Порталот на Нова Македонија ги објави најновите мерки на Владата: „Владата забрани влез на државјани од ризичните земји“, а Вечер излезе со наслов: „Мерките против корона вирусот добија правна основа“. Слободен печат на насловната пишува: „Владата ги радикализира мерките за заштита од вирусот – Короната нѐ затвори дома!“ Истиот весник пишува дека „Во услови на корона вирус: Рипнаа цените на медицинските маски и на витаминските сирупи за деца“ и дека „Се апелира до македонските државјани во земјите со висок и среден ризик да го одложат доаѓањето дома“. Порталите Плусинфо, како и Република.мк и Курир.мк имаат слични наслови со прашалник: „Дебар и Центар Жупа одат под карантин?“ Нова Македонија, Вечер и другите портали на печатените медиуми ја објавија изјавата на министерот за здравство, Венко Филипче: „Сите сопатници на првозаразената се негативни на вирусот“. Порталот СДК.МК од дописничката од Битола објавува: „Сите локали на Широк сокак затворија во 18 часот, се почитува мерката против ширење на коронавирусот“. Но, порталот Курир.мк објавува твит со фотографија сликана од некој скопјанец во некое кафуле натискано со млади по масите: „Со вакво однесување за 2 недели ќе бидеме бетер од Италија! Марш дома сите, дали сте нормални?“
Некои портали ја пренесуваат изјавата на секретарот за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски на гостувањето на телевизија Алсат М: „Некои мерки за коронавирусот требаше порано да се преземат“. Во Нова Македонија, пак, читаме дека Македонија е меѓу земјите со низок ризик. Порталот СДК.МК со наслов: „Да помогнеме во времето кога не се оди на школо – режисерот Слободан Унковски и семејството на Горан Стефановски ѝ дозволија на МРТ без надомест да ја репризира култната серија ʼБушавата азбукаʻ“.
И, некаде меѓу вестите за Ковид-19 се читаат насловите: Нова Македонија: „СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и коалициите ги поднесоа кандидатските листи во ДИК“; Курир.мк: „Јанушев: Ги поднесовме кандидатските листи на ВМРО-ДПМНЕ со кои ќе извојуваме победа на 12 април“; Република.мк: „Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски: ʼНови луѓе за ново времеʻ е концепт што го спроведовме во Партијата, на листите, а ќе го направиме и со државата“. Курир.мк, по лидерската средба за состојбата со Ковид-19 кај техничкиот премиер, Оливер Спасовски, објави: „Партиските лидери согласни, нема митинзи за изборите“, а неделникот Фокус на насловната покрај фотошоп фотографиите на Заев, Мицкоски и Филипче прашува: „ʼКорона избориʻ - Ќе одиме ли на избори со маска и заштитни ракавици?“
Капитал објави анализа под наслов: „За македонската економија лани круна, годинава корона?!“ а главната тема во неделникот е со проценката дека „Коронавирусот може да ја чини светската економија 2.700 милијарди долари“.