава дека треба да се покаже и демонстративна поддршка за туризмот.
Според студија објавена од грчката Комора на хотели, владино тело кое ги претставува хотелиерите, 65 % од сопствениците на хотели сметаат дека нивниот бизнис веројатно или многу веројатно ќе банкротира.
Претседателот на Комората, Александрос Василикос, за Бизнис инсајдер вели дека не е шокиран од резултатите на истражувањето.
„Ова не е бројка на која би се фокусирал. Не е ниту бројка што сакам да ја потценам. Не се обидувам да ги ставам работите ‘под тепих’ но за мене е многу важно да се каже Да, се соочуваме со голем пад но тоа не е поинаку од тоа со што се соочуваат другите земји. Никој никаде не патува и ова е грижа на целиот туристички ланец“, вели тој.
Туризмот, кој на Шпанија и носи 11% од вкупниот бруто домашен производ, исто така е доведен во прашање поради коронавирусот бидејќи неизвесно е дали хотелите и рестораните ќе ја преживеат кризата.
Министерката за финансии, Мариа Хесус Монтеро, потенцира дека „Шпанија нема да ја започне туристичката сезона се додека тоа не е доволно безбедно“, пристап кој ги намалува очекувањата дека тоа ќе се случи ова лето.
Песимистички расположен е и туристичкиот сектор, според чии челници, работите нема да се вратат во нормала, барем не за време на летната сезона.
Туристичката сезона за 2020 година во Италија, најпогодената земја во Европа од коронавирусот, ќе биде „избриша“, вели секретарката за туризам Лоренца Бонакорси.
„Потребни ќе бидат една или две години за работите да се вратат како што беа“, додава таа.
Во Италија повеќе од 4 милиони луѓе работат во туристичкиот сектор. Конфтуризмо, најголемата организација која го застапува туристичкиот сектор во Италија, вели дека загубите ќе бидат 22 милијарди евра.
Уште една од земјите која зависи од Туризмот, Португалија, исто така ги чувствува последиците. Повеќе од 60 % од аранжманите на југот во земјата се откажани, а најлошото следува, велат предвидувањата.
Португалија лани ја посетиле 16,3 милиони посетители. Според официјалните податоци од 2018 година, туризмот придонесува со 14,6 % од вкупниот БДП на земјата.
Уште една членка на Унијата која зависи од летниот туризам е и Хрватска. Нејзината туристичка сезона можно е да ја „спасат“ Чесите.
Имено, Асоцијацијата на Чешки туристички агенции и предложи на владата да склучи договори со земјите кои имаат ниско ниво на ширење на заразата со Ковид-19, како Хрватска. Договорот би подразбирал дека граѓаните на овие две земји ќе може да патуваат во двете насоки.
Далмација е една од најпопуларните дестинации за чешките туристи. Повеќе од 800 илјади Чеси лани летувале во Хрватска со повеќе од 5,4 милиони ноќевања. Сепак, властите на двете земји велат дека е прерано за еуфорија бидејќи е потребно да се решат сите прашања како транспортот, здравствените и епидемиолошки мерки, ширењето на вирусот и слично.
Едена милијарда евра загуби месечно
Речиси 50% од светскиот туризам се одвива во Европа. Светската туристичка организација , очекува кризата со Ковид-19 да доведе до намалување од 20-30% на меѓународниот сообраќај додека пак ОЕЦД предвидува намалување од 45 до 70% во туристичкиот сектор.
Според проценките на Бретон, пандемијата ја чини Европа по една милијарда евра секој месец, пренесува Еуроактив.
Прашан кои финансиски инструменти ЕУ планира да ги искористи со цел да го намали ударот од пандемијата за земјите чии економии најмногу зависат од туризмот, Бретон вели дека мора да се преземат „цврсти мерки“.
„Ова е борбата која јас ќе ја водам со цел да обезбедам дека туризмот ќе добие 20 до 25% од фондовите“, вели еврокомесарот. Тој додава дека сите земји треба да имаат ист или еднаков пристап до фондовите за спас на туризмот и покрај тоа што вкупната бројка колку ќе тежи тој фонд сè уште не е позната.
Од состојбата со ширењето на коронавирусот најмногу ќе зависи отворањето на границите, а со тоа и можностите за туристичкиот сектор. Секоја одлука, вели Бретон, треба да биде донесена едногласно и во координација со сите земји членки со цел да се овозможи контролирано движење и патување. Сепак тој смета дека Шенген зоната треба да биде затворена преку целото лето.
И претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, испрати неколку пораки до граѓаните на Европската Унија . Пред неколку недели таа советуваше граѓаните да не прават планови за летните одмори, додека подоцна изјави дека треба да се најдат паметни решенија за летување.
„Мислам дека треба да најдеме паметни решенија за да имаме некаков одмор, претпоставувам поинаков од порано, со повисоки хигиенски стандарди и со одржување на социјална дистанца“, изјави фон дер Лајен во интервју за португалска телевизија.