Достапни линкови

Вести

НБА натпреварите без публика

Илустрација, архивски фотографии
Илустрација, архивски фотографии

Американскиот национален институт за здравство препорачува натпреварите во кошарка да се играат без публика како превенција од коронавирусот, јавува новинската агенција Ројтерс. Шефот на одделението за справување со заразни болести во Националниот институт за здравство Ентони Фаучи денеска на собраниското сослушување изјави дека препорачува НБА да организира натпревари без публика поради брзото ширење на вирусот Ковид 19. Тој додаде дека препораката за избегнување на масовни собири не важи само за спортот туку општо, затоа што така се намалува ризикот од заболување.

види ги сите денешни вести

Зеленски со Макрон разговарал за распоредување војници во Украина

Украинскиот и францускиот претседател Володомир Зеленски и Емануел Макрон
Украинскиот и францускиот претседател Володомир Зеленски и Емануел Макрон

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера во Брисел се сретнал со францускиот претседател Емануел Макрон со кого разговараше за распоредување на војници во Украина како начин за постигнување на стабилен мир.

„Ние споделуваме заедничка визија: сигурните гаранции се клучни за постигнат мир“, напиша Зеленски на платформата „X“.

Зеленски изјави дека разговарале за иницијативата на Макрон за распоредување сили во Украина кои би можеле да придонесат за мир.

„Разговаравме за клучните приоритети за зајакнување на одбраната на Украина од руската агресија, фокусирајќи се на зајакнувањето на капацитетитее за противвоздушна одбрана. Благодарни сме и на Франција што обучи една бригада за нашата армија и се согласи да обучи друга. Се надеваме дека и другите партнери ќе се приклучат кон опремување на нашите бригади“, напиша Зеленски.

На состанокот во Брисел, организиран од генералниот секретар Марк Руте, учествуваа германскиот канцелар Олаф Шолц и шефовите на држави и влади на Полска, Италија, Данска и Холандија.

Зеленски денеска (19 декември) треба да присуствува како гостин на Самитот на ЕУ.

Годишна прес-конференција на Путин

Рускиот претседател Владимир Путин
Рускиот претседател Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин денеска (19 декември) ќе ја одржи годишната прес-конференција, позната и како „директна линија“, јави ДПА.

Прес-конференцијата ќе биде комбинирана со телевизиски пренос, при што граѓаните ќе можат телефонски да разговараат со претседателот.

Двата формати беа комбинирани за првпат во 2020 година, а трендот конечно се зацврсти минатата година. Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков рече дека ова се случило бидејќи Путин нема многу слободно време.

Путин го откажа настанот во 2022 година кога руските сили ја нападнаа Украина.

Според руски медиуми, повеќе од милион прашања од граѓаните веќе се упатени до Владимир Путин.

Повеќето прашања како што додаде Песков, биле поврзани со конфликтот во Украина и здравството.

Стоп за мобилните телефони во училиштата во Бразил

илустрација
илустрација

На бразилските ученици наскоро нема да им биде дозволено да ги користат своите мобилни телефони на училиште, откако Конгресот синоќа (18 декември) усвои закон со цел да се подигне свеста кај младите за штетното влијание на екраните.

Пратениците, родителите и левичарската влада на претседателот Луис Инасио Лула да Силва водат кампања за ограничување на употребата на мобилни телефони во основните и средните училишта.

Повеќе од половина од бразилските деца на возраст од 10 до 13 години поседуваат мобилен телефон. Кај тинејџерите на возраст од 14 до 17 години таа цифра достигнува 87,6 отсто.

Законот, што ќе важи за ученици на возраст од 4 до 17 години, беше одобрен од Сенатот и сега треба да биде потпишан од претседателот Лула пред да стапи на сила.

Според неговиот текст, со цел „да се зачува менталното, физичкото и психичкото здравје на децата и адолесцентите“, мобилните телефони ќе бидат забранети во училиштата. Ова ќе важи и во училницата и за време на паузите.

Во исклучителни случаи, законот дозволува користење на електронски уреди за образовни цели.

Бразилскиот министер за образование Камило Сантана исто така се изјасни за поддршка на ограничувањето на употребата на мобилни уреди во училиштата.

Воена помош од Лондон за Киев вредна 225 милиони фунти

Британскиот секретар за одбрана Џон Хили за време на неговата посета на Kиев, Украина, 18 декември 2024 година
Британскиот секретар за одбрана Џон Хили за време на неговата посета на Kиев, Украина, 18 декември 2024 година

Велика Британија ќе испрати дополнителна воена опрема вредна 225 милиони. Британски фунти за Украина за да и помогнат во војната против Русија.

„Храбриот народ на Украина продолжува да им пркоси на сите очекувања со својот нескротлив дух“, наведе британскиот министер за одбрана Џон Хили во изјавата.

„Но, тие не можат сами да го направат тоа - затоа Велика Британија ќе ја зајакне својата меѓународна лидерска улога во Украина во 2025 година“, додаде министерот.

Силувана Украинка вели дека нејзиниот глас е оружје против воените злосторства
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:17 0:00

Пакетот вклучува 92 милиони фунти за украинската морнарица и 68 милиои фунти за опрема за противвоздушна одбрана.

Тоа беше објавено откако Хили се сретна во Киев со неговиот украински колега Рустем Умеров и вклучува и 39 милиони фунти за анти-дронови системи и заштитна опрема за вооружените сили на Украина, јави ДПА.

update

Лидерите на ЕУ и земјите од Западен Балкан на самит во Брисел

Групна фотографија на учесниците на самитот ЕУ-Западен Балкан, Брисел, 18 декември 2024
Групна фотографија на учесниците на самитот ЕУ-Западен Балкан, Брисел, 18 декември 2024

Шефовите на држави и влади на Европската унија усвоија декларација на крајот од самитот ЕУ-Западен Балкан кој се одржа денеска (18 декември), во Брисел.

Во неа, нагласија дека ја потврдуваат својата „целосна и недвосмислена посветеност“ на перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ.

„Иднината на Западен Балкан е во нашата Унија“, се наведува во декларацијата и се додава дека „Проширувањето на ЕУ е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот, како што е наведено во Декларацијата од Гранада“.

Лидерите на ЕУ изјавија дека „во контекст на радикалните промени во глобалната геополитичка ситуација, руската воена агресија против Украина и конфликтите на Блискиот исток и на почетокот на новиот лидерски циклус на ЕУ, стратешкото партнерство меѓу Европската унија и Западен Балкан е поважно од кога било“.

Документот ја поздравува решеноста на партнерите од Западен Балкан да ги почитуваат и да се посветат на основните европски вредности и принципи, во согласност со меѓународното право и обновената посветеност на приматот на демократијата.

Преку него, се порачува дека владеењето на правото, слободата на изразување, независните и плуралистички медиуми и силната улога на граѓанското општество, се клучни за обезбедување на функционална демократија.

„Во оваа смисла, постапките ќе зборуваат погласно од зборовите бидејќи партнерите преземаат одговорност и ги спроведуваат неопходните реформи“, се наведува во текстот од самитот ЕУ-Западен Балкан.

Се вели и дека поддршката за Украина останува јасен знак за стратешка ориентација.

Сите земји од Западен Балкан се повикани да „остварат брз и одржлив напредок кон целосно усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“, вклучувајќи санкции, нивно спроведување и спречување на тоа тие да бидат заобиколени.

Од лидерите од регионот, на самиот учествуваа македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, премиерот на Албанија, Еди Рама, претседавачот со Претседателството Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, претседателката на Косово, Вјоса Османи и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Во однос на регионалната соработка, беше истакнато дека помирувањето, инклузивната регионална соработка и добрососедските односи, вклучително и оние со земјите-членки на ЕУ, се составен дел од процесот на проширување.

„Сè уште е потребно вложување на дополнителни одлучни напори за помирување и регионална стабилност, како и изнаоѓање и спроведување на дефинитивни, инклузивни и обврзувачки решенија за регионалните и билатералните спорови меѓу партнерите и проблемите вкоренети во наследство од минатото, сето тоа во согласност со меѓународното право“, се вели во декларацијата.

Тркалезна маса на самиот во Брисел, 18 декември 2024
Тркалезна маса на самиот во Брисел, 18 декември 2024

Лидерите на ЕУ посочија дека „недостигот од нормализација на односите меѓу Приштина и Белград ги кочи двата партнера“ и ги повикаа Србија и Косово, без одлагање, да ги спроведат сите договори постигнати во рамките на дијалогот за нормализација на односите, вклучително и Договорот за патот кон нормализација.

Тие го поздравија и усогласувањето на декларацијата од страна на партнерите од Западен Балкан.

За 10 години повеќе земји излегоа од ЕУ отколку што влегоа

Овој самит е прв на кој учествува новиот состав на Европската комисија.

Новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта рече дека ова е важен собир, бидејќи ЕУ и Западен Балкан припаѓаат на исто европско семејство.

„Не само што делиме ист континент, туку поважно е да споделуваме заеднички вредности“, рече Коста.

Претседателот на Европскиот совет уште еднаш потврди дека проширувањето е приоритет на новите структури во ЕУ.

Шефицата за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Каја Калас, пред почетокот на самитот изјави дека регионот на Западен Балкан е многу важен за ЕУ.

„Јасно е дека Европската комисија заедно со мене навистина сака да види напредок во процесот на проширување во следните пет години од мандатот и ние сме подготвени да работиме на тоа“, рече Калас.

Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, истакна дека во последната деценија повеќе земји ја напуштиле Европската унија отколку што влегле во неа, додавајќи дека „време е да се смени тој тренд“.

„Проширувањето е најмоќната геополитичка алатка на ЕУ и колку е поголема Унијата, толку е помоќна“, рече Мецола и предупреди дека ако ЕУ не работи на тоа да ги вклучи земјите од Западен Балкан, тогаш тоа ќе го искористи некој друг.

Германскиот канцелар Олаф Шолц оцени дека ова е важен самит со земјите на кои пред две децении им беше ветено членство во ЕУ.

„И сега мораме да го завршиме овој процес со сосема ново темпо, така што изгледите за пристапување ќе се трансформираат во вистински пристап“, рече германскиот канцелар.

Шолц додаде дека земјите од Западен Балкан мора да ги спроведат неопходните реформи, но посебен акцент стави на решавање на билатералните прашања, како меѓу земјите од регионот, така и со членките на ЕУ.

Самитот се одржа непосредно по важните одлуки на Брисел поврзани со процесот на проширување. Црна Гора затвори три поглавја во пристапните преговори, а Албанија отвори еден кластер.

Србија се надеваше дека ќе го отвори кластерот 3 во декември, меѓутоа, во отсуство на едногласност меѓу членките, ЕУ го покани Белград да развие преговарачка позиција, а Брисел ќе се занимава со ова прашање по значителен напредок на Белград во однос на владеење на правото и дијалогот со Косово.

Од 2020 година, самитите ЕУ-Западен Балкан станаа редовни и се одржуваат еднаш годишно.

Санкции од САД за Сташа Кошарац, лица и фирми поврзани со семејството Додик

Сташа Кошарац, министер за надворешна трговија и економски односи на БиХ (архивска фотографија)
Сташа Кошарац, министер за надворешна трговија и економски односи на БиХ (архивска фотографија)

Сташа Кошарац, министер за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина е ставен на листата на санкции на Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) на Министерството за финансии на САД, објави оваа институција денеска (18 декември).

Кошарац е додаден на листата заедно со уште три лица и четири компании. За него, OFAC наведува дека тој често добива задача од Милорад Додик, претседателот на Република Српска и лидер на Сојузот на независни социјалдемократи кој е под санкции од САД и Велика Британија поради неуставни дејствија, да ја „злоупотреби својата службена положба во корист на Додик“.

„Кошарац ја користел својата позиција за да ја поткопа ефикасноста на државните институции во корист на Додик“, наведува OFAC, додавајќи дека, меѓу другото, во текот на 2024 година го блокирал нормалното функционирање на Советот на министри за да обезбеди номинација на Додик за државна функција.

За останатите на списокот се изречени санкции бидејќи, како што се наведува во соопштението, „се дел од финансиската мрежа на санкционираниот претседател на Република Српска, Милорад Додик и му овозможуваат на семејството Додик да продолжи со обидите да избегне санкции“.

OFAC тврди дека останатите санкционирани лица соработувале со децата на Милорад Додик, а санкционирани се и фирми во нивна сопственост.

Изречените санкции значат, меѓу другото, замрзнување на имотот на тие лица и компании во САД, забрана на американските граѓани и компании да работат со нив, додека банките и другите компании и поединци во регионот и светот можат да бидат цел на санкции доколку соработуваат со нив.

„Додик и неговото семејство продолжуваат да се потпираат на доверливи соработници за да ги прикријат своите врски со нови бизниси, збогатувајќи се себеси и соработниците, а во тој процес се обидуваат да ги заобиколат американските санкции“, вели Бредли Т. Смит, вршител на должноста потсекретар на Министерството за тероризам и Финансиско разузнавање.

Тој додаде дека „САД ќе продолжат да ги разоткриваат овие напори и да бараат одговорност од поединците кои ги овозможуваат овие шеми“.

Милорад Додик е под американски санкции од 2017 година, поради заканите за Дејтонскиот мировен договор, а на листата повторно е ставен во 2022 година, и поради заканите за овој договор, но и поради неговата поврзаност со корупцијата во Западен Балкан.

Неговите деца, Горица и Игор Додик, се под санкции од октомври 2023 година, кога OFAC изјави дека тие „овозможуваат продолжување на коруптивните активности на Додик во босанскиот ентитет Република Српска“.

Нашето место е во ЕУ, порачува Мицкоски од Брисел

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски

Mакедонските граѓани и Македонија како држава го заслужуваат своето место со останатите 27 земји членки на Европската Унија, и нашето место е токму тука на истата маса заедно со нив, бидејќи ние споделуваме исти вредности и се бориме за исти вредности и веруваме во тие вредности, а тоа е да бидеме обединети во различностите.

Ова го порача од Брисел премиерот Христијан Мицкоски, кој во престолнината на Европската Унија ја предводи македонската владина делегација на денешниот (18 декември) Самит ЕУ-Западен Балкан.

Мицкоски денеска имал билатерален состанок со заменик претседателката на Европската Комисија и одговорна за надворешна политика и одбранбени прашања Каја Калас.

„Разговаравме за сите оние стравови и за сето она што ние како држава и како народ моравме да го направиме во минатото во име на тие исти европски вредности и дека никогаш повеќе не смееме не само поради нас туку и поради вредностите коишто ги споделуваме со Европската Унија да разговараме за билатерални прашања, за идентитетски прашања, и никогаш повеќе никој нема право да го оспорува нашиот многувековен идентитет и нашиот мајчин, македонски јазик којшто има многувековни корени“, истакнал Мицкоски, како што се посочува во соопштението од владината прес служба.

Посетата продолжува со билатерални средби на македонскиот премиер со премиерот на Полска, Доналд Туск кој ќе биде следниот претседавач на Европска Унија. А предвидена е и билатерална средба со премиерот на Шпанија, Педро Санчез, по што ќе учествува и на официјалниот Самит на Европската Унија со Западен Балкан.

Инаку, во најавата на Европскиот совет за Самитот ЕУ-Западен Балкан, се посочува дека лидерите на Унијата и на земјите од регионот ќе го искористат состанокот како можност за продолжување на новиот моментум во нивното стратешко партнерство, вклучително и размислувања за тоа како да се продлабочи тоа партнерство со цел европските партнери од регионот да се движат кон заедничка иднина во Европската Унија.

Предвидено е на Самитот, кој почнува доцна попладнево, да стане збор и за унапредување на интеграцијата на Западниот Балкан со ЕУ преку Планот за раст на регионот, продлабочување на соработката во повеќе области, вклучително и надворешната и безбедносната политика, изградбата на економска основа за заедничката иднината, ублажување на влијанието на руската агресија врз Украина, справувањето со миграцијата и борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Утре (19 декември), премиерот Мицкоски ќе учествува и на Самитот на Европската народна партија (ЕПП), кој ќе се одржи пред средбата на шефовите на држави или влади на членките на ЕУ.

Германија планира да го зголеми бројот на војници во НАТО

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус, Берлин, 3 март 2024 година.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус, Берлин, 3 март 2024 година.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска (18 декември) изјави дека земјата може да го зголеми бројот на своите вооружени сили на 203.000, додека НАТО сака да ги зголеми своите сили по руската инвазија на Украина.

Германските вооружени сили моментално имаат околу 180.000 униформирани војници.

„Планираме да го зголемиме бројот на униформирани лица на 203.000, а најверојатно одиме во насока на 230.000 поради целите на НАТО“, рече Писториус во парламентот во Берлин, а пренесува Ројтерс.

НАТО треба да договори нови „посложени цели“ за бројот на сојузничките сили и оружје во 2025 година.

Ројтерс пренесува дека владата на германскиот канцелар Олаф Шолц ги зголемила воените трошоци по руската инвазија на Украина во 2022 година, доведувајќи ги, за прв пат по децении, на ниво кое е во согласност со целите на НАТО.

Според овие изјави, прашање е како да се одржи таквата потрошувачка. Буџетските спорови ја соборија трипартиската коалиција на Шолц, што доведе до предвремени избори во Германија.

На 16 декември, Шолц го загуби гласањето за доверба во Бундестагот, што создаде услови за одржување на предвремени избори во оваа најнаселена членка на Европската унија (ЕУ).

Германскиот канцелар ја предводеше малцинската влада откако неговата трипартиска коалиција се распадна на 6 ноември, откако го отпушти министерот за финансии, со кој спореше за тоа како да ја ревитализира стагнантната економија на Германија.

Лидерите на неколку големи партии тогаш се договорија парламентарните избори да се одржат на 23 февруари 2025 година, седум месеци порано од планираното.

Починат маж и хоспитализирана жена во пожар во куќа во Скопје

Илустрација - Противпожарна служба
Илустрација - Противпожарна служба

Во пожар во куќа во Скопје што се случил ноќеска починало едно лице, а едно е хоспитализирано со симптоми на гушење.

Според соопштението на Министерството за внтарешни работи (МВР), на 18.12.2024 во 00.51 часот во СВР Скопје било пријавено дека на ул.„Финска“ во Скопје настанал пожар во куќа, сопственост 71-годишник.

Од МВР навдедуваат дека при гаснење на пожарот, од екипа на Бригадата за противпожарна единица Скопје бил пронајден починат сопственикот, а лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт. Додека, неговата 68-годишна сопруга, со симптоми на гушење била пренесена во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

Пожарот бил изгаснат, а увид извршила екипа на СВР Скопје.

Паолучи: Загадениот воздух убива околу 2.800 македонски граѓани годишно

Илустрација - Поглед на Скопје под магла и загаден воздух
Илустрација - Поглед на Скопје под магла и загаден воздух

Граѓаните на Скопје и Тетово се изложени на значително повисоки нивоа на токсични честички (PM2.5), во споредба со лица од Западна Европа. Ова го истакна директорот на Светска банка за Косово и Северна Македонија, Масимилијано Паолучи, на конференција во Скопје за квалитетот на воздухот.

Тој посочи и дека загадениот воздух годишно убива околу 2.800 жители во Северна Македонија, како и дека покрај напредокот од 1990-те, загадувањето на воздухот е сѐ уште високо, особено во зимските месеци.

Според првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, кој се обрати на конференцијата, првиот фактор е тоа што домаќинствата и индустријата сѐ уште користат неквалитетно дрво и други извори за греење, посебно во зимската сезона.

Тој на 16 декември ја претстави новата Планска програма за почист воздух 2024-2030 и рече дека целта на програмата е долгорочно и среднорочно решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во Северна Македонија.

Даме Димитровски, професор на Машинскиот факултет-Скопје, појасни дека програмата е направена врз база на долгорочни истражувања и најави строги инспекциски контроли на индустриските капацитети.

„Емисиите ќе бидат јавни и сите ќе бидеме сигурни дека тоа што се емитува е сигурно на европски ранг. Како што во 1963 формиравме силни научни институции, кога имавме проблем со земјотресот, сега сакаме да ги поддржиме научните институции да се бават со истражување за чистење на воздухот или за не загадување на воздухот и таква програма сме предвиделе“, додаде Димитровски.

Министерот Меџити порача дека инспекторите се веќе на терен, но и дека треба да се зголеми нивниот број за да може да се опфати целата држава.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG