Достапни линкови

Милевски предлага мерки против загадувањето во Битола


РЕК Битола
РЕК Битола

Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски предлага мерки за намалување на загадувањето на воздухот во Битола. Тој ќе побара првото поглавје со ЕУ да биде екологија и РЕК да се гасифицира.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски ќе побара првото поглавје што ќе се отвори со Европската унија да биде за екологијата. Тој на трибина на ЛДП во Битола рече дека документот што Франција го нуди за пристапни преговори и поглавјата како важен сегмент ќе овозможат и пристап до фондови за решавање на проблемите од одредената област, како што е загадувањето на воздухот во земјава.

„Да ги детектираме сите проблеми зошто е загаден воздухот конкретно во Битола и да бараме решение. Меѓутоа, тоа требаше уште вчера да го направиме, а не да чекаме утре. Наш предлог е ако сами не можеме да собереме финансиски средства, тогаш треба час поскоро отворајќи го тоа поглавје, спремни да ги пречекаме парите од ЕУ со готови проекти и ќе знаеме каде да ги инвестираме“, рече Милевски.

Тој предлага РЕК кој е еден од загадувачите да се гасифицира.

„Конкретно за Битола ако е главен проблем затоплувањето и РЕК Битола ајде да понудиме решенија за тие проблеми. Да видиме дали РЕК може да функционира на природен гас? Веднаш сите ќе речеме чекајте да не остане некој без работа. Дали е поважно здравјето на 80.000 луѓе, па и на цела држава зашто таму е најголемата житница од каде сите се снабдуваат со жито за леб или пак платите? Никој од ЛДП не сака да се избркаат тие луѓе од работа, туку дајте да го видиме начинот, постепено, блок по блок ако има можност да се промени начинот на греење. И да се најде соодветно решение или да останат тие луѓе на работа или со зголемени средства да им се помогне да се најдат во приватниот сектор“, рече Милевски.

Тој предлага парите што Електрани на Северна Македонија ги издвојуваат за обештетување на општините кои трпат загадување од производството на струја од фосилни горива во Битола да се наменат за спроведување на топлификација. Тоа е проектот кој се најавува со години, градот да се затоплува со топлинска пареа од РЕК наместо на дрва како сега, кои се еден од најголемите извори на загадување.

„Се залагаме оние средства што од ЕСМ доаѓаат за екологија во Битола, Могила и Новаци, во Битола да се искористат за да се субвенционира Јавно претпријатие за топлификација со цел да добиеме поевтино затоплување преку топлификација. Оној дел од градот кој што може да се топлифицира, другиот дел да се гасифицира бидејќи гасот доаѓа до Битола и третиот дел од градот каде што не може да поминат овие системи да се затоплуваат со инвертери. Така ќе се реши загадувањето во Битола“, рече Милевски.

Инаку, министерот за локална самоуправа е битолчанец, а доколку се успее градот да се гасифицира и топлифицира ќе биде голема придобивка за Битола.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG