Достапни линкови

Кои сензори за аерозагадување се подобри, тие на државата или на невладините?


Власта обвинува дека сензорите што ги поставиле невладините во Битола се „Али Експрес“ сензори, кои не ја отсликуваат вистинската слика со загадувањето. Платформата „Земи здив“ реагира дека имаат доверба во нивните сензори. Во Битола има две државни мерни станици, од кои едната не работи.

Министерството за животна средина и екологистите со различни гледишта за сензорите кои ги поставуваат невладините организации низ градовите да го мерат аерозагадувањето. За Министерството за животна средина мерните станици поставени надвор од државната мрежа на мерачи на загаден воздух се „Али Експрес сензори“. На ваквите критики реагираше платформата „Земи здив“. Тие во Битола инсталираа мрежа од девет сертифицирани сензори набавени од независната глобална светска мрежа AIRLY, за која велат дека е една од најдобрите во светот и мери ПМ10, ПМ 2,5 и ПМ 1 честички.

Во Битола има две државни мерни станици, едната во центарот на градот, а другата на излезот кон РЕК. Работи само едната, онаа во центарот. Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули вели дека ќе се постави уште една преку Интерег програма за прекугранична соработка.

„Сите локации на 17 мерни станици на Министерството за животна средина во земјава се согласно правилата на Европската Агенција за животна средина. Се бира да нема пречки, ружата на ветрови како се движи, не е едноставно да ставите сензор од 5 долари што ќе направи паника. Си има правила температурата на станицата да биде постојана, да биде бетонски заградена. И затоа се скапи. Локацијата се одбира врз основа на неколку параметри“, вели Макрадули.

Според него сензорите можат да даваат индикативни параметри, а не да се користат за сериозни политики за аерозагадувањето.

„Сензорите пак се индикативни за да оценат граѓаните дали ако е загадено надвор да не го пуштат детето да игра. Но, не постои членка на ЕУ која ја гради политиката на индикативните принципи, туку врз основа на овие скапи станици, кои внатре имаат по седум сензори. Во рамки на регионот според индикаторите што ги имаме сме лидери по мерењето што го правиме“, рече Макрадули.

Од платформата „Земи здив“ велат дека на пазарот може да се набават разно разни сензори со сомнителен квалитет од различни производители, па дека тие се одлучиле да ја користат глобалната светска мрежа Airly. Според нив, една од најдобрите мрежи во светот со 3000 инсталирани сензори во 20 земји, над 350 општини во светот имаат доверба во податоците и ги креираат нивните политики врз база на оваа мрежа, има 550 000 корисници на мобилната апликација. Сензорите се произведуваат во Полска, земја членка на ЕУ според сите стандарди и ЕУ директиви за кои поседуваат Декларација.

„Сите овие аргументи се доволен доказ за да ние како платформа и граѓаните стекнеме доверба кон оваа мрежа и правилно се информираме за квалитетот на воздухот во реално време. Нередовниот државен мониторинг во Битола кој е составен од 2 мерни станици од кои едната не работи, а другата не работеше скоро 7 месеци беа причините за да бидеме дел од оваа глобална светска мрежа со цел граѓаните на Битола да добиваат информација за тоа што дишеме во текот на целата година. Ние не сме конкуренција на државниот систем, туку напротив ние сме дополнување на она што не можеме да го добиеме од државен систем од различни локации низ градот во реално време за загадениот воздух“, велат од „Земи здив“.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG