Достапни линкови

Македонски Робин Худ – Зема од сиромасите, дава на богатите


Илустрација: Робин Худ
Илустрација: Робин Худ

Уставните судии ја поништија одлуката функционерите да добиваат минимална плата додека трае корона-кризата. Владата одлучи дека ќе им помага и на фирмите кои ќе отпуштат до 15 отсто од вработените. Во меѓувреме, граѓаните го донираат повратот на ДДВ-то за справување со кризата.

Фирмите ќе може да отпуштат до 15 отсто од вработените, а повторно да добијат владина помош, соопшти министерката за финансии Нина Ангеловска. Синдикатите веднаш се заблагодарија на „првомајската честитка“ и побараа оставка од министерката.

Првично беше најавено дека се работи за мерка за спас на работните места и државна помош можеа да добијат само фирмите кои нема да отпуштаат вработени. Но, сега помош ќе им следува и на оние што ќе отпуштаат.

Владата се задолжува за да може да им помогне на газдите кои ќе отпуштат работници, а потоа тој долг ќе треба да го враќаме сите – и оние кои добиле помош и оние кои добиле отказ, коментираат граѓаните на социјалните мрежи. Дополнително, граѓаните ќе плаќаат и повисока акциза на горивата. Робин Худ во македонска верзија – зема од сиромасите за да им помогне на богатите.

Оние, пак, кои ја поддржуваат владината одлука се повикуваат на прагматизам – подобро да останат без работа 15 отсто, отколку сите 100 отсто ако фирмата пропадне.

Во меѓувреме, Уставниот суд експресно и едногласно донесе одлука дека е неуставна владината одлука сите избрани и именувани функционери да добиваат минимална плата за време на корона-кризата. Критиките се дека на Уставниот суд некогаш му требаат месеци за да се разгледа некоја иницијатива, но кога се работи за нивните плати реагираа веднаш. Експресно се огласи и Антикорупциската комисија, чии плати исто така требаше да бидат скратени. Според нив, немало конфликт на интереси кај уставните судии кога ја носеле одлуката.

Досега над 5000 граѓани, кои скенираат фискални сметки, парите од поврат на ДДВ-то ги донирале во фондот за справување со пандемијата на коронавирус. Токму за да може да им се помогне на газдите и на функционерите.

Владејачката СДСМ ја осуди „срамната“ одлука на Уставниот суд која е „против солидарноста“. Функционери на СДСМ најавуваат дека ќе се откажат од целата плата за април и мај и ќе одат на минималец, а остатокот ќе го донираат во фондот за борба против коронавирусот.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG