Достапни линкови

Животот во карантин е поразличен, но не мора да значи дека е полош


Социолозите и психолозите советуваат граѓаните да најдат начин како да си го направат животот во изолација поквалитетен и подеднакво добар како и претходно. Сепак, очекувано е кај некои граѓани тоа да остави последици врз нивното психолошко здравје, велат дел од нив.

Опасноста од ширењето на коронавирусот и евентуалните последиците кои би ги предизвикал, ги стави македонските граѓани во карантин. Улиците се празни, движењето е сведено на минимум, не работат градинките, училиштата, трговските центри, угостителските објекти... Животот одеднаш доби поинаква димензија.

Животот во самоизолација ја поттикна креативноста кај македонските граѓани кои и во ваква криза знаат да бидат духовити. На социјалните мрежи циркулираат мемиња и статуси кои на духовит начин го опишуваат животот во карантин, пораки има и на сметка на зголемените килограми откако ќе заврши карантинот, а некои, пак, се шегуваат и за последиците кои биможел да ги претрпи за некои навидум „брачниот хармоничен живот“.

Но, дали и како оваа состојба ќе влијае на психолошкото здравје кај граѓаните?

Од Министерството за здравство веќе обезбедија телефонска психолошка поддршка за оние граѓани и ранливи групи на пациенти кои овој вид на поддршка им е потребен, меѓу нив психолошка поддршка на родители на деца на предучилишна и училишна возраст, психолошка поддршка на возрасни лица во самоизолација, психолошка поддршка на граѓаните на општина Дебар и општина Центар Жупа и психолошка поддршка на хоспитализирани пациенти поради КОВИД-19.

Упатените, пак, велат дека е очекувано животот во изолација да биде поразличен и променет, но тоа, како што велат, не мора да значи дека е полош.

„Ако карантинот го прифатиме како нешто што во овој момент е важно за да се заштитиме себе си и нашите најблиски, тогаш би можеле да го прифатиме како нешто што не ние наметнато и принудно од некого, туку како еден заеднички договор дека заеднички ќе направиме сè за да се олесни ситуацијата. Ако тоа го прифатиме како одговорни луѓе, тогаш и самата изолација нема да значи дека е принуден чин кој ни го загорчува животот. Ако јас свесно решам да останам дома, тогаш јас ќе се потрудам како седењето дома да биде искористено на најдобар начин“, вели психологот Мирјана Јовановска-Стојановска.

И социологот Агрон Рустеми објаснува дека самоизолацијата драстично ќе ја смени секојдневната рутина, а според него очекувано е тоа да ги погоди граѓаните.

„Јас мислам дека ова ќе остави траги особено кај луѓето кои се анксиозни, и кај тие што не знаат што ќе прават цел ден дома. Во овој нов момент луѓето треба да се сменат и да го сменат начинот на живот. И социолошки и психолошки тоа може да ги погоди, бидејќи луѓето не сакаат промени, зошто се плашат, особено од тоа што не го знаат, како од вирусот во конкретниот случај. Затоа е потребно што побрзо да ја прифатат промената и да се адаптираат на живот дома во кругот на семејството“, вели професорот Рустеми од Штуловиот Универзитет.

Коронавирусот е нова нормалност – тука е за да остане
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:12 0:00

Тој додава дека животот во вонредна состојба може да се покаже и добар во насока на поквалитетно поминато време со семејството.

„Може да се случи да се поправи квалитетот на животот. Луѓето да се свртат кон семејствата и семејните вредности. Но, она што ме загрижува е стравот кој е многу присутен кај луѓето, неизвесноста и стравот од тоа што ќе се случи утре“, вели Рустеми.

Дел од стручната јавност смета дека оваа состојба кај некои ќе ја истакне добрата и солидарна страна кај луѓето, додека кај други пак ќе ја зајакне тенденцијата кон себично и општествено, неодговорно однесување.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG